Возрасни и „plus size“ модели ја презентираа високата мода на Валентино

27 јануари 2022

Висока мода вообичаено се презентира на високи, слаби и млади модели. Пјерпаоло Пичоли вчера го промени таквиот стандард и во новата „haute couture" колекција за Валентино, покани модели со различна градба и различна возраст.

Така понуди и пореална слика за тоа како изгледа висока мода на различни силуети.

„Треба да креираме нови силуети", изјави дизајнерот во однос на својата одлука.

„Сакав да ги сменам правилата и да ја изразам идејата за тело со различни пропорции, различни конфекциски броеви и различна возраст. Но, тоа е невозможно да се постигне само со еден таков модел. Па затоа поканив 10 различни модели", објаснува дизајнерот алудирајќи на тоа дека, не ја добиваме вистинската слика кога само „колку да помине од ред" во ревијата се вметнува еден „поинаков" модел.

Со овој потег, тој дополнително ја илустрираше моќта на рачната изработка, една од носечките карактеристики на високата мода.

Но, што е уште посуштински, Пичоли упатува силна порака и до помладата генерација која во дигиталната ера се што гледа на екраните е совршено-пластифицирано и нереално. Преку изборот на различни модели, тој упатува на тоа дека секоја форма е убава на свој начин и дека нормално е со текот на времето и возраста нашето тело да се модифицира, а притоа убавината е нешто што останува.

Мајсторската умешност на дизајнерот е видлива и преку играта на кроевите кои варираат од една до друга крајност, од екстремно мини и секси до волуменозни силуети со драматични, предимензионирани детали.

Тоалетите со пердуви, како онаа фантастичната во А крој или грациозната, розова во посуптилна линија, или ретро тоалетите со голи рамена со шармот на стариот Холивуд, очекуваме да ги видиме на оскаровскиот црвен килим.

Гламур во сите форми.

Објавено:
27 јануари 2022
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
2.720 пати