Висока мода Париз: Шанел ги отвори вратите од пролетната градина

28 јануари 2015

Кога се најавува ревија на Шанел, сите очекуваат нов спектакл, нова приказна. А Лагерфелд и неговиот тим го знаат тоа и на публиката не само што ѝ го даваат очекуваното, туку и успеваат одново да ја воодушеват.

Овој пат нè повикаа во својата пролетна градина. Фасцинантно е зборот што би ја опишал сценографијата. Во прилог на тоа оди и податокот дека за 300 цвеќиња што го красат амбиентот околу пистата се работело дури шест месеци.

Исто така, на сите оние што можеби посакуваат некогаш да бидат дел од ваква ревија, уште повеќе ќе им се зголеми желбата знаејќи дека цветовите направени од хартија, расцветуваат директно пред очите на сите. Имено, на почетокот на ревијата, сите цвеќиња се во пупка, за по излегувањето на првиот „градинар“ кој импровизира нивно навадување, да расцветаат.

wateringcan_3177990a

А токму во тој момент и започнува модното шоу со првата креација на писта. Нема сомневање дека Легерфелд внимавал на сè до најситен детаљ, па така првите неколу креации се во интензивни бои, какви што се впрочем и боите на цветовите.

Оваа приказна, можеби некого ќе го потсети на онаа од 2009-та, кога Лагерфелд постави бели хартиени цветови на писта, но ова е далеку поразвиена идеја и приказна.

Иако многумина очекуваат театралност и костими кога ќе се спомене името Карл Лагерфелд, тој како предводник на Шанел, уште еднаш покажа дека прави реална облека, во која ќе се препознае секоја жена.

Ако Инес, Линда Еванџелиста и Клаудија Шифер некогаш беа неговите музи, тоа сега се Кендал Џенер и Кара Делевињ. Дел од познатите модни уредници инспирацијата на дизајнерот за цвеќињата ја најдоа и во приватниот стил на Делевињ. Уште еден „доказ“ за тоа дека контроверзниот Карл не ја ограничува својата инспирација и креативност се и шапките во оваа последна колекција.

-Дел од шапките се во духот на едвардијанскиот период и романтика, додека за другите се инспирирав од уличната мода. Видов дека плетените капи многу се носат, па одлучив да направа couture верзија на истите – објасни дизајнерот.

И тука е јасен и малиот пресврт на сензибилитетот во оваа колекција.

Инаку, освен шапките, на љубителите на модата внимание ќе им привлечат и здолништата со А-линија и долгите палта, кои се доминантни во првиот дел од ревијата. Но, никако не отсуствуваат ниту кусите палта од твид и капутите, но сега имаат нагласени раменици. Низ целата колекција е застапен трендот на здолниште со кус топ, односно присуството на гол стомак, нов момент кај Легерфелд инспириран од младешката мода.

Освен твидот, присутна е и тантелата и ленот, а најдоминантни се секако цветните принтови и апликации кои ги има насекаде – од малечките цветчиња на плетенките на врвовите на плетенките на манекенките, до големи и тридимензионални цветови на ракавите, на долниот дел од здолништата и капутите.

За крај беа презентирани раскошни невестински фустани богати со рачно изработени детали, кои го одземаа здивот на присутните.

Кога се чевлите во прашање, рамните кожени чизми беа единствениот избор.

Оваа вистинска магија од материјали и бои ги оправда сите очекувања. Лагерфелд направи своевидно поврзување на минатото со иднината, што потсетува на инспирацијата и работата на Раф Симонс од вториот ден на модната недела. Но, без разлика на сите коментари, Лагерфелд се држи до неговото мото – Гледај напред, другото не е важно!

Објавено:
28 јануари 2015
Категорија: 
Колекции