Висока мода: Женственост и свежина – новата колекција на Шанел е фантастична

26 јануари 2022

Шанел секогаш нуди комплетно искуство на своите ревии. Така беше и на вчерашната промоција на новата пролет-лето колекција од едицијата Висока мода. Почнувајќи од сценографијата зад која се потпишува извонредниот француски уметник Ксавиер Веилхан кој направил вистинско конструктивно уметничко дело во просторот, па преку грациозното отворање со принцезата Шарлот Казираги која на пистата јаваше на коњ и конечно, одличната идеја на Вирџин Вјард да ја претстави женственоста во една свежа, полетна и вибрантна колекција.

„Ова е летна колекција, па со тоа е и многу свежа, со многу везови. Бев инспирирана и од 20-те години – ќе приметите преку пердувите, порабувањето", вели Вјард во своето објаснување за колекцијата.

А ние видовме една ноншалантност и женственост, слободни и лелеави кроеви, транспарентни материјали, префинети рачни изработки, вклопени во колекција со ретро шарм која би посакала да ја носи секоја дама.

Здолништата и блејзерите се отворени, а под нив „ѕирка" тантела, карнерите и ресите додаваат малку драматичност, а потоа лесните ткаенини смируваат.

Колор-блок чевлите, на мала дебела штикла, во црно-бела комбинација му даваат леснотија на чекорот, без притоа да се изгуби елеганцијата и грациозноста.

Очигледно, 2022 година е време за растеретување, свежина и ослободување, барем во поглед на модата.

 

Објавено:
26 јануари 2022
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
299 пати