Сезони наназад модното дуо Долче и Габана својата колекција од висока мода ја прикажуваат посебно и тоа во Миланската скала. Така беше и овој пат. 

Доменико и Стефано овој пат ја искористија театарската сала, создавајќи амбиент кој во исто време е и мистериозен, интимент, но и драматичен.

Инспирацијата за оваа колекција тие ја најдоа во оперите на Пучини - „Тоска“, „Турандот“ и „Мадам Батерфлај“, но и во работата на миланската кројачка Бики, љубителка на големите шапки. Бики била задолжена за фустаните на познатите аристрократки во Милано, кога оделе во опера.

Меѓу нејзините клиентки била и Марија Калас, а Бики пак, била внука на Пучини. 

-Токму затоа, во колекцијата ќе ги видите и оперските певици и публиката - вели Доменико Долче.

Така, на пистата претставија фустани со широки здолништа, кринолини, а од друга се светкавите фустани, со припиена силуета и должина до под колена, кои треба да ја претстават модата кај гостите во текот на 1950-тите, 1960-тите и 1970-тите.

Нема потреба да се нагласува дека посебно се внимавало на украсите, а во оваа колекција дизајнерите се одлучија да вметнат и крзно.

Инаку, традиционално, шоуто на „Долче и Габана“ траеше два дена. Во саботата беше претставен машкиот дел од колекцијата, додека во неделата женскиот. 

Светските медиуми пренесуваат дека севкупното шоу било проследено со овации, што значи дека Долче и Габана и повторно го погодија вкусот на љубителите на модата, а овој пат и операта.

Објавено:
2 февруари 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
510 пати