Висока Мода Париз: Скјапарели, Диор и Џамбатиста Вали доминираа на вториот ден

27 јануари 2015

Вториот ден на модната недела во Париз посветена на Високата мода започна со претставувањето на пролетната колекција на брендот Скјапарели, за потоа програмата да продолжи со претставувањето на Диор и да заврши со Џамбатиста Вали.

Скјапарели: модернизација на постоечкиот уметнички израз

collage1

По заминувањето на Марко Занини, модната направи ревија без да именува нов креативен директор. Диего Дела Вале кој стои зад овој бренд, упатува на можностите млади дизајнери да се вклучат во тимот и да внесат свежа крв, но сепак во соработка со поискусните членови.

Имајќи ги Карла Бруни и нејзината пријателка Фрида Келфа, немањето креативен директор не беше централно случување. Сепак, сите се посветија на она што тимот го сработел. А тимот се фокусираше на надреалистистичкиот аспект, кој е важен дел од творештвото на оваа модна куќа. Фустанот со долги ракави во интензивно зелена боја и кристали во гордниот дел, во форма на ѓердан, беше најсензационалното парче на оваа модна ревија. Меѓу повпечатливите парчиња беа и сребрениот светкав фустан со аплицирани ленти во повеќе бои, како и белите пантолони со висок струк и краткиот топ со идентичен дезен - срциња прободени од купидоновата стрела - во комбинација со со црно кусо болеро. На некои од моделите можеа да се забележат уникатни шапки, изработени од познатиот шапкар Стивен Џонс, кои на колекцијата и дадоа доза ексцентричност. Оваа колекција е еден вид модернизација на добропознатата класика на Скјапарели, со која брендот им се доближува не само на стандардните клиенти - почитувачи на високата мода, туку и на купувачите на ready-to-wear облека. А вклучувањето на Стивен Џонс и Питер Гуд, се продолжи традицијата на Елса, да се соработува со уметници.

Диор – обединување на три епохи

Раф Симонс секогаш отворено зборува за својата инспирација. Така, не е тајна дека досега ја истражуваше историјата. „Колку повеќе истражуваш, толку повеќе сфаќаш што може да произлезе од тоа“, вели тој. Овој пат истражуваше три декади и од 1950-тите ја „зема“ романтичноста, од 1960-тите експерименталноста, а од 1970-тите „дивата“ слобода. Со оглед дека ревијата течеше со музиката на Дејвид Боуви, Симонс потенцираше дека инспирацијата ја нашол и во него, односно неговата способност да биде камелеон. Знаејќи го сето ова, полесно може да се разберат комбинезоните со „психоделичен“ принт, „пластичните“ палта и чизми со цветен принт, плисираните здолништа со интензивни риги, како и фустаните со тантела во прав крој. Во секоја од креациите на писта се забележува неговата инспирација и мешањето на истите, како преку кроевите, така и преку материјалите, текстурите, боите.  Едно од најзебележителните нешта беше и изборот на фризурите – на постоечката коса на манекенките беше додадена друга на метални алки – нота на футуризам, а со тоа и спојување на минатите епохи со иднината. Така, Раф Симонс повторно го искористи времето и историјата, земјаќи го она што му треба и создавајќи нешто ново и урбано, нова историја, со што направи времето да работи за него и Диор.

Џамбатиста Вали: Разговор помеѓу Шанел и Џоплин

На сите оние што ја сакаат женственоста и романтичноста, ќе им се допадне новата колекција на Џамбатиста Вали. Инспирацијата се Коко Шанел и Џенис Џоплин, а она што беше вчера прикажано на пистата е „разговорот“ помеѓу нив. Така, со елементи од стилот на Шенел, претставени преку палтата и стилот на Џоплин претставен преку коктел фустан преку панталони, дизајнерот успеа да го спои она за што многумина сметаа дека не може да се спои. Освен веќе споменатите палта и комбинации на здолниште и фустан преку панталони, колекцијата е составена и од волуменозни здолништа , во комбинација со парчиња од транспаренти материјали, тантела... Забележително е и присуството на цветни принтови, со што уште повеќе се нагласува романтичноста и женственоста во оваа колекција. Кога гледате ревија на Џамбатиста Вали очекувате да видите и модни додатоци за глава, што и овој пат беше испочитувано.  За пролет 2015 дизајнерот се одлучи тоа да бидат ленти со панделка и мрежа во пределот на лицето.

Објавено:
27 јануари 2015
Категорија: 
Колекции