24 часа со Наоми Кембел

21 октомври 2015

Еден од најпознатите модели, Наоми Кембел, споделува за Harper's Bazaar како поминува еден нејзин ден. Кембел беше дел од шоуто The Face, во првите две сезони, 2013 и 2014 година. Годинава се очекува да стартува и третата сезона, а според медиумите, дел од него повторно ќе биде и Наоми. 

А за тоа кога станува, како се храни, што прави во вечерните часови, читате во продолжение.

05:00 – Кога сум во Њујорк, за снимањето на моето шоу The Face, станувам во пет или шест часот наутро. Кога не сум, тогаш во девет. Не ги сакам алармите. Не сакам ненадејни гласови или бучава. Ме тераат да скокам. Се будам сама. Некогаш кога морам да закажам аларм, секогаш имам претчувство и се будам пред него. Првата работа што ја правам наутро е да испијам топла вода со лимон и пробиотици. Никогаш не пијам кафе. Не ми се допаѓа мирисот на кафето. Ако ми е потребен кофеин, тогаш пијам зелен чај. Повеќе ми се допаѓаат чаевите од билки. После тоа, станувам, се туширам и пијам уште еден сет од пијалаци – еден за имунитет и еден со алое. Потоа, вежбам јога или пилатес, а после тоа, пијам голема чаша со зелен џус. Кога се туширам користам само бебешки сапун. Не ги сакам премногу парфемираните гелови за туширање. Користам Biofirm Lift крема и крема за околу очи. Постојано ја хидрирам кожата на целото тело, а користам хидратантни серуми за лице. Сметам дека сета декоративна козметика и тешките хидратантни производи ги затвораат порите. Не ми е потребно многу време да се облечам, брза сум.

Кога одам во телевизиско студио на пример, носам џинс, балетанки и некоја добра блуза. Моите омилени брендови се Азедин Алаја, Александар Меквин, Долче и Габана, Живанши, Луј Витон, Роберто Кавали, Версаче, Марк Џејкобс и Зак Посен.  На работа, преку целиот ден сум во високи потпетици и дотерана, па кога можам ја користам можноста да облечам нешто рамно. Ги сакам повеќето брендови. Не се раководам само преку името. Може да чини и 10 долари, но ако ми се допаѓа ќе го купам. Важно е дали е удобно. Удобноста ми е многу важна. Кога работам, не носам многу накит, само крст, нараквица или жолт сафир што го носам на левата рака.

07:00 – Одам во студио. Ги проверувам мејловите и телефонските повици, работите што се поврзани со Европа. Понекогаш во автомобил читам магазини, ако мојот возач ми ги донесе, но всушност, повеќе преферирам книги. За многу кратко време сум во студиото. Додека ме шминкаат и ми ја средуваат косата, продолжувам да ја прегледувам електронската пошта и слични работи на тоа и се трудам да ги завршам, да ми се тргнат од патот. Кога сум на сет, телефонот не ми е уклучен. Имам и две кучиња, Мајло и  Винстон, но не ги носам на работа, затоа што има премногу луѓе наоколу, кабли, постојано нешто се случува, а и не сакам да јадат било што од под. Со мене си земам ќебе, ореви, кајсии, многу сушено овошје, чај и спакуван ручек. Кога ќе влезам во студио, најчесто ги проверувам девојките и мојот тим, како се, како спиеле, дали е сè во ред со нивните соби, затоа што тоа е нова околина за нив. А потоа одам во мојата соба и се пресоблекувам. Ни дозволуваат да имаме три часа за коса и шминка, но тоа е премногу долго време, па затоа најчесто на тоа користиме околу час и половина.

09:15 – Имам состаноци за тоа што треба да се работи дента и како ќе ги достигнеме точките што ги сакаме за брендот. На сетот секогаш има и правници, што е стандардна работа за реалните шоу-а.

12:00 – Мојот ручек е салата и зеленчук или нешто вегетаријанско... Некогаш пијам и само џус. Во текот на денот пијам два или три зелени џуса и чај од нане или камилица.

18:00 – После долго време, неодамна отидов во ова време на шопинг. Отидов во продавницата на Луј Витон, но веќе беше затворено. Таму беа навистина фини и ми дозволија да влезам. Купив некои работи, но никогаш не кажувам што сум купила или пак цената. Кога не сум на работа сакам во овој дел од денот да одам на час по Зумба.

19:30 – Не сакам да јадам после 20 часот, па затоа преферирам да имам добар ручек и да ја прескокнам вечерата. Но, ако одам надвор да вечерам со пријателите, тогаш секако ќе јадам, но нешто лесно. Најчесто го земам она што пријателите ќе ми го препорачаат, затоа што јас постојано патувам. Не пијам алкохол, а од време на време си дозволувам и благо. Зависи. Пред некој ден јадев шеќерна волна, но не внесував шеќер многу долго време. Не можам да спијам после благо. Навистина е точно тоа што велат дека шеќерот е дрога. Ако излегувам навечер, сакам да одам на вечери и отворања, театар. Кога сум во Њујорк, сакам да одам во кино да ги гледам филмовите што ќе се натпреваруваат за Оскари. Сакам и музика. Имам еклектичен вкус. Сакам хаус, рап, рок, поп, панк. Сакам и да одам на концерти.

02:00 – Понекогаш со снимање завршуваме и во два наутро, а некогаш и порано. Зависи. Уживам во шоуто и навистина сакам да им помагам на младите жени што сакаат да се дел од моделинг индустријата, да им дадам совети како да освојуваат, да бидат грациозни, елегантни во нивниот пристап. Кога ќе дојдам дома, време е за симнување на шминката, за туширање и кревет. Нема потреба да нагласувам дека седнувам и пред компјутер, да „фатам“ некое од реалните шоу-а што сакам да ги гледам. Кога имам време уживам да ги гледам Real Housewives и Scandal. Има навистина добри работи на телевизија периодов. За да се релаксирам, понекогаш имам масажа... Всушност, тоа се трудам да го практикувам два или три пати дневно.

02:30 – Се молам секој ден и секоја ноќ и заспивам многу бргу. Легнувам и за пет минути веќе сум „аут“. 

Објавено:
21 октомври 2015
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.818 пати
Тагови: 
Наоми Кембел