Зухаир Мурад: Враќање на ретро гламурот од 60-тите

25 јуни 2021

Либанскиот дизајнер Зухаир Мурад вчера ја презентираше својата нова ресорт колекција за 2022 година. Фотографиите се направени во Лондон, а самата атмосфера ја најавува ретро приказната која добива гламурозен ефект.

„Од Лондонската модна револуција што преовладуваше во 60-тите години на минатиот век, се роди новата колекција ресорт 2022. Англиската престолнина е украсена со енергија и виталност. Новите генерации се еманципираат и жените блескаат во фанки принтови и смели аксесоари. Еклектичните избори стануваат сè похрабри и совршено се вклопуваат со разиграната живост од 60-тите години на минатиот век", објаснуваат од модната куќа.

Кроеви кои потсетуваат токму на оваа модна декада, а во комбинација со живописни бои и многу украсни камчиња се спојот кој либанскиот дизајнер го преточува во креација.

Секако не изоставува ниту нежната тантела, како и металик нијансите. Последниот дел од колекцијата е резервиран за стандардните широки фустани кои и се очекуваат од Мурад, но во актуелни нијанси.

Од комбинезони до луксузни креации, погледнете како изгледаат 60-тите низ призмата на Зухаир во 2021 година.

 

Објавено:
25 јуни 2021
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
5.929 пати