Висока мода Париз: Првиот ден во знакот на „Версаче“

4 јули 2016

Модната недела во Париз посветена на Високата мода започна вчера. Трендовите за есен 2016 ќе бидат презентирани сѐ до седми јули, кога ќе се претстават и дел од најпознатите модни куќи и дизајнери.

Првиот ден започна во знакот на три големи имиња – Алберта Ферети, Улијана Сергеенко и „Atelier Versace“, а во продолжение погледнете како изгледаа нивните колекции:

 

Алберта Ферети - Колекција за сонувачи

„Секогаш започнувам со сонувањето. Она што е уште поинтересно е кога сонот ќе стане реалност“, вели дизајнерката Алберта Ферети пред почетокот на ревијата.

Токму на остварувањето на соништата ја посветува и оваа лимитирана колекција. За некои тоа е и фустан што можат да го носат на некој голем настан. Ферети се стреми да ги исполни тие желби, но не со типични фустани од висока мода, како што вели и самата дизајнерка во буквална смисла на зборот, туку со специфични креации, што вклучуваат елементи на рачна изработка, но не се целите рачно изработени.

 

-Да, ова не е типична колекција на висока мода, каде сѐ е рачно изработено. Сепак, вклучени се квалитетни материјали, 3Д принтови и детали што секако се нашивани рачно. Токму затоа, оваа колекција ќе биде лимитирана, ексклузивна – објаснува дизајнерката.

Инаку, Алберта Ферети ја наметна романтичноста како препознатлива естетика на брендот, но овој пат направи чекор понапред. Се потпре повеќе на изборот на клиентите и создаде креации од кои може да се прочита – секси, диво, заводливо, темпераментно. Со влијание од 1920-тите и 1930-тите и чарлстон девојката од тоа време, тимот на овој бренд создаде нешто што веројатно ќе ги воодушеви помладите генерации. Особено се впечатчиви неверојатно убавите свилени реси, како и 3Д деталите што даваат сосема нов изглед на работата на оваа модна куќа. Од друга страна пак, ништо помалку не се впечатливи и креациите украсени со елементи од флора и фауна, изработени од светкави материјали. Последниот дел од колекцијата е сочинет од црни креации, за смирување на приказната, но не помалку специфично направени и достојни за еден ваков моден настан.

 

Улијана Сергеенко – колекција посветена на младоста

„Оваа колекција е посветена на младоста на нашите родители. Тие беа идеалисти и не се грижеа за парите. Во Советскиот Сојуз, младите луѓе сонуваа за тоа да го сменат светот, за тоа како да ја направат државата уште помоќна, да создадат нешто важно“, вели Сергеенко, за инспирацијата.

Имајќи го ова предвид, не изненадува доминацијата на бундите, што се несомнено едни од најчестите зимски парчиња на Русинките, особено во времето на родителите на дизајнерката, поточно 1960-тите.

 

Покрај нив, Улијана ја приближи оваа колекција на висока мода кон секојдневната, што по сѐ изгледа е тренд кој ќе биде застапен кај повеќето дизајнери, па приказната ја надополни со фустани, панталони, блузи, нешто што веројатно можело да се види низ руските улици. Доминантно е присуството и на светкавите материјали, како и ботаничките мотиви, за кои дизајнерката ќе каже дека се инспирирани од часовите по биологија од детството.

 

„Atelier Versace“ – нова естетика и сексапил

„Оваа колекција е различна за мене. Многу внимание посветив на драпирањето, а помалку на украсите и на тоа сѐда биде ултра секси“, изјави Донатела Версаче по повод тоа што може публиката да очекува од најновата колекција излезена од ателјето на „Версаче“.

И да, драпираните палта и јакни беа сосема во центарот, многу повпечатливи од секси тоалетите, кои и овој пат беа присутни, но не беа доминантни. Причината во тоа треба да се бара во факторот на изненадување што овие парчиња ги понудија, за разлика од вечерните фустани.

Донатела успеа во оваа колекција да спои неколку работи, по кои е и препознатлива.

Првин, си игра со материјалите (најзастапени свила, кашмир и сатен), асиметријата е нешто што неизостанува речиси во ниту една нејзина колекција, а си игра и со боите.

Овој пат видовме розова, пастелно зелена, но и црвена и црна, што и се очекува кога е „Версаче“ во прашање. Донатела повторно создаваше за моќните жени и моќта на внатрешната убавина, но даде сосема нов правец, што претходно го најави во ресорт колекцијата.

Таа е одлучна брендот да го носи во нов правец, каде сексапилот секогаш ќе биде присутен, но не и доминантен, што покажува и оваа најнова колекција.

 

Објавено:
4 јули 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
526 пати