Конечно сонце во Големото Јаболко! Со мал број ревии на 5 – ти и нешто повеќе на 6 – ти, започна долгоочекуваната модна недела во Њујорк. Како што и се очекуваше, светските дизајнери претставија одлични ready to wear колекции што ја најавија модата за сезоната есен – зима 2014/2015 година.
Organic by John Patrick
На првиот, неофицијален ден од модната недела свои колекции меѓу другите претставија „Organic by John Patrick“ кои вниманието го насочија кон вселената! Волуменозните здолништа од прекрасни материјали во комбинација со џемперите со интересна плетка и супер бои, беа одлична комбинација што ја најави студената зима.
Сите парчиња од колекцијата беа ултра удобни во одлични бои на вселената. Покрај тренди здолништата, во колекцијата на дизајнерот можеа да се видат и малку подзаборавените широки панталони до колена, овојпат во една поинтересна варијанта. Не изостануваа ниту волуменозните палта и куси јакнички во неверојатно свежи и светли бои. Што се однесува до материјалите, крзното, волната и плетениците беа во изобилство. Слободно може да кажеме дека вистинската инспирација на John Patrick била одличната Fly me to the moon!
Richard Chai Love
Благодарение на студеното и снежно време надвор, скоро сите посетители на њујоршката модна недела се појавија во удобни зимски чизми. Се чини дека истото, но на писта, го стори и Richard Chai Love кој своите модели ги облече во интересни куси чизми во комбинација со топли волнени капути како за машките, така и за женските модели. На пистата можеа да се видат и одлични бои во чиј спектар преовладуваа оние земјените. Покрај топлите палта, во неговата колекција беа присутни и фустани и здолништа со интересен дезен и супер крој.
BCBG Max Azria
Дизајнерите Макс и Лубов Азриа за следната сезона ни ја прикажаа можеби најубавата колекција на оваа модна недела (ако смееме да судиме пред време). Асиметричните фустани, здолништа и палта во совршен спој на прекрасно свежи бои и комбинирани материјали беа дефинитивно препознатливи за брендот. Одлични вибрации од 70 – тите на колекцијата им дадоа и чизмите до колена кај женските модели со кои брендот ги врати присутните во едно од најубавите доба на модата. Прекрасните и нежни палта од комбинација на волна, крзно и по некое парче кожа, на колекцијата им даде неверојатен женски шарм и романтизам за кој се надеваме дека ќе владее следната зима!
Creatures of the wind
Не можевме, а да не го забележиме и најзабележителното! Прекрасната сина шминка кај моделите и нежните, романтични фризури! Во комбинација со можеби малку поострата колекција за разлика од шминката, брендот прикажа навистина добра колекција. Долгите фустани во супер бои и одлични материјали како кадифе, свила и шифон заедно со пенкало здолништата и тренди зимските палта со супер крој и дадоа вистинска нота на сензуалност на целата колекција. Во колекцијата можеа да се најдат и прекрасно скроени куси женски палта со кул дезени, но и пелерини за обожавателките на широките парчиња. На пистата можеа да се видат и супер свежи парчиња во бела боја, со што уште еднаш дизајнерите ни покажаа дека белата ќе биде боја што дефинитивно ќе ја одбележи следната сезона.
Creatures of Comfort
Можеби слични во името, но сосема различни во колекциите. Додека на ревијата на претходно споменатиот бренд имаше една од најдобрите шминки досега, на ревијата на Creatures of Comfort имаше минимална или речиси и ја немаше. Што се однесува до фризурите на моделите, тие беа направени да изгледаат сосема неуредни, односно буквално, како после дожд! Иако и самата Бијонсе на настапот на Греми можевме да ја видиме со слична фризура, сепак нам некако не ни се допаѓа. Што се однесува до колекцијата пак, таа дефинитивно беше една од најносливите во која изобилуваа ултра свежи и забавни бои. И тука, слично како и кај другите, моделите носеа волуменозни долги и куси палта од волна, шалови, марами, долги и широки фустани, но и помалку елегантни блузички и здолништа. Чевлите беа доста впечатливи во бела, црна и кафена боја, претежно чизми и сандали носени со чорапи. Одлични беа волуменозните чанти во црвена и кафена боја кои беа како создадени за расположение во зимските денови.
Desigual
„Ширете љубов“ очигледно беше пораката што шпанскиот бренд Desigual сакаше да ја сподели со своите обожаватели. Тие ги имаа најрасположените модели на пистата кои ја доловија колекцијата на прекрасен начин и го кренаа расположението на публиката на неверојатно ниво. Како што и знаевме дека ќе биде, многу боја, многу тренди и шик парчиња, куси фустанчиња, модерни тесни и широки блузички и лелеави фустанчиња беа само некои од одличните парчиња во колекцијата. Можеби највпечатливи од сите графички создадени парчиња со неверојатно добри принтови беа оние цветните фустани, оние со неодоливи точки и секако црно – белите што ќе стават тренди печат на следната есен – зима сезона.