Уникатни и впечатливи колекции на првата вечер на Моден викенд Скопје

1 април 2017

Втората ревија на првиот ден од Модниот викенд Скопје ги претстави најновите парчиња уникатен италијански накит од „Sigma Jewelry“ под слоганот „Пролет е време за убави нешта“.

Веднаш потоа, својата прва ревија ја имаше и младата Емира Имери со колекцијата „Heyoka” за пролет-лето 2017 година.

„Уникатноста на оваа колекција се огледува во специфичните и внимателно одбрани материјали за да се долови дизајнот на перфектен начин. Колекцијата со себе носи посебна живост и дополнување на духот на силните жени кои ги носат креациите“, вели Имери.

Вечерта ја заокружи колекцијата на „Alshar by Silvija Miha“ под името “Out of Africа“.

„Инспирацијата за колекцијата е од филмот „Моја Африка“ (Out of Africa), поточно од ликот на Карен кој го глуми Мерил Стрип - прикажана како борец, голем индивидуалист, истовремено силна и принципиелна личност. Колекцијата го има сенсот на колонијална Африка и претставува современо видување на креациите што ги носи Карен - парчиња инспирирани од сафари стилот. Креациите се со нагласени геометриски и архитектонски форми со изразен волумен и асиметричност“, објаснува дизајнерката Силвија Михајловска.

Ревијата беше проследена со настап на Тèа Шалдева - со специјално подготвен DJ-сет.

За студентите од Институтот за дизајн и инженеринг на облека при Технолошко-металуршки факултет, 2017 година ќе значи „Метаморфоза“.

Под менторство на професорката Лидија Георгиева, тие вечерва ќе ги презентираат своите дизајни во три фази, од кои првата е изложба во рамките на петнаесеттиот Моден викенд Скопје.

Емира Имери

Водени од оваа тема ќе развиваат идеи налик на трансформација на пеперутка, или можеби некој друг организам. Повторно во соработка со идните биотехнолози од ТМФ, покрај модата, интерпретацијата на оваа тема ќе биде заедно со актуелните трендови во гастрономијата.

Изведбата на молекуларна храна и пијалаци на катедрата за прехранбена и биотехнологија ќе биде придружена со изложба на накит од јадлива превлака.

Алшар

Втората фаза ќе биде одбележана со традиционалната модна ревија на ТМФ во јуни и на крај повторно учество на Модниот викенд во октомври со ревија, каде ќе биде заокружен целиот процес кој претрпел еволутивни промени низ сите фази. 

Фотографиите ги потпишуваат „Ани и Дими".

Објавено:
1 април 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
422 пати