Урбаност, елеганција и колорит од првиот ден во Милано

20 февруари 2014

Што очекувавме, тоа и видовме. Првиот ден од миланската модна недела за сезоната есен-зима 2014/15 почна ултра модерно и уникатно. Од претставените колекции кај сите се забележуваше употребата на впечатливи бои,  кои некако се истакнаа пред оние темните карактеристични за зимскиот период. Како едно од најочекуваните претставувања беше она  Гучи , кои двапати на временски период од еден час, репризно ја прикажаа најновата колекција.

 

Франческо Скоњамиљо

Опуштено контрирање од материјали и бои

Франческо очигледно се стремел кон сензуалноста на жената. Тој од својата колекција презентираше парчиња кои се лесно компактни не само за зимската сезона туку и за останатите. За таков момент придонесоа нежните транспарентни материјали и откриени пресеци кај градите. Највпечатливи беа едноставните комбинезони во впечатливи силни бои како: портокалова и циклама, кои иако лесни и лелеави одлично се надополнуваа со темните капути со високи раменици. На класичните палта и панталони со висок струк беа аплицирани везови кои едноставното го усложнија во целосна компактност.

 

Фаусто Пуљизи

Дизајн со американски почит

Од ревијата на дизајнерот Фаусто, дефинитивно преовладуваше урбаноста. Геометрискте принтови, колор блоковите, и принтот од Статуата на Слободата,  беа во фокусот од претставувањето кое вклучувашe:  здолништа во различни должини и кроеви сo нагласена половина, прекршени преклоп форми, но и такви со многу имплементирани камења што ги правеа креациите луксузни.

Феј

Младешки дух во спој со елеганција

Бомбер јакните и капутите сега добија модифицирана бунтовничка варијанта. Колекцијата на брендот Феј вклучуваше здолништа, панталони, спортски јакни, долги капути во едноставни кроеви и различна текстура. Во однос на боите преовладуваа црно-белите комбинации, сивата и сенф жолта. Заедничко за сите беше урбаноста и младешкиот сензибилитет од истите.

 

 

N.21

Луксузна зима за сите со нагласен индивидуализам

Пердуви, природно крзно, ситни светкави каменчиња вклучувајќи го и цветниот принт изработен во посебна техника, ја правеше колекцијата поразлична од сите останати. Монохроматските бои во случајот на N.21, одлично се совпаднаа со богатата текстура од здолништата и капутите, а најчесто беа во спој со бежовата нијанса. Иако повеќето од  дизајнерите се одлучуваат  да го избегнат природното крзно, во случајот не беше така. Па така на писта можеа да се видат крзна со долго и кратко влакно.

 

Алберта Ферети

Инспирација од шумските богатства

Со богати декоративни шумски елементи и благороднички изглед, беше презентирана ултра уникатна колекција на Алберта Ферети. Убавините на природата беа изработени од металик материјали кои создаваа рефлексија која потсетува на сончевите зраци. Колекција како од бајка, но реализирана  во посебни дизајнерски техники преку кои Ферети се издвојуваше од останатите замисли на дизајнерите за следната зима. Свечените тоалети беа  надополнети со масивни ѓердани во златна нијанса кои уште повеќе го засилуваа луксузот и гламурот од моделите.

Гучи

 Супериорен подвиг кон дневните парчиња и бебешки бои

Модните критичари сигурно останаа изненадени од најновата есен-зима колекција за 2014/15 на Гучи. Креативната директорка Фрида Џанини, на писта понуди момчешки формални креации  со едноставни кроеви. Од боите во фокусот беа бебешките нијанси небесно сина и розова, кои беа употребени на капути и миди здолништа, но не изостанаа ниту земјените и маслинестите нијанси. Кошулите беа изработени со суптилни карнери во предниот дел кај вратот, додека пак здолништа имаа благи фалти. За Гучи следната зимска сезона нема да биде толку темна, пред се поради тоа што на писта повеќе беа прикажани дневни отколку вечерни креации. Волнените меки материјали придонесуваа за нежен и романтичен изглед, додека пак животинските принтови од „ Пајтон“ чизмите на квадратна потпетица, ја покажуваа силната страна на жената.

 

Објавено:
20 февруари 2014
Категорија: 
Колекции