Викенд исполнет со машка мода со нота женска елеганција на њујоршката модна недела

10 февруари 2014

Викендов беше апсолутно забавен за Њујорк. Некои од најголемите имиња во модата ги прикажаа своите колекции за есен – зима 2014/2015 и уште еднаш докажаа дека навистина се исплатеше целото чекање. Секој од дизајнерите ни предложи сосема уникатни и тренди парчиња за следната сезона, за буквално секоја прилика. Во продолжение прочитајте го прегледот и погледнете некои од највпечатливите парчиња од нивните колекции.

Дијан Фон Фурстенберг

Поминаа точно 40 години откако прекрасната Белгијка со интересно име и уште поинтересни соништа го создаде и денеска омилениот фустан на преклоп. Оттогаш, истиот стана едно од најбараните парчиња кај девојките и прекрасна глетка за мажите. Овој викенд, дизајнерката претстави подеднакво прекрасна колекција за која се чини дека најмногу се „шушкаше“ во модните кругови. Сите парчиња беа неверојатно модерни и тренди, а на пистата секако можеа да се видат и голем број варијации на фустанот на преклоп. На пистата можеа да се видат неверојатно свежи бои, како виолетова, црвена, кралско сина, жолта, но можевме да видиме и голем број парчиња во монохроматски бои, како и кафена, црна и темно црвена. Можеби најголем впечаток ни остави последниот дел од ревијата кога дизајнерката претстави прекрасни и неверојатно секси фустани во жолта и златна боја.

Diane von Furstenberg

Дона Каран Њујорк

Секоја сезона, Дона Каран бара инспирација во нејзиниот Њујорк за нејзините нови колекции. Дизајнерката и нејзиниот тим во колекцијата за сезоната есен-зима ја слават разновидноста на градот што никогаш не спие и токму тоа и го покажаа на пистата. Одличното шоу тие го започнаа со видео на кое присутните можеа да видат дел од секојдневието на младите Њујорчани, по што започна и одличната ревија. Тотално урбани и модерни женски костими со волуменозни палта беа дел од колекцијата на дизајнерката, кои моделите ги носеа на секси начин. Покрај костимите, дизајнерката подготви и одлични фустани што ја следеа линијата на телото во супер дезени и урбани бои. Во колекцијата не изостануваа ниту машките супер парчиња како панталони со одличен крој, куси јакнички и одлични блузи и палта. За потопла сезона, дизајнерскиот тим креираше и прекрасни женски бундички и зимски палта што во комбинација со патиките на платформа и урбаните чевли сигурни сме дека ќе бидат полн погодок следната сезона.

DKNY

Викторија Бекам

Сите ја очекуваа со огромно нетрпение и таа секако се оправда на крајот. Креативната Британка чие име станува сѐ поомилено во модната индустрија, и овојпат претстави неверојатно елегантна и нежна женска колекција. Парчињата што таа ги подготви за сезоната есен – зима 2014/2015 се дефинитивно нешто што секоја жена мора да го има во плакарот. Безвременските женски палта, капути и фустани на кои веруваме дека никогаш нема да им „помине модата“, беа вистинскиот погодок со кој Викторија уште еднаш ја освои женската публика. Дизајнерката и овојпат ги одбра се чини, нејзините омилени бои како црна и бела кои преовладуваа во скоро цела колекција, со минимални примеси на црвена и сина како дел од само едно здолниште. Палтата и капутите се разбира дека беа со одличен и беспрекорен крој, но овојпат со интересен додаток, односно синџирче со кое се спојуваа двете страни. Што се однесува до фустаните, секако дека таа уште еднаш ги освои женските срца. Прикажа одлични фустани со сосема прав крој, но и долги што се ширеа и стануваа уште поубави надолу од половината. Заклучок: Викторија Бекам дефинитивно ја чека уште една сјајна и гламурозна дизајнерска година!

Victoria Beckham

Александар Ванг

Иако првичната идеја за оваа колекција на дизајнерот била преживување, некако се чини дека треба да очекуваме екстремни услови за следната сезона да можеме да ги носиме неговите парчиња. Иако кај дел од публиката предизвика одушевување, кај многумина го имаше спротивниот ефект. На пистата можеа да се видат сосема спортски парчиња со женски елементи и модни додатоци што не оставија некаков особен впечаток. Можеби најинтересни и најносливи од целата колекција беа чизмите над колена во црна боја за кои веруваме дека ќе бидат меѓу омилените парчиња следната сезона. Машките капути со безброј џебови како да го одвелкуваа вниманието од остатокот од комбинациите, за кои можеме да кажеме дека барем боите, беа одлични. Шминката и фризурата на моделите беа мошне интересни, а и во оваа ревија уште еднаш можевме да ги видиме моделите со избелени веѓи.

Alexander Wang

Прабал Гурунг

Целата колекција на Прабал Гурунг беше инспирирана од малата република Мустанг на Хималаите, што не беше отворена за посетители сѐ до 1992 година. Во парчињата можеше да се види и долови тамошниот дух на живеење, постоење, традиција и регион за што можеме да кажеме дека било навистина одлична инспирација. Сите парчиња претставуваа едно поинакво доживување на комфорот носен од жената со голема самодоверба. Според многумина, оваа колекција е една од најдобрите за брендот досега. Боите беа апсолутно прекрасни по што можевме да ја увидиме и мистичноста со која располага прекрасната република од каде дизајнерот се инспирирал. Во колекцијата имаше прекрасни лелеави здолништа, топли џемпери во темно црвена љубовна боја, одлични фустани од неверојатно нежен и шармантен материјал, но секако и екстремно топли парчиња за екстремни зимски услови. Секси женските костими не изостануваа ниту во оваа колекција, но овојпат во многу посвежи бои. За крај, може да се каже дека сите присутни уживаа во неверојатно елегантите парчиња со доза на студена хималајска мистичност.

Prabal Gurung

Лакост

Една од почетните инспирации на дизајнерскиот тим на брендот, се голф терените во Чинтако, Франција изградени во доцните 20 – ти од. Дизајнерот Felipe Oliveira Baptista создаде сосема релаксирани спортски парчиња во кои влегуваа тренди јакните со патент во комбинација со супер шик панталони и куси здолништа во А линија. За мажите, креативниот тим создаде интересни комплети од кралско сини куси јакни и подеднакво одлични широки панталони. Волуменозните џемпери кај девојките во комбинација со здолништата во одлични бои беа супер комбинација во која се чини ќе уживаме следната сезона. Одличните оксфордки на потпетица кај девојките и тренди патиките кај мажите, и дадоа шик завршница на целата колекција на одличниот Фелипе.

Lacoste

Објавено:
10 февруари 2014
Категорија: 
Колекции