Висока мода: Вториот ден во знакот на романтиката

26 јануари 2016

Вториот ден од модната недела во Париз посветена на Високата мода помина во знакот на романтичните креации.

Своите пролетни колекции ги претставија неколку познати модни бренда, а во продолжение ви ги претставуваме оние на „Диор“, „Скјапарели“, „Џамбатиста Вали“ и „ Ралф и Русо“.

 

Диор: Првата колекција по заминувањето на Раф Симонс

Иако Раф Симонс веќе не е дел од тимот на „Диор“, неговото присуство како сè уште да се чувствува. Цветниот принт и тоа ситниот е доминантен. На моменти романтичен, на моменти провокативен, во комбинација со транспарентни ткаенини, ја обликува приказната по која оваа модна куќа е препознатлива.

Меѓу трендовите застапени се и карнерите, особено присутни на горните делови на комбинациите, во пределот на деколтето, како и тантелата која доби нова форма.

Голите раменици се исто така присутни, но уште повпечатливи се фустани со асиметричните изрази. И додека едни сметаат дека оваа колекција на „Диор“ е полн погодок и совршено се вклопува во приказната на брендот, додека други пак сметаат дека сè е веќе видено и дека на модната куќа ѝ недостасува свежа креативност. Како и да е, сите очи беа вперени во ова шоу. А какви ќе бидат резултатите од него, останува да видиме.

 

Скјапарели: Храна и надреализам

На почитувачите на храната и кујната веројатно оваа колекција ќе им биде и повеќе од интересна. „Јадењето не е само материјално уживање. Фината храна нуди спектакуларна животна радост и придонесува за доброто расположение и дружење“, е цитатот на  Елса Скјапарели од 1954 година, на кој тимот на оваа модна куќа со задоволство се наврати и ја најде својата инспирација.

Токму затоа оваа колекција изобилува со мотиви и детали што вклучуваат разни зеленчукови и овошни плодови, корени, јастози, прибор за јадење, кинески сетови за чај, претставени на надреалистички начин.

Но, ако ја гледаме основата на фустаните, се работи за женствени, елегантни силуети, најчесто долги. Половината е нагласена, додека долниот дел е раскошен. И оваа колекција ги вклучи карнерите, но оние ситните и набраните. Интересен е и спојот на сериозните креации со плетените парчиња како кратки јакни или долги елеци, што додаваат романтична и по малку бохо нота.


Џамбатиста Вали: Доминација на карнери

Џамбатиста Вали и овој пат го употреби она во што најдобро се снаоѓа – волумен, карнери, тантела и апликации. Белата боја е доминантна, како платно кое одново и одново се слика со различни мотиви. Пролетниве вклучуваат цвеќиња и вез. На фустаните се забележува и викторијанското влијание, а ракавите се трендовски, ѕвонести и волуменозни. Иако многумина ги коментираат неговите волуменозни фустани од тул како торти, тој сепак најдобро знае да ги прави и не се откажува од нив ниту во оваа колекција.

 

Ралф и Русо: Истакната женственост

За оние што ја преферираат женственоста, најновата колекција на Ралф и Русо ќе биде нивниот фаворит. Романтичноста е и овде застапена и претставена преку широки силуети од една и смирени и сведени од друга страна, при што белата боја доминира. Флоралниот принт е присутен, но на дискретен начин. И тантелата е застапена што уште повеќе ја нагласува романтичната и женствена страна на жената.

Објавено:
26 јануари 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
1.009 пати