Веќе е добро познато дека брендот „Версаче“ и неговите сестрински брендови, во центарот на вниманието ја ставаат женственоста, заводливоста и сексапилот.

Така е и овој пат, на Миланската модна недела. Но, есенската колекција на познатата модна куќа носи и друга порака (и преносно и буквално) – љубов, храброст, еднаквост!

На пистата која имаше интересно осветлување и внесе доза на футуризам, некако убаво се вклопи и споменатата порака на Донатела и нејзиниот тим. Тоа ни треба сега, тоа ќе ни треба и во иднина.

Освен што овие три збора ги стави на парчињата во форма на натписи или принт, есенската колекција содржи и транспарентни парчиња и оние во црна боја, што е секако очекувано.

Но, истовремено, се работи за носливи парчиња, при што особено внимание се обрнало на играта со ткаенини, слоевитоста и деталите. 

Освен нијансираните нијанси на сина, што одлично се вклопија со пистата, застапени се и портокалови и жолти, односно златни нијанси. И тоа не само на креациите, туку и во косите на моделите. Секој од нив имаше прамени во боја, што соодветствуваа со креацијата што ја носат, со што Донатела можеби сакаше да врати еден тренд од 1980-тите и 1990-тите.

Исто така, забележливо е и внесувањето на спортската естетика, особено видлива во првиот дел од ревијата. Впечатливи и се и 3Д апликациите во различни бои, што создаваат посебна динамика и веселост.

Последниот пак, беше резервиран за креации со свечен тон, сребрени тонови и сјај, навраќјќи се кон она што го споменавме уште на самиот почеток –женственоста и сексапилот.

Но, она што најмногу можеби ќе ги освои модните инсајдери, а особено блогерките и младата генерација е влијанието на уличната мода присутно во колекцијата, што на Донатела ќе ѝ донесе уште повеќе „Версаче“ љубители – и во смисла на продажба и во смисла на присутност на улиците низ светските метрополи.

Иако, некои оваа порака на брендот ќе ја сфатат како коментар на политиката на Трамп, Донатела вешто ја игра играта, оставајќи секој да се пронајде и сам да го протолкува значењето на овие три збора.

Објавено:
25 февруари 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
224 пати