Освен колекцијата на „Шанел“ која вчера го отвори вториот ден од модната недела за Висока мода во Париз и за која сите медиуми зборуваа, ништо помалку интересни за гледање и анализа не беа ниту колекциите на брендовите Armani Prive и Александре Вотје.
Овие две ревии беа последни на распоредот за вчера, а понудија микс на елеганција и урбаност.
Џорџо Армани остана доследен на женственоста, елегантноста и софистицираноста. Но, ги изненади сите со изборот на боја, која ја пласира како тренд за претстојната пролетна сезона – портокалова. Комбинирајќи ја со црна, многумина ги потсети на тоа „Дали портокаловата е новата црна?“, а тој ги остави самите да одлучат.
Имајќи го предвид ризикот дека ова е смела боја и не секому му прилега, Армани вели дека не се двоумел при изборот.
-Зошто портокалова? Затоа што е оптимистична боја. Им прилега и на русокосите и на бринетите. И затоа што е нова во стандардната Армани палета. Ова е нова генерација на брендот – изјави дизајнерот.
Од најсветли до најтемни ноти на портокаловата се застапени во колекцијата. Ја аплицира на сите парчиња – палтиња, панталони, фустани, здолништа. Особено ги фаворизира свилата и свилениот сатен како ткаенини и создава ласкави силуети.
Парчињата пак со монистра и кристали, го одземаат здивот. Портокаловата во комбинација со сивата, црната, тегет, сивата, добива посебно нијансирање, кое не можете да не го засакате.
Гламурозноста и егозтичноста на Кина што се проткајува како инспирација низ колекцијата, се ставени во преден план.
А во првите редови беа и две познати актерки Никол Кидман и Исабел Ипер, и двете со номинација за Оскар годинава. Нема сомнение дека и двете размислувале што би можеле да носат на црвениот килим, иако изборот на боја би можел и да ги предомисли.
-Признавам дека бојата можеби нема да им прилега на сите. Доколку Кидман и Ипер одберат креација од оваа колекција и нашиот бренд за големата вечер на „Оскарите“, ќе биде соодветно дотерана. Портокаловата е проблем на црвениот килим. Но, јас не можам да дизајнирам цела колекција од висока мода само за црвен килим. Јас дизајнирам за моите клиенти – искрен е Армани.
А овие дизајни во бои на пламенот, дефинитивно ќе му донесат нови.
Од друга страна пак, Вотје претстави сосема урбана колекција, за млади девојки и во негов стил – секси и провокативно. Тој за оваа колекција за висока мода презентираше фармерки украсени со кристали, кои ги комбинираше со секси корсети и топови, како и палта од твид со прав крој. Од друга страна пак, не беа изоставени и провокативните асиметрични мини фустани. Меѓу комбинациите беа и кожени панталони со патенти и џепери. За оние што сакаат и доза на гламурозност, дизајнерот понуди и креации со кристали, пердуви и транспарентна тантела.
Како комплетно изгледа неговата приказна погледнете во продолжение: