Вествуд во Будва: Балканската публика беше сведок на светски моден спектакл

2 јуни 2014

„Мојата облека ви дозволува да го проектирате вашиот карактер и таа е театрална во смисла дека е вистинска, добро дизајнирана и ти дава шанса да се изразиш себеси“, Вивиен Вествуд.

Откако пред неколку месеци официјално беше најавена ревија на култната британска дизајнерка Вивиен Вествуд во Будва, беше јасно дека ова е настан на годината за балканската модна сцена која после ова ќе ја потврди својата позиција на светската модна мапа.

Викендов Будва беше највозбудливата дестинација за сите вљубеници во авангардниот дизајн на „кралицата на панкот“, која на 31 мај, пред ѕидините на Стариот град на балканската публика и приреди светски моден спектакл кој на момент го пренесе чувството со кое секојдневно пулсираат модните метрополи Париз, Милано, Лондон и Њујорк.

Fashionel, заедно со тимот од модната куќа Елена Лука, имаше можност директно да присуствува на целиот спектакл, од утринските подготовки на сценографијата и техничките проби, преку динамиката зад сцената непосредно пред самиот старт на официјалната програма, па се  до финалното шоу кое апсолутно беше кулминација на шестмесечната организација зад која стојат агенцијата Мурано Монтенегро, компанијата Бока Груп, како и Туристичката организација Будва, која за овој настан издвои 20.000 евра.

Подготовки за ревијата

-Ова е одлична можност за промоција на Црна Гора. Ваквите настани овозможуваат да бидеме домаќини на луѓе од различни краеви, а вашето присуство е само доказ за тоа. Минатата година го имавме Кавали, оваа година изборот падна на Вивиен Вествуд, сметам дека секоја година ќе успееме да ги заинтересираме луѓето да бидат дел од вакви случувања, а со тоа и да ја посетат Црна Гора. Инаку, лично многу ми се допаѓа она што го работи британската дизајнерка. Присуствував на нејзина ревија во Лондон, а вечерва и носам нејзина креација, вели Маја од Туристичка организација Будва.

Вонсерискиот свет на Вествуд го допревме одблиску: преку нејзиниот авангарден пристап во уметничкото творештво, преку театралните крации кои само таа знае, инспирирана од историското минато, да ги преадаптира на современата модна сцена и да наметне свои тенденции, преку нејзини соработници и челни луѓе на брендот креативниот директор Џорџо Раваси, Карло Д'Амарио, Брижит Степутис, како и Клаудија Бенке и сосема достапни и приземни со кои имавме можност опуштено да поразговараме и покрај целата возбудлива тензија додека се финализираа подготовките пред почетокот на ревијата.

Backstage Backstage

-Првиот дел од шоуто е предколекција за пролет-лето 2015 година, а темата е англиска градина со рози и амазонска џунгла. Присутните вечерва ќе можат да видат модели изработени од светкави материјали, леопард принт, жакард ткаенини. После тоа следува краток филм со Лили Кол, која танцува на музиката на стариот англиски филм Red shoes, што ја носи пораката за климатските пораки и овој филм и е посебно драг на Вивиен и близок на тоа за што таа се залага и пораката што сака да ја испрати. Вториот дел од шоуто е комбинација на модели од архивата на Вивиен Вествуд, специјално одбрана за Црна Гора. Дојдовме на покана на државата, а од она што успеав до сега да го видам, оваа земја е многу убава, за Fashionel изјави Брижит Степутис од тимот на Вивијан Вествуд.

Пред возбудената публика меѓу која седеа и познати балкански личности од шоу бизнисот, претставници на дипломатскиот кор и медиуми од целиот регион, се отвори таа „магична кутија“ од ексцентричниот свет на Вествуд, кој ги спои нејзиниот нов дизајн и ретроспективни парчиња од линијата Gold Label.

За очекувањата од несекојдневната модна презентација, позборувавме и со младата црногорска дизајнерка Ивана Муришиќ:

-Ги сакам сите модни случувања во Црна Гора, но Вивиен е една од моите инспирации и воодушевена сум од самиот факт дека ќе гледам нејзина презентација тука. Нејзината работа ја следам од самите почетоци и ми се допаѓа влијанието што го има на панк музиката. Очекувам вечерва да видам ексцентричност, авангарда, да биде она што Вивиен е, но и неочекуваното... Се надевам ќе нè изненади. Ваквите настани се мошне важни за Црна Гора... Овде модната сцена сè уште се развива и на овој начин можеме да учиме да ги поставуваме лимитите. Но, исто така, овој тип настани се важни и за публиката, да биде упатена во тоа како работат светските модни ѕвезди и самите да постават некои свои режими и очекувања за понатаму.

Ивана Мурашиќ Ивана Муришиќ

Меѓу познатите ја забележавме и српската дизајнерка Маријана Матеус.

- Од дизајнерката имам неколку кошули и чанти. Не се пронаоѓам во нејзините фустани, затоа што не сум тип што носи корсети, но во модните додатоци – да. Со оглед дека и самата дизајнирам, инспирацијата ја наоѓам секаде, а овој настан сигурно ќе биде инспиративен, ова за мене е одлична прилика да видам нешто ново. Инаку, кога одам на ревии, одам од една причина- да си купам нешто ново, не сум само набљудувач, па не ја исклучувам таа можност и вечерва. Од она што го гледам и што се случува во Црна Гора, таа е на добар пат да стане препознатлива модна дестинација, сметам дека се развива во вистинска насока – изјави Матеус, која потенцираше дека се посветила на индустрискиот дизајн, па нејзините униформи не се продаваат во Србија и Црна Гора, туку само во Франција.

Маријана Матеус Маријана Матеус

Шоуто започна со екслузивен приказ на нејзината нова предпролетна капсулна колекција од линијата Gold Label за 2015 година. Темпераментот и слободниот дух  на Вествуд беа основниот предзнак и при изборот на боите, материјалите и конструкцијата на креациите, како и цветните принтови кои ја пренесуваа основната тематика на колекцијата: спој на контрадикторностите на англиска градина со рози и амазонска џунгла. Сепак имавме прилика во овој прв сегмент од ревијата да видиме и посмирени и поносливи парчиња, ама со доза на ексцентричност преку спојот на дезените,  театралната шминка и фризурите кои варираа од залижени на патец до волуменозни и натапирани украсени со модни детали.

Доминантна беше играта со структурата во делот на рамената за која дизајнерката се инспирирала од фустаните карактеристични за 17от век, волуменозните здолништа, розеви лелеави фустани од свила, геометриските риги во повеќе бои комбинирани на тешка свила, а повремено се појавуваше и леопардовиот принт. Елегантна експресија на Вествуд-жената која го разбира светот во кој живее, а истовремено е и артистична и со авантуристички дух.

Вториот сегмент од ревијата продолжи со ретроспективно навраќање низ дизајнерскиот опус на британската креаторка. Пролетната колекција за 2014 година, Everything is connected, која испраќа силна општествена и еколошка порака за подигање на човечката свест во однос на климатските промени, беше надополнета и со неколку машки парчиња меѓу кои ја видовме и фамозната „mountain hat“ која ја популаризираше Фарел Вилјамс.

Видовме и голем број иконски парчиња од архивата на дизајнерката. На пистата долга 40 метри доминираа дизајни со висок метален сјај, корсети со богати везови инспирирани од  Викторијанскиот период, волуменозни здолништа од свила под кои се наѕираше  многу тул, чевли со екстра високи платформи кои на момент се заменуваа со ниски гладијаторки.

Спектакуларниот настан го затвори венчаница на Вествуд која го заокружи слободниот дух на ревијата со нагласени волуменозни ракави и слободен лелеав пад во долниот дел.

На паузата помеѓу двата сегменти од ревијата на која беа презентирани осумдесетина дизајни на Вествуд за кои беа ангажирани 45 женски и машки модели од српската модна агенција Фокс, беше прикажан и краткиот филм „Red Shoes“ на режисерката Лорна Такер, кој е дел од еколошката кампања на Вивиен Вествуд, Climate Revolution – иницијатива преку која се настојува да се подигне нашата еколошка свест.

-Кастингот и фитингот траеја цели три дена. Беше макотрпна работа... Вивиен имаше идеја за тоа како моделите треба да изгледаат, па според тоа и се бирани. Она што сега ни создава проблем се чевлите, но се надевам дека сите манекенки ќе преживеат (се смее). Инаку, се пријавија околу 100 девојки и 60-тина момци модели, а од нив избрани се 30-тина женски и 10 машки што ќе се појават вечерва на пистата. Ова што и публиката во Црна Гора имаше можност да го види од дизајнерката е патувачко шоу. Токму од тие причини ние имавме можност да видиме како досега тоа се работело и добивме огромни фотографии каде беше јасно претставено како моделите треба да изгледаат кога е шминката и фризурата во прашање. Агенцијата Фокс беше задолжена за бирање и на моделите за ревијата на Кавали минатата година, а голем број од нив работат и надвор. Но, она што е многу позитивно е што Црна Гора има ваков тип на случувања и ќе ги има секоја година, па моделите не мора да одат во странство за да работат за големи имиња, туку се е поврзано во рамки на локално случување, што е идеална комбинација, кажа Марко Николиќ од модната агенција Фокс.

По завршувањето на ревијата гостите не го криеја воодушевувањето и со нас ги споделија нивните имресии.

Во публиката ја забележавме и македонската манекенка Дунавка Трифуновска, која емотивно го доживеа целото модно шоу:

- Ја сакам авангардата, а Вивиен Вестувд е мајка на авангардата. Ја сакам слободата која Вивиен ја има. Таа не се грижи дали тоа што го работи на некој ќе му се допадне или не, на неа ѝ се допаѓа и го прави тоа. Таква сум и јас, и затоа се пронаоѓам во она што го создава. Ако треба да бирам нејзино парче за одредена пригода, тогаш би сакала венчалниот фустан да ми е со нејзин потпис.

Но, ова не е прво искуство на манекенката со британската дизајнерка.

-Таа ми беше во првиот ред на првата ревија на Академија Италијана, кога првпат учествував, во Фиренца. Академијата имаше и свое претставништво кај нас, па сите ревии ги работеа манекенки од Италија и Македонија. Тоа беше многу убаво искуство, но не беше многу медиумски пропратено. Тоа го покажува и недостатокот од медиум како Фешнел кој би го проследил тоа, затоа и ми е драго што на еден ваков настан гледам екипа и од Македонија.

Маријана Матеус и Дунавка Трифуновска Маријана Матеус и Дунавка Трифуновска

Претставници од тимот на Елена Лука, професионално го проследија модното шоу по чие завршување беа инспирирани да ги раскажат своите впечатоци.

-Девојките беа со маски кои ги тргаа нивните ликови (идентитети),  нагласувајќи ни, дека Нејзината мода припаѓа секому. Креациите беа мешавина од  контрасти: грубост и мекост, силина и пригушеност, тврдост и мекост. Високите потпетици ја изделуваа креацијата од овоземното. Кога мислите дека ревијата поминува во креации, чија намена е за некој друг настан, недостапен за овој свет, во тој момент,  Таа прави пресврт и поентира над Вас. Тогаш пред  Ваши очи циркулираат класични машки костуми, со класични кроеви и кога Ве будат од шокот на илузијата со реални моменти, гледате дека во класичните кроеви има игра со должината на панталоните и со страничната  широка трака, која дава панк момент. Музиката е совршено  склопена со самата ревија,  Ве хипнотизира и во еден  момент  од звуците веќе знаете, каков нареден модел ќе се појави, која боја и кој крој ќе го има.  Ликовите на В.В. беа палета која се движеше низ етапите на една бајка, финалето на таа бајка, беше матримониум, како што беше и последната девојка која се појави со венчаница, вели Илија Илов, претставник на маркетинг тимот на Елена Лука.

Претставници од Fashionel и Елена Лука. Женскиот дел од тимот во креации на Елена Лука Претставници од Fashionel и Елена Лука. Женскиот дел од тимот во креации на Елена Лука

На неговото размислување се надоврзува и креаторката од дизајнерскиот тим на Елена Лука, Маја Кикириткова:

-Кралица, панк рок, Британија, еко мода... сето ова со едно име би го нарекла Vivienne Westwood. Токму оваа британска кралица уште еднаш докажа дека нејзината кретивност нема крај. Будва беше во знакот токму на оваа црвенокоса. Рефлекторите кои ги имаше во изобилие, долгата писта, вртоглаво високите потпетици, фризурата и шминката, само ја надополнуваа целата колекција. Манекенките во брз ритам како да лебдеа по звуците на музиката. Колекцијата беше спој од цела кретивна 2014 година за дизајнерката. Поделена во два дела, надополнета со  кратко видео помеѓу, во ниеден момент не можеше да се почувствува досада на осумдесетте аутфити кои продефилираа по долгата писта. Спој на Ready to wear и couture, за сечиј вкус можеше да се пронајде парче облека. Од природните материјали, преку кои дизајнерката ја декларира еко модата, беа изработени парчиња кои истовремено имаа лелеавост и крутост во себе. Кројот на корсетите, исто како оние од Викторијански период, но без ниту еден шав, ја надополни тежински самата колекција. Машките одела, кои до перфекција беа сошиени, даваа една силуета на цигарета форма. Фустаните карактеристични за неа, слоевити, масивни, во ритамот на музиката, играа на самата писта. Целата ревија беше заокружена со венчаница со нагласени раменици и многу волумен и лелеавост во здолништето.

Иако Вивиен Вествуд не се појави лично на настанот, нејзините крации се толку автентични и гласно зборуваат за неа, што доволно силно и суштински ни го пренесоа нејзиниот сензибилитет што впрочем беше и целата идеја на организаторите. Според впечатоците, очекувањата на публиката се исполнети. Ова беше едно од ретките модни шоуа на Балканот кои ја поттикнуваат иницијативата да се прошири светската модна карта. После Кавали од минатата година, и Вествуд останува да видиме со кое име ќе не' изненадат организаторите следната година, а со тоа уште еднаш ќе ни ја доближат светската модна сцена.

Објавено:
2 јуни 2014
Категорија: 
Колекции