25 години Макпримат: Препознатливост базирана на квалитет и традиција

26 март 2015

Ако некогаш сте го отвориле плакарот на вашата мајка, баба или било која повозрасна дама во вашето семејство, ќе најдете едно препознатливо парче – капут од Макпримат.

Речиси и да нема жена во Македонија што не поседувала капут или чанта од оваа компанија, така што многу добро им е познато значењето на Макпримат.

За поновите генерации, што не се доволно информирани, ова е првиот приватен македонски бренд. Основан е во 1990-та година, а уште од самите почетоци се насочува кон мода за урбани и софистицирани жени и мажи.

7-1

Таа визија, како и квалитетот што го нудат, доведоа до тоа, вчера да го прослават и 25-тиот роденден.

Во пријатна роденденска атмосфера во продавницата во Градскиот трговски центар, тимот на Макрпимат, ги пречека сите посетители и гости. Со балони со нивното лого, интересни колачиња и одлично расположение ги затекнавме и ние. Јована Макеларска Поповски, една од наследничките на брендот и одговорна за маркетинг, ни посака топло добредојде, а со неа поразговаравме за брендот, за новитетите, како и за тајната надолгогодишниот успех на овој македонски бренд.

-Тајната на успехот е пред сè квалитетот. На нашите простори е многу важен и односот на квалитет и цена,  исто така и приказната која ја презентирате  во однос на производството на моделите, како и маркетингот. Токму од тоа се водиме и ние. Спојот на квалитет и традиција е она што е константа за нашиот бренд и успех – ни кажа Макеларска Поповски.

Маја Бегиќ и Јована Макеларска Поповски Маја Бегиќ и Јована Макеларска Поповски

Со оглед дека таа со нејзината сестра Маја Бегиќ се главниот столб и тим на брендот што го основаше нивниот татко, прашањето за одговорноста се наметна само по себе:

-Одговорноста е голема. Принципот и начинот на работа денес е многу поинаков од оној на почетоците. Многу луѓе велат: „Лесно ви е, имате нешто, го продолжувате она што некој веќе го започнал“, но токму од тој аспект е и тешко. Од нас се очекува повеќе и ние имаме уште поголема желба на вистински начин да го продолжиме она што веќе нашиот татко го започнал. Искрено се надеваме дека во тоа и ќе успееме.

Иако е еден од најстарите конфекциски брендови кај нас, се соочува со конкуреција.

- Не сакам да звучам арогнатно, но кога е во прашање македонски бренд, не чувствуваме конкуренција. Ако гледаме од аспект на севкупната понуда, тогаш да. Но, конкуренција е конкуренција, независно дали се работи за наш или странски бренд. На купувачот му е важен квалитетот и цената. На крајот на денот, не е толку важно за него од каде е купено, ако тоа ги задоволува неговите криетериуми. Сепак, ако ние успееме да го искористиме фактот дека Макпримат е македонски бренд  на вистински начин, може да биде во наша полза. Тоа зависи од нас – искрена е Јована.

Но, и покрај тоа, тие имаат препознатливост, на која ѝ остануваат доследни.

11

-Во одредени работи и производи сме единствени, а тука се секако капутите. Кога некој ќе спомене Макпримат, прва асоцијација е токму ова парче облека, бидејќи така е и формирана фирмата. Во времето на основање, речиси и да нема човек што немал капут од нашиот бренд. Но, тогаш тоа се должело како на квалитетот, така и на фактот дека Макпримат бил еден од ретките со таква понуда. Со текот на времето Макпримат доживеа трансформација, која беше планирана подолго време. Го чекавме вистинското време, по совет на повеќе луѓе, но на крај сфативме дека  вистинското време е тогаш кога ќе помислиш дека е вистинското време. Така, се случи нешто што подолго време му требаше на Макпримат. Се сконцентриравме на еден простор, се проширивме, реновиравме и сега работиме на имиџот и на брендот – вели Јована.

Во продавницата на Макрпимат сè уште можете да најдете од зимските парчиња, но сè повеќе е присутна и пролетната колекција.

-Овде можете да најдете буквално сè, освен чевли. Од пантолони, кошули, здолништа, фустани, сакоа, па до чанти, паричници, марами, всушност сè она што им е потребно на еден современ маж и жена. Тоа важи и за пролетната колекција, која допрва треба во целост да пристигне, а ќе биде презентирана и на нашата веб страна и социјалните мрежи.

Сите оние што вчера беа дел од роденденската атмосфера, ги чекаа бројни изненадувања. На секој купен производ, на каса добиваа попуст од 5 до 50 отсто, како и подарок.  Купувачите и минувачите во ГТЦ добива ваучери со 10 одсто попуст, па ако сте едни од нив, ќе имате шанса да го искористите во наредните шест месеци.

Од она што го видовме, а и од она што Јована ни го раскажа, македонските купувачи се сè уште отворени кон Макпримат.

-Да, а во последните години имаме и многу помлади купувачи, што и беше една од нашите цели. Ние и претходно сме имале младешки модели, но перцепцијата на купувачите за Макпримат одела во насока дека тоа е конфекција за повозрасни. Нè радува што успеавме да ја смениме таа перцепција и што многу млади луѓе се пронаоѓаат во нашите модели. Дури меѓу купувачите имаме и тинејџери, кои примарно не ни се таргет, но зошто да не. Секој што ќе влезе во Макпримат може да најде нешто за себе.

Јована со нејзината сестра Маја комплетно се грижат за брендот. Едната е насочена кон дизајнот, другата повеќе кон маркетинг делот, но секако во заедничка консултација, идеи, креатива и одлуки, се трудат да го реализираат она што го замислиле.

- Ние две ги донесуваме главните одлуки, но секако сите вработени во Макпримат играат огромна улога во процесот на реализација и продажба, со што заеднички сме одговорни за долгогодишното постоење и успех на Макпримат. Исто така, тука се и нашите надворешни соработници и пријатели BTS Art Factory, кои се одговорни за нашата веб страна и социјалните мрежи.

А на прашањето, како го гледаат Макпримат во наредните 25 години, Јована ќе каже:

-Не би зборувала претерано за тоа како го гледам или замислувам. Идеи постојат и сигурно се остварливи. Сепак, она што ќе го кажам е дека, посакувам да се прошириме и да бидеме бренд што ќе го знаат и препознаваат и надвор од нашата држава.

32

А ние посакуваме да им се оствари тоа.

Во продолжение погледнете дел од вчерашната роденденска атмосфера, како и дел од понудата:

Објавено:
26 март 2015
Категорија: 
Стории