130 годишната тајна на омилениот прстен од Tiffany&Co

16 јануари 2016

Луксузниот бренд за накит, Tiffany&Co. прославува 130 години од создавањето на најпосакуваниот свршенички прстен. За таа цел тие се одлучија за роденденска кампања насловена како I WILL, која ќе отскокнува од досегашната естетика на рекламирање на брендот и е своевидно продолжение на онаа за пролет 2015, насловена како WILL YOU?.

Наместо познати личности, на фотографиите ќе бидат прикажани занаетчиите, односно начинот на кој се создава овој дијамантски прстен за кој мечтаат многу жени ширум светот. За сега се откриени две фотографии, а наскоро се очекува целата кампања да биде достапна за широката публика.

-Кога нашиот основач Чарлс Тифани нè запозна со овој прстен во 1886 година, не само што ни даде симбол на вистинска љубов, туку и безбременски потсетник на нашето дијамантско наследство и репутација на занаетчиски вештини. Токму затоа решивме 130-годишнината на овој рачно правен прстен да ја посветиме во чест на неговите создавачи – вели Каролин Нагиар од маркетинг одделот на брендот.

Кампањата го става во преден план „сведочењето“ на вистинските занаетчии што го обликуваат, полираат и формираат целиот прстен и тоа рачно, начин на кој прстенот се изработува сите 130 години.

Она што го издвојува овој прстен (Tiffany® Setting) од останатите шест свршувачки прстени на брендот и остантиот накит е што за ова парче накит се отфрлаат 99.96 проценти од сите дијаманти на светот и се користи само најдоброто. Се оценува изгледот, брилијантноста на дијамантот, дисперзијата и светкањето.

На фотографиите од кампањата, се вклучени и индивидуалните цитати на занаетчиите, посветени на создавањето на ова безвременско парче накит, за кое понекогаш е потребно една година да се изработи.

-Јас ги отфрлам 99, 96 проценти од најфините дијаманти на светот, затоа што постои разлика помеѓу квалитет и квалитетот на Tiffany – е еден од цитатите од кампањата, на Мелвин Киртлеј, гемолог.

-Јас осмислувам таква поставка за дијамантот што кога ќе го ставам изгледа како да лебди. Исто како што се правеше и пред 130 години – вели Томас Ѕивура, поставувач на дијамантот.

Црно-белите фотографии се направени од страна на познатиот фотограф Мартин Томпсон, а покрај нив, во рамки на кампањата влегува и видеото исто така во црно-бела техника во чие создавање учествува и режисерот Кит Ирлих.

А како почнува целата приказна?

Чарлс Луис Тифани позајмил 1.000 долари од својот татко и отворил мала придодавница за канцелариски прибор и галантерија на Менхетен. На првиот ден од отворањето на бизнисот во 1837 година, вкупната продажба била само 4.98 долари (околу 100 долари во денешно време). Но, Тифани не дозволил првиот не така успешен ден да го обесхрабри. Век и половина подоцна, мултимилијардерската компанија има 290 продавници ширум светот и е една од најпознатите брендови, а воедно и најпродавани.

Со текот на годините, Чарлс почнал да собира богатства од различни страни на светот и се фокусирал на тоа да се одвои од конкуренцијата. Неговото око желно за егзотични нешта и неговата почит и умешност во занаетчиството, како и квалитетот, му донесоа успех на овој бренд и го насочија кон создавање накит. Веќе кон крајот на 19-от век Tiffany освојува многу награди на „Светскиот саем во Париз“ и станува еден од најпочитуваните продавници за накит.

Но, во 1886 година настапува вистинската револуција. Сите свршенички прстени до тогаш, биле со скапоцен камен што бил ставен во т.н. круна, така што од каменот се гледал само врвот и ништо друго.

Чарлс открива поинакво сечење и поставување на каменот, на тој начин да се гледа цел, а сепак да е блиску до прстот и основата на прстенот. И оттогаш, па сè до денес приказната трае.

Иако секојдневно се откриваат нови дизајни на прстени и накит, овој најпопуларниот, не трпи големи промени.

-Процесот на создавање на Tiffany® Setting е мошне интересен, за што многумина не се свесни – велат од брендот.

Оние што го изработуваат прстенот, не се само занаетчии туку и инженери. И додека едниот ја прави основата, друг се занимава со т.н. круна, трет со каменот, уште еден со поставувањето на истиот, а секако тука е и полирањето. Во зависност од дизајнот, изработката на еден прстен може да се движи од 50 до 500 и повеќе часа.

Вештите раце на занаетчиите секојдневно се среќаваат со различни материјали од восок, преку силикон (за моделите), потоа благородни метали, дијаманти, скапоцени камења итн...

Големината на дијамантот се движи од 6 милиметри па нагоре, но секој од дијамантите мора рачно да се стави во обележаното место и да се зацврсти со тенки перли. Најчесто се поставуваат со помош на микроскопски лупи, додека оние поголемите можат и од „голо“око. Само за поставување на каменот понекогаш се потребни и по три часа.

Пред да се стават на прстенот, дијамантите претходно се обликуваат, мерат и бојат, според начелата на брендот, а потоа се носат на поставување.

За сјајот на дијамантите во голема мера се заслужни и работниците чија задача е да полираат. Користејќи материјали и влакна со различни слоеви и густина, рачно се полираат сите делови на каменот и во повеќе фази од изработката, со цел да се исчистат од сиот прав и нечистотија при работата.

Кој дијамант ќе се стави на прстенот, а кој не, одлучува никој друг туку занаетчиите. Имајќи го предвид децениското искуство на работниците, од брендот веруваат дека никој не ја знае работата подобро од нив, како и вкусот на купувачите.

Имајќи ја на ум оваа приказна, не е за изненадување зошто ова е еден од најскапите прстени, но воедно и најценети, најпродавани и посакувани.

Квалитет, рачна изработка, вештина, постојаност и традиција е она што ја сочинува тајната на успехот на овој бренд.

А како е спакуван еден Tiffany&Co прстен, погледнете во продолжение:

Објавено:
16 јануари 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
3.546 пати