Версаче + Фенди + старите супермодели = Фендаче моден спектакл

27 септември 2021

Вака отприлика би звучеле впечатоците од вчерашната заедничка ревија на „Версаче“ и „Фенди“. Иако претходно во рамки на модната недела во Милано ги презентираа своите самостојни колекции, сепак она што најмногу се најавуваше беше заедничката ревија на Донатела Версаче и Ким Џонс, односно Силвија Фенди.

Како што претходно најавија, целта им е да пратат порака дека и покрај тоа што се конкурентски брендови, во вакви тешки времиња, на модната индустрија ѝ е потребно модно заедништво.

Интересно е и како е создадена колекцијата - Донатела креирала за „Фенди“, додека пак Ким Џонс за „Версаче“, нешто што вели било исполнување на сонот.

Како изјавија за странските медиуми, веднаш кликнале и се препознале.

„Јас ги следам сите млади дизајнери, ги има многу и има добри, но Ким Џонс има „лукс“ заднина, ја разбира луксузната мода. Исто така, Ким има огромно срце и кога е пријател со некого, дава буквално се'“, вели Донатела.

„Исто како и ти“, возвраќа Ким.

„И јас сум иста да, затоа имам неколку пријатели само. Ти мора да бидеш повнимателен со какви луѓе се опкружуваш“, го посоветува Донатела.

Што се однесува до колекцијата, и двајцата истакнаа дека погледнале во историјата, корените и днк кодовите на двете модни династии.

И кога на сето тоа ќе ги додадете супермоделите како Наоми Кембел, Кејт Мос, Кристен Мекменеми, Естер Канадас (а им се придружуваат овие од новата генерација - Џиџи Хадид, Ања Рубик, Имаан, Емили Ратајковски...), резултатот е ода на 90-тите.

Во креациите некако повеќе го почувствувавме „Версаче“, oваа колекција како да беше продолжение на нивната самостојна од пред неколку дена, но факт е дека и двата бренда се држеле до идентитетите и корените на брендовите, па затоа не изненадува изобилството на логотипови, сјајни ткаенини, луксуз како што вели Донатела.

Колекцијата ќе биде достапна за неколку месеци исклучиво во бутиците на двата бренда, за кои ова беше и повеќе од успешна соработка - барем кога е маркетиншката страна и медиумската во прашање. За продажната ќе ги почекаме статистиките.

 

 

Објавено:
27 септември 2021
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
2.459 пати