Урбани парчиња и неверојатна елеганција на вториот ден од њујоршката модна недела

8 февруари 2014

Кул парчиња за кул девојки! Вака некако може да се опише вториот ден од њујоршката модна недела каде свои ревии имаа одличните Џејсон Ву, Зимерман, Ребека Минкоф, Rag & Bone, Hache и уште неколку други познати дизајнери.

На пистите на дизајнерите можеа да се видат навистина парчиња за сечиј вкус, па така Rag & Bone прикажаа неверојатно урбана и интересна колекција за шик девојки, додека одличниот Џејсон Ву ни прикажа еден друг правец, односно беспрекорна елеганција.

Зимерман

Се чини дека овојпат Зимерман се инспирирал од младата пејачка Лорд со оглед на тоа што шминката на неговите модели изгледаше идентично на нејзината. Настрана шминката, Зимерман прикажа одлична урбана и шик колекција на прекрасни младешки фустани во одлични бои и дезени. Сите креации на дизајнерот беа прекрасно изработени од неверојатно убава тантела во црна и бела боја, но на одличните фустани и здолништа не изостануваше ниту беспрекорната свила која дизајнерката очигледно ја обожува. Сосема шармантни беа и женските костими прикажани во колекцијата, за кои се чини дека ќе ги гледаме многу често на омилените девојки од Холивуд со оглед на нивната опседнатост со машката мода. Ние дефинитивно сакаме да бидеме Зимерман девојка следната сезона!

zimmermann

Џејсон Ву

Ништо друго не смееше да се очекува од дизајнерот, освен беспрекорна женска елеганција на пистата. Дизајнерот уште еднаш ни покажа зошто е еден од најголемите миленици на холивудските дами. Во неговите креации како и досега, имаше одредена доза на неверојатна мистичност, што ги правеше фустаните, здолништата, палтата и сѐ останато уште поубави. Ревијата на дизајнерот ја отвори прекрасната Адриана Лима во совршен крој на црн женски костим и најави дека тоа ќе биде вечер за паметење. По неа можевме да ја видиме и прекрасната Карли Клос во одличен фустан чии бои неверојатно се прелеваа и палто со кое ќе посакаме да се топлиме следната зима. Што се однесува до шминката и фризурите на моделите, истите беа минимални и беспрекорни и сосема нежно ги истакнуваа моделите. Покрај одличните фустани, панталоните и палтата со прекрасен крој беа нешто на што не можеме да одолееме...

Jason Wu

Ребека Минкоф

Практична, лежерна и ултра удобна! Овие зборови се совршените за да се опише колекцијата на одличната Ребека Минкоф. Сите парчиња од колекцијата и беа неверојатно практични со оглед на нивната волуменознос и комфорт. Во комбинација со британското електро – поп дуо АлунаЏорџ, дизајнерката приреди одлично шоу со есенско-зимски парчиња што дефинитивно ќе бидат едни од најпосакуваните кај девојките. Сите парчиња од колекцијата беа комбинација од машки и женски елементи што дополнително ја правеа жената да изгледа неверојатно самоуверена. Прекрасните тренди долги капути во свежи бои и кусите интересни јакнички, само ни навестија што можеме да очекуваме од следната зима. Она во што ние сме сигурни дека сите парчиња од колекцијата како зимските капи, прекрасните чанти, панталоните и шик потпетиците во свежи бои се нешто што сакаме да го видиме веднаш во нашиот плакар.

Rebecca Minkoff

Rag & Bone

Дали го оставивме најдоброто за крај? Па...може да се каже! На пистата на одличните Rag & Bone можеби најинтересниот момент беше тоа што тие ги испишаа имињата на некои од познатите модели на парчињата што тие ги презентираа. Одличните свилени куси јакнички од колекцијата на позадината ги носеа имињата на Џорџија Меј Џегер, на србинката Мијо, прекрасната Џоан Смолс и уште неколку други кои добија посебен третман. Покрај ултра урбаните куси јакнички, како и во другите колекции на дизајнерите можеше да се види навистина одличен крој на женски класични панталони со урбани ефекти. Покрај ваквите, дизајнерите прикажаа и куси панталони со интересен крој во комбинација со плетени џемпери и палта во монохроматски бои. Свилените лелеави панталони во комбинација со прекрасните волнени палта во свежи бои ни најавија луди и кул комбинации за сезоната есен-зима!

Rag & Bone

Hache

Карирани палта, фустани, здолништа, тренди парчиња со анимал принт беа само некои од шик парчињата од колекцијата на Hache. Земјените бои со по некое ултра црвено парче е она што според Hachе ќе биде хит следната зимска сезона. Можеби ова беше колекцијата што нам ни беше најмалку допадлива со оглед на недефинираните парчиња и кроеви без, се чини нималку шарм и романтизам. И кај оваа колекција ќе ги споменеме класичните женски панталони како едни од највпечатливите и најдобрите парчиња можеби во комбинација со волнените палта со јаки во интересни бои.

Hache

Пссст... Ние сакаме сите парчиња од колекцијата на Џејсон Ву веднаш да се најдат во нашиот плакар!

Објавено:
8 февруари 2014
Категорија: 
Колекции