Актерката Селма Блер искрено за сите предизвици на мултиплекс склерозата

1 март 2019

Доколку успеавте да ги погледнете фотографиите од забавата после Оскарите, тогаш сигурнo ја забележавте прекрасната актерка Селма Блер која на црвениот килим пристигна со бастун и официјално ги потврди информациите дека боледува од мултиплекс склероза.

Getty Images/George Pimentel

Во еден момент, додека се местеше за фотографирање, таа се расплака, бидејќи за прв пат се појавува на црвен килим откако и беше дијагностицирана болеста, па фотографите ги спуштија апаратите и почекаа актерката да се смири и продолжија како ништо да не се случило.

Еден од фотографите на неговиот профил на Инстаграм напиша дека тоа бил еден од најубавите моменти на кои присуствувал во животот и дека прв пат се случува нешто такво на ваков голем настан.

Getty Images/George Pimentel

Непосредно пред Оскарите, актерката беше дел од Good Morning America, каде за прв пат јавно говореше за она што ѝ се случува и со тоа сакаше да им даде до знаење на сите дека не треба да ѝ се предаваат на болеста, туку напротив, да се борат секој ден.

Во интервјуто што водителката Робин Робертс го направи во домот на Блер, таа говори дека сето она што ѝ го кажале докторите се случува, но и дека не се плаши што почнува да има проблеми со говорот, со одењето и со сето она што следува, бидејќи е супер позитивна со сè  околу болеста.

Getty Images/George Pimentel

Таа објаснува дека долги години се обидувала да сфати што ѝ се случува, бидејќи почнала да губи рамнотежа, да заборава, постојано ѝ се вртело и не сакала да си признае себеси дека можеби се соочува со оваа сериозна болест.

Како што спомена, а и беше видливо, први дошле проблемите со рамнотежата па затоа сега мора да се движи со помош на бастун, но следеле и проблемите со говорот за што таа вели дека не ѝ пречи и дека ќе ги надмине.

И покрај сето ова, таа зрачеше со неверојатно позитивна енергија и без проблем говореше за болеста, сакајќи да ги предупреди сите дека треба што е можно побрзо да побараат помош од лекар, односно потврда на дијагнозата доколку забележат некои од нејзините симптоми.

„Прв пат кога дознав плачев, многу плачев. Но, тоа не беа солзи од паника. Тоа беа солзи на прифаќање на едно тело кое нема контрола, но од друга страна почувствував ослободување бидејќи конечно знаев што ми се случува“, вели таа во интервјуто направено во нејзиниот дом во Лос Анџелес.

Како што појаснува, докторите биле позитивни околу нејзината дијагноза и посочиле дека било можно 90 проценти од способностите да ѝ се вратат за една година.

„Ми останува да ви кажам дека ќе се видиме следната година за да видиме дали сум подобро. Ако не сум, но сепак можам да говорам, и тоа ќе биде доволно добро за мене“, рече актерката при крајот на интервјуто.

Вистински емотивен бил моментот кога му ја кажала веста за болеста на нејзиниот седумгодишен син Артур, но тој без проблем ги прифатил новите околности, а таа како самохрана мајка му ветила дека ќе се обиде болеста да не ги спречи да прават сè како и досега.

По интервјуто, голем број лица кои се борат со оваа болест ѝ се обратија на актерката преку социјалните мрежи со исклучително позитивни пораки и ги споделија нивните искуства, а токму тоа беше и нејзината главна цел.

Погледнете како изгледаше прекрасната Селма на забавата по Оскарите, додека сме во исчекување на нејзината нова колекција за лица со попреченост.

Фото: Instagram, Youtube, Getty Images 

Објавено:
1 март 2019
Категорија: 
Стории
Прочитано:
2.041 пати