31 годишен маж ја повикал својата 89 годишна сосетка да ги помине последните денови во негово друштво

23 ноември 2021

Кога Крис Салваторе (31) се преселил во ново маало, не познавал никого. Спроти него живеела тогаш 85 годишната Норма Кук и е првата личност која ја запознал на новото место.

Норма живеелла со својот мачор Хермес. Како поминувале годините, Крис и Норма развиле мошне пријателски однос, споделувајќи дневни проблеми, среќни моменти и осознавајќи се' повеќе за животот на другиот.

 

Сепак, здравјето на Норма почнало да се влошува и после посетата во болница, докторите посочиле дека неа ѝ е потребна 24/7 грижа. Знаејќи го тоа, Крис почнал да поминува повеќе време грижејќи се за Норма - ѝ пазарел храна, ја посетувал, се грижел за основните работи во куќата.

Сакајќи да ѝ помогне, собирал средства преку GoFundMe за медицинската грижа и лекови на Норма.

На крајот, Крис морал да се пресели повторно, но сфатил дека така ќе мора да ја остави и Норма, па ѝ предложил да живеат заедно.

„Кога ја прашав, таа беше многу среќна. Јас ја посетував колку што можев почесто, но единствената опција за неа беше да оди во установа. А не можев да го направам тоа за некој што го доживувам како да е моја баба. Јас за неа бев внук што го немала, а таа за мене баба, која еднаш ја изгубив, а сега повторно ја најдов“, изјави Крис во една пригода.

За жал, кратко по нивниот цимерски живот, Норма умира, но последните денови ги поминала со некој кој се грижел за неа, имајќи предвид дека немала деца, а на роднините не можела баш да се потпре за помош.

„Среќен сум што можев да ѝ го подарам тоа, последните денови да ги помине дома. Не можам да замислам како е да одиш кон крајот на животот сам, во болница, без твоите пријатели или миленичиња“, вели Крис.

Норма пак своевремено за американските медиуми изјави: „Секогаш гледаме заедно вести, јадеме кикирики и знаеме некогаш да се напиеме вино“.

Таа умира во 2017 година, но приказната за емпатија, човечност, љубов кон другиот човек затоа што е човек пред се' секогаш треба да е актуелна и да инспирира.

 

Објавено:
23 ноември 2021
Категорија: 
Стории
Прочитано:
2.685 пати