10 ненадминливи работи кои Коко Шанел ги остави во наследство

19 август 2021

На денешен ден во 1883 година е родена легендарната Коко Шанел. За нејзиното влијание врз развитокот на модната сцена во Франција, но и пошироко, досега повеќе пати сме пишувале.

Сепак, денеска, во чест на нејзиниот роденден, ќе се потсетиме на 10 работи на кои би требало да ѝ се заблагодари секоја жена.

Црниот фустан

„Тој едноставен фустан ќе стане уникатна „униформа" за сите жени што имаат вкус", најави самоуверено француската модна дизајнерка, во далечната 1926 година за читателите на американскиот магазин „Вог". Коко не мислела на ништо друго туку на „малиот црн фустан".

Таа креација во разни варијанти и денeс има свое место во гардероберите на многу припаднички на понежниот пол. Всушност, Шанел не е таа што го измисли, но од него направи моден култ. Краткиот крој и целосно црната боја во тоа време ги рушела сите социјални табуа. До тогаш жените биле прилично покриени, а црната важела за боја на слугите. Но, од магазинот „Вог" биле убедени во успехот и напишале: „ Ова е фустанот што ќе го носи целиот свет".

Блузите со риги

-За нивното популаризирање посебно придонесе Коко Шанел. Дизајнерката се вљуби во сино-белиот принт при посетата на француската ревиера и во 1917 година претстави колекција инспирирана токму од тамошните морнари. Пренесено во денешно време, се работи за „круз" или ресорт колекција, која доживеа голем успех.

Панталоните

Долог време ова парче можеа да го носат само мажите. Но, Коко Шанел го смени тоа. Клучниот момент е кога тргнала на јавање, но сфатила дека тоа не може да го прави во долго здолниште. Затоа, ги земала панталоните од машкиот јавач, ги облекла и така се родила идејата за панталоните, што потоа ќе предизвика револуција во модната индустрија.

Женскиот костим

Идејата за ова парче повторно произлегува од машката мода. Јакната, односно палтото што денеска го нарекуваме „Шанел", без околувратник, изработено најчесто од волнени материјали, односно твид, е најпопуларното парче што жените ќе го носат по Втората светска војна. Одри Хепберн, Грејс Кели и Џеки Кенеди се само дел од познатите дами што го обожаваат „Шанел" костимот.

 

Твид

Твидот е најкористена ткаенина во нејзините колекции, традиција која потоа ја продолжи и нејзиниот современик, Карл Лагерфелд. Сега веќе легендарната ткаенина, дизајнерката ја интегрирала во својот дизајн, инспирирана од машката облека, но пред се поради удобноста и пријатното чувство кое го овозможува, а истовремено и поради софистицираниот изглед и квалитетот на материјалот.

Во 1924 година, Коко почнала соработка со шкотска фабрика која специјално за нејзината модна куќа изработувала твид кој дизајнерката го користела во широк фазон: од изработка на спортски парчиња, до деловни костуми и палта. Изборот на бои го правела најчесто инспирирајќи се од животот на село во Шкотска, доминантно користејќи ги земјените тонови. Подоцна, твидот почнала да го комбинира и со други материјали како свила, волна и памук со цел да најде што поширока примена во нејзиниот креаторски свет. Многу брзо, носењето твид станало секојдневие и еден од најпопуларните трендови во периодот кога таа ја уживала својата најголема слава.

 

Накит

Речиси на секоја фотографија, Коко Шанел носи бисери. И за нивната популаризација придонела. Бисерите што ги носела не биле вистински, па за да им овозможи и на другите жени да носат евтин накит, со кој ќе ги збогатат дневните комбинации, почнува да се занимава со дизајнирање на бижутерија. Синџири, стакленца, монистра – сето тоа го вклоопувала во дневната, лежерна облека.

 

Жерсеј

Во времето кога живее и работи Коко Шанел, удобните материјали се користеле најчесто за изработка на машката долна облека. Но, дизајнерката одлучила да им овозможи удобност и на жените и почнува да создава женска облека од жерсеј, наместо дотогашните крути материјали. Ова сосема ги просветлило жените, кои што дотогаш носеле скапи, но не и удобни материјали. Жерсејот бил многу евтин, особено по Втората светска војна.

 

Потемен тен

Во минатото, потемнетиот тен се врзувал со работничката класа, а белиот со аристократијата. Но, Коко Шанел и тоа го менува. Шетајќи на француската ревиера, таа ќе добие потемен тен, а кога ќе се врати во Париз нејзините пријатели ќе бидат воодушевени од нејзиниот тен, па ќе почнат да го практикуваат истото. Сега, исончаниот тен е тренд кој се задржува преку целата година.

 

Парфем

„Шанел бр.5" е класика кога се парфемите во прашање. Благодарение на навиките на Коко, идејата дека жените треба да мирисаат убаво во секое време трае до денес. Во чест на нејзиниот роденден, модната куќа „Шанел", презентира нов парфем, насловен како „Габриел", каде изобилува мирисот на јасмин.

 

 

Став

Иако на крај, ова е можеби едно од најважните работи за кои Шанел се заложувала – ставот што жената го има кон себе. Ако ги прочитате нејзините цитати, ќе видите дека изобилуваат со тоа дека жената треба да се сака самата, да изгледа дотерано, да биде елегантна – едноставно да биде дама, која има став!

 

Објавено:
19 август 2021
Категорија: 
Стории
Прочитано:
5.193 пати