24 часа со Том Форд

3 ноември 2015

Кога станува, што појадува, колку пати се бања, се само дел од работите што ќе ги прочитате во продолжение. Ви презентираме, како изгледа еден ден на легендарниот дизајнер Том Форд.

04:30 – Не сум тип што многу спие, па многу често се случува да го започнам денот во ова време. Кога сум задоволен и наспиен во текот на ноќта, ми се случува да станам и во 07:00, но тоа се случува ретко. Првата работа што ја правам кога ќе станам од кревет е мерење на мојата тежина. Тоа го правам секое утро и ако сум се здебелил килограм-два, се трудам да јадам исклучиво овошје и зеленчук и така неколку дена сè додека не се вратам на старо. Исто така, си правам голема шолја ладно еспресо. Не сакам топли пијалаци. Потоа, влегувам во врела бања, па си го испивам кафето додека да се вратам во живот. Често се случува тоа да биде во када, во која останувам околу половина час. Тогаш си ги пуштам мислите слободно да течат. Медитирам во када. Бањата е мојата зен зона. А откако ќе завршам, се подготвувам за вежбање.

08:00 – Најчесто, во ова време ја проверувам електронската пошта. Дневно примам и по 100 мејлови. Потоа одам во теретана. Пред тоа, компјутерот ми е наместен на Daily Beast Cheet Sheet, електронски извештај кој ги чува сите главни вести од медиумите и модните изданија ширум светот. Во теретаната најчесто вежбам пилатес, кардио вежби и малку тегови. Најчесто правам комбинација од 30 минути кардио, 30 минути истегнување и склекови.

09:15 – После вежбањето имам обичај да појадувам. Мусли со половина банана и неколку кругови ананас е мојот најчест појадок. Потоа се туширам повторно, овој пат со сапун и си ја мијам косата. Секако, користам и мои производи за убавина. Потоа се бричам и ја стилизирам косата. Ако имам подочници, користам производи и коректори за да ги сокријам темните кругови. На крајот, се облекувам во мојата типична „униформа“: бела кошула, темна вратоврска, модносино или сиво одело и црни, полусјајни чевли. На работа сакам да одам пеш, особено ако сум во Њујорк. Кога сум во Лондон, најчесто одам со автомобил, односно ме возат затоа што делумно сум дислексичен.

10:00 – До десет часот пристигнувам на работа. На бирото секогаш ме чека копија на International Herald Tribune, мојот омилен весник што го читам во текот на утрото. Не ги сакам мобилните телефони и избегнувам да ги користам, иако со мене секогаш го имам iPhone, но исклучиво го користам за музика и доколку е потребно нешто да снимам. Секако, ако има нешто итно, тогаш го користам и за телефонирање. Покрај iPhone имам и iPad, што го користам за читање книги. Покрај читањето, мојата рутина во канцеларија вклучува и консумирање на крофни, што се моја слабост , па со тоа тешко ми е да се придржувам на било каков режим кој исклучува слатки. Како и да е, со оглед на тоа дека сум претседател на своја компанија, голем дел од денот на работа го поминувам во состаноци со креативните тимови, каде дискутираме за дизајнот. Состаноците ги правам во живо, но и преку Skype, затоа што имам контакти и филијали и во Лондон, Лос Анџелес, Милано, Фиренца, Хонг Конг и други дестинации.

13:00 – Во текот на работниот ден мразам да одам на ручек, затоа што тоа ми го забавува ритамот и мирот што го имам. Затоа јадам на биро. Всушност, да бидам попрецизен, се шеткам низ дизајнерското студио со тањир во рака, кој е преполн со ролат со лосос, салата од домати и моцарела. После ручекот, секогаш јадам една табла темно чоколадо.

18:00 – Во канцеларија останувам до 18 часот, а некогаш и до 20 часот, во зависност од обемот на работата и договорените состаноци, вечери. Ако имам некое закажано излегување, дали се работи за вечера или некое случување, по враќањето од работа се трудам да отспијам 45 минути. После тоа се туширам, повторно со врела вода, се пресоблекувам во нова кошула и одело.

20:00 – Не сум голем обожавател на ноќните излегувања и коктел забави, големи собирања, но поради работата често морам да ги посетувам. Преферирам помали, интимни собирања со драги, блиски пријатели. Веќе долги години имам неколку омилени ресторани во кои сакам да одам. Состаноците, особено ако се со луѓе со кои прв пат се запознавам, сакам да ги одржам во хотелот Claridge’s. Секако, моите омилени вечери се резервирани за home, sweet home, во кој со Ричард (Ричард Бакли е животен партнер на Форд веќе 25 години). Времето дома го поминувам во готвење и хедонизам, и во друштво со кучињата.

22:30 – Кога ќе се вратиме од вечерно излегување, Ричард и јас го шетаме кучето, а потоа одиме на спиење. Можеби и не ми верувате, но повторно се туширам и си го мијам лицето. Пред спиење малку гледам телевизија, најчесто емисии што сме ги снимиле или читам, па дури потоа одам да спијам. Спијам гол.

Објавено:
3 ноември 2015
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.509 пати
Извор: 
Harper's Bazaar