Зухаир Мурад ја прикажува луксузната страна на вестерн стилот во својата нова колекција

10 јануари 2022

Зухаир Мурад го истражуваше Дивиот Запад како појдовна инспирација за својата колекција pre-fall '22. Овој пат мистиката на Колорадо беше доволен предизвик за либанскиот дизајнер да пропатува преку океанот и да ја прераскаже на јазикот кој најдобро го владее – луксузот.

Неговата препознатлива естетика, отменост и гламур, се надоградени во вестерн фазон со сите впечатливи детали карактеристични за каубојскиот стил.
Елегантните тоалети и одела, со богати везови, се потенцирани со колани околу половината и каубојски шешири, а во поавангардните изгледи акцентот е ставен на волуменозните здолништа и голите рамена со исто така волумензони ракави.

Од џинс до богата тантела и луксузна свила, искористен е широк избор на материјали со кои дизајнерот умешно игра и создава микс од различни стилски идеи финиширани со детали кои сепак ги унифицираат под една заедничка вестерн приказна.

 

 

Објавено:
10 јануари 2022
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
1.031 пати