Модната недела во Париз за Висока мода започна вчера, а денот помина во знакот на „Диор“. Сите со нетрпение очекуваа да видат како ќе изгледа првата ревија од овој тип на Марија Кјури за познатата модна куќа.

-Кристијан Диор, Ив Сен Лорен имаа идеја за потрадиционална висока мода. Галијано акцентот го ставаше на спектакуларното, додека Раф презентираше скромна висока мода. Па, јас си реков дека сакам да прикажам и одредам што оваа модна гранка ми значи мене и како ја разбирам – вели Кјури за WWD.

А нејзината замисла се парчиња што ќе бидат носливи и токму тоа е едно од првите нешта што ќе ги забележите. Фактот дека за секој сегмент од модната куќа постојат клиенти, Марија го стави приматот на носливоста, но во исто време преку амбиентот, темата, модните додатоци потсети дека не треба да заборавиме да сонуваме.

За таа цел ревијата се одржа во музејот „Роден“, поточно во градината, каде гостите беа навистина пренесени во еден бајковит свет. Со украсени дрвја со сијалички, машнички и кралски симболи, Кјури направи одлична поставка за презентација на балот под маски што следеше на пистата.

А маските всушност беа во форма на инсекти и беа одраз на драматичноста што дизајнерката сакаше да ја вметне. Што се однесува до креациите, доминантни беа оние во црна боја.

Дизајнерката направи всушност еден микс. Новиот изглед (the new look), доби своја Кјури верзија, а тоа особено се забележува во првиот дел од колекцијата. На некој начин, таа во колекцијата успеа да ги обедини естетиката на Кристијан Диор  и Сен Лоран, видливо особено преку строгите кроеви, природната поставеност на половината.

Од друга страна пак, доминантни беа и „самовилските“ фустани, со тул, тантела, мониста... Нема да негираме дека севкупната слика е магична, но не може да се рече дека не е веќе видена.

На моменти дури и ќе се запрашате, што всушност е печатот на дизајнерката.

Освен неколкуте фустани што навистина беа во духот со современието (металик креациите како и оние од кадифе, или елементи на кадифе), останатите потсетуваа на некое минато време, а на моменти и на естетиката на „Валентино“.

Крајниот впечаток е дека очекувањата од Кјури и реализацијата овој пат не се поклопија сосема. Сепак, носливоста и женственоста ја прават примамлива, па во галеријата погледнете ги сите креации и донесете свој впечаток.

За потсетување, вчерашниот прв ден од модната недела го отвори „Скијапарели“, кои презентираа колекција инспирирана од Азија. Со чисти кроеви и минимализам, тие останаа доследни на главната естетика на куќата. Но, со вметнувањето на апликации на змејови, раце, срциња тие дадоа и нова нота. Срцето како мотив и како „највиталниот орган во кој се содржат сите емоции“ доминираше, па беше аплицирано дури и на чизмите, што многумина ги издвоија како едно од најпосакуваните парчиња за претстојната сезона.

 

На првиот ден својата колекција ја презентираа и „Ралф и Русо“, кои внесоа нота на современост и урбаност, внесувајќи и комбинации што би можеле да се носат и преку ден.  Геометриските мотиви беа доминантни, но ништо помалку не привлекоа и софистицираните модели од свила. Гламурот на Стариот Холивуд беше присутен, како нешто што секогаш ќе биде актуелно и привлечно.

Објавено:
24 јануари 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
834 пати