Версаче го обои третиот ден од миланската модна недела

28 февруари 2015

Ако ги сакате боите, тогаш несомнено ќе ја сакате и новата колекција на Версаче за есен-зима 2015/16 година. Донатела овој пат како да го сврте вниманието кон младите девојки, па создаде тренди, колоритна и младешка колекција, насловена како #Greece. Покрај бојата и присуството на „грчкото“ лого на Версаче насекаде, не може да се забележи и зголеменото присуство на буквите, односно името на брендот.

Всушност, оваа модна куќа ја креираше „алфабетската мода“ меѓу првите. Тоа го направи Џани во почетокот на 1990-тите инспирирајќи се од Џејмс Дин и Мерилин Монро, а Донатела го направи истото и вчера, но внесувајќи дигитални симболи, како хаштаг #, @...

Versace

Со тоа, дизајнерката уште еднаш ги поврза минатото и иднината, кои одлично функционираат во сегашноста. Она по што сигурно ќе „полудат“ девојките се високите чизми, со висока потпетица со логото на брендот, колоритните широки фустани, но и асиметричните тесни.

Versace

Полн погодок на Донатела и нејзиниот тим, а тоа го мислат и оние што беа дел од ревијата вчера, како Франка Соѕани, Ана Дел Русо, Карин Ројтфелд, Хелена Бордон и други.

Но, покрај Версаче, третиот ден од модната недела во Милано помина и во знакот на Emporio Armani, Етро и Блумарин.

И Армани, кој е сè поблиску до прославувањето на 40 години кариера, посегна по боите. Самото име на колекцијата Crossing Colors, веднаш ве интригира да погледнете што има друго освен препознатливите нијанси на сино и црно. Армани во модните додатоци и парчињата, направи вкрстување на виолетова и црна, црвена и црна, или пак трите истовремено. Забележливо е и присуството на карнери, со што можеше да се забележи и благото присуството на 1940-тите. Сепак, Emporio Armani ја понуди очекуваната естетика, каде што често доминира деловниот стил, освежувајќи ја со споменатите колорити, во кои ќе ја обои следната есен.

Emporio Armani

Emporio Armani

Emporio Armani

Emporio Armani

Ентериер преточен во модна креација, би бил описот на колекцијата на Етро, имајќи ја предвид инспирацијата на дизајнерката.

-После пролетната џипси колекција, сметав дека е време за „смирување“ и уживање во ентериерот – изјави Вероника Етро пред шоуто. Според боите, принтовите и дезените, инспирацијата произлегла од килимите и тапетите, од што произлегува естетика која не е ни малку минималистичка. Напротив.

-Контролиран максимализам е она што се случува во колекцијата. Направив микс од различни материјали во секое од парчињата – вели дизајнерката.

Во палетата на бои доминираат земјените тонови, со што таа сакала да потенцира на сигурноста на повеќе нивоа – сигурноста во домот, во животот, сигурност во себе.

Пачворк елементите, имплементирани во парчињата инспирирани од 1970-тите, како и сето претходно напоменато, даваат препознатлива Етро колекција, што ќе ги освои сите љубители на ваквиот тип естетика.

Etro

Etro

Etro

Etro

Блумарин пак, презентираше колекција посветена на сите жени што ја сакаат женственоста како доминантна карактеристика, но сепак со доза на острина и сексапил. Цветните мотиви како есенско-зимски тренд беа и овде присутни, а постојано имаше игра помеѓу лесните и тешки материјали.

Blumarine

Blumarine

Blumarine

Blumarine

Во продолжение погледнете ја комплетната колекција на Версаче, како и нашиот избор од останатите:

 

Објавено:
28 февруари 2015
Категорија: 
Колекции