Возбудлив викенд на Модната недела во Њујорк: Бекам, Фурстенберг, Ванг...

15 февруари 2016

Модната недела во Њујорк викендов продолжи исто како што и започна – возбудливо! Набиената агенда на распоредот ги вклучуваше дел од најзначајните имиња во модниот бизнис како: Викторија Бекам, Александар Ванг, Дајан фон Фурстенберг, Прабал Гурунг, Џени Пекам, Алтузара и бројни други.
Секој во свој фазон ја прогнозираше модната сцена за една година од сега, односно за сезоната есен-зима 2016/17. Ви ги пренесуваме импресиите за дел од нив:

Викторија Бекам –Револуција на сопствениот стил

Викторија Бекам важи за дизајнерка која силно им е посветена на жените, нивната женственост, раскош и моќ и жена која што своите колекции често ги базира на својот личен стил. На Њујоршката модна недела овој викенд, таа претстави елегантна колекција создадена за успешните деловни жени.
Низ целата колекција се провлекува чувството на грациозност спакувано во носливи и практични, а естетски допадливи парчиња. Твидот комбиниран со волна го остава главниот печат на линијата за есен-зима 2016. Свилените блузи се комбинирани со црни панталони со висок струк и макси должина, а фустаните од твид во горниот дел се кроени во форма на корсет, додека во долниот дел добиваат широк волумен. Акцентот е ставен на нови, свежи аутфити соодветни за дневните комбинации на модерните жени.

 

 

Александар Ванг – Бунтовнички рокенрол од 1990-тите

Авангардниот дизајнер Александар Ванг следната зима ја дефинира со еден силен рокерски импулс инспириран од 1990-тите кога алтернативната мода се базираше на маички со натписи, комбинации на тантела и кожа, предимензионирани фустани и метални модни додатоци.

Сето ова сега е редефинирано во една современа димензија, која го задржала буновничкиот жар на рокенролот, а од друга страна добива нова дизајнерска нота во која лесно може да се прочита естетиката на Ванг.

 

Дајан фон Фурстенберг – Диско писта од 1970-те

Шармот на 1970-те години и темпераментот на диско ерата се носечката инспирација на новата зимска колекција на дизајнерката Дајан фон Фурстенберг. Женствени слоевити парчиња, широки фустани со ситен принт-препознатливи за естетиката на дизајнерката, долги шалови врзани во панделка околу врат или пуштени слободно да паѓаат, крзно преку рамо – дама со слободен дух, вака Дајан ја визуелизира жената следната сезона. Но, она што беше уште позначајно на нејзината презентација е тоа што направи еден чекор понапред во однос на формата на промоцијата и достапноста на парчињата и редуцирањето на времето од прикажување на писта до моментот на пуштање во продажба. Со цел да ја направи својата колекција инстантно достапна за клиентите, веднаш беше пуштена во продажба, онлајн на нејзината официјална страна.

Објавено:
15 февруари 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
395 пати