Модната недела во Париз посветена на Висока мода, традиционално ја отвори модната куќа „Версаче“.

Дизајнерката Донатела и овој пат не отстапи од концептот да го слави женското тело и облини. Но, овој пат инспирацијата ја најде во спортската облека.

Оваа пролетна колекција би можела да се нарече и athletic couture. Шоуто го отвори новото лице Јасмин Винџалдум токму во спортска бомбер јакна, со бела основа и додатоци во неонски бои.

Освен бомбер јакните во комбинација со здолништа и панталони, колекцијата во голема мера е сочинета и од фустани, што (голото) тело го ставаат во преден план.

Всушност, тоа е и пораката на дизајнерката, дека женското тело е женската моќ. Со него жената може да ги оствари своите цели, притоа не мислејќи на сексуалноста и освојување на мажите, туку на моќта на здравото, обликувано тело на жена која вежба и се грижи за себе.

Токму затоа, инспирирана од хеланките и цврстината со која ги држат нозете, Донатела создаде тесни фустани што го „држат“ телото, надополнувајќи ги со детали што потсетуваат на врвки. На секогаш присутната асиметрија ѝ парираа спортските линии од една и геометриските од друга страна.

На пистата се појавија Роси Ханингтон Вајтли, Наташа Поли, Бехати Принслу, Лара Стоун, како и младата Џиџи Хадид кои комплетно ја пренесоа визијата на Версаче.

Роси Ханингтон

Особено се интересни сандалите со врвки што се врзуваат во јазол што ја надополнија приказната на колекцијата.

За шминката, поточно ефектот на „smoky eyes“ кој доминираше, се погрижи познатата шминкерка Пет Мекгрет.

Во наредните четири дена во Париз пролетните колекции од Висока мода ќе ги претстават и „Шанел“, „Диор“, „Армани“, Ели Сааб, „Скјапарели“....

Објавено:
25 јануари 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
654 пати