ПРИКАЗНИ ОД ГРАДОТ

Ана Јовковска: Качена на велосипедот на животот го барам ѕвончето со кое ќе свринам за промена

30 јануари 2020

Мојата генерација ја памети од култната емисија од 90-тите, „Пулсирања“, и еве 25 години подоцна, таа сè уште пулсира во медиумите и јавниот простор како водителка, продуцентка, активистка, амбасадорка на добра волја, колумнистка, тренер за комуникациски вештини... (списокот не завршува тука), но и автор.

И токму тоа беше поводот за да се сретнеме и да ни биде гостинка во рубриката „Приказни од градот“. И токму такви приказни и од градот, уште повеќе од животот, споделува во својата нова книга „Сакам, значи постојам“, во издаваштво на Издавачкиот центар ТРИ.

Промоцијата е закажана за 5 февруари, во арт-кафе „Ли“ со почеток од 19 часот, а ние ја искористивме шансата да зборуваме за комуникацијата, постоењето и животот и пред нејзиното пошироко запознавање со публиката да откриеме како после „Пулсот и времето“, „Ехо на слбододата“ дојде време за “Сакам, значи постојам“. Друштво ни правеше и дождот, а Ана остана доследна на своето превозно средство - велосипедот, кој ќе се најде и на насловната страна на новата книга, како симбол за тркалото на животот.

Како податок од нејзината биографија стои дека со континуирана работа во различни медиуми направила преку 2.000 интервјуа, а овој пат за нашиот медиум, се најде од другата страна, да одговара на прашањата кои поттикнуваат размислување за тоа кои сме и колку сме умешни во себенабљудувањето.

Новите „Приказни од градот“ со Ана Јовковска:

Во воведот на книгата објаснуваш дека насловот на книгата „Сакам, значи постојам“ произлезе од познатата „Мислам значи постојам“, но „Комуницирам, значи постојам“, што ја користиш во рамки на своите обуки. Зборовите во себе содржат моќ... Оттаму, сè што кажуваме не е наивно. Можна ли е комуникација без калкулација? (Воедно, ако тргнеме од најосновното дека за да осмислите и најпроста реченица мора да ја осмислите и знаете каде да ја употребите, па сè до калкулација во смисла на „валкани игри“)

-Секоја моќ може да се искористи на два начина – добронамерно и конструктивно или пак „валкано“ и манипулативно. Како и се на светот, работите имаат поларност – ден и ноќ, црно и бело, машко и женско, сонце и месечина, ајвар и кавијар :)... и меѓу тие бинарни позиции на добро и зло, влијанието што го имаме ние, луѓето кои работиме со зборови и со креирање на светогледи, е потенцијална нуклеарна бомба. Може да лекува, но може и да руши. Од позиција на новинарка, авторка на три книги („Пулсот и времето“, „Ехо на слободата“ и „Сакам, значи постојам“) и тренер по комуникациски вештини и јавно говорење, она на што ги учам луѓето е дека квалитетната комуникација е најважната инвестиција во релациите со другите. Таа може да биде обременета со талогот од нашите болни минати искуства и со предрасудите што ни се закачиле низ општествените контексти или пак да биде ослободена и отворена за разбирање на се што е различно од нас и од нашите ментални матрици. Како комуницираме со себе, така комуницираме и со другите. Ако се лажеме себе си, ќе го лажеме и партнерот и шефот и светот. Комуникацијата е многу повеќе од употреба на зборови. Таа е создавање искуства.

Ако сме сиромашни во духот, површни, ако новото време е испразнето од смисла, ако сме вкалапени и сведоци на проституција на уметноста, како што и самата заклучуваш од своето набљудување на општеството, како да го постигнеме она за што целиш (помеѓу другото) во книгата – себеоткривањето и себенабљудувањето?

AJ: Пишувајќи ја мојата нова книга „Сакам, значи постојам“ чија промоција ќе биде на 5 февруари во арт-кафето „Ли“ со почеток во 19 часот, она што ми беше неочекувано во целиот процес е што сфатив дека да се биде набљудувач на најчовечкото во себе е уште потешко отколку да се биде набљудувач на времето и светот. Низ таа моја лична визура за тоа што е слобода, а што љубов, што е лажно, а што вистинско, што е уметност, а што кич, што е фрустрација, а што мотивација, што е успех, а што проституција... сфатив дека пишувањето во сите негови форми (колумни, сценарија, поезија, проза, научни есеи, дневник...) ми е потребно за да останам нормална во ова ненормално опкружување. Живееме во технолошка пресвртница која создава т.н. „булимично читање“ на социјалните мрежи, што пак нè оддалечува од книжевноста и нејзиниот прекрасен, старомоден сјај. Во ова технолошки супериорно време, а суштински испразнето од смисла, кога сè повеќе се губи интересот за читањето кај „публиката“, за сметка на брзите дигитални импулси кои доаѓаат од светлечкиот екран на компјутерот, телевизорот и „смарт“ телефонот, пркосот на книгите е важен контрапункт на медиокритетството на социјалните мрежи. „Сакам, значи постојам“ е едно такво љубовно и духовно патување од и кон себе си. Друго патување кое не доближува до себе си, а во исто врме е контрапункт на консумеристичкава шизофренија што ја живееме е природата - планините, водата, езерата... За мене тоа е скијањето во Маврово, санкањето со моето дете на Водно, пешачењето со кучето во парк, возењето велосипед на Кеј, сончевите утра во Охрид, пливањето на зајдисонце во Трпејца, берењето јаболка во Љубојно, прошетката по камењата во Брајчино... и осамата за пишување во мојот дом.    

А што е со интуицијата?

- Најчесто ја потиснуваме. Човек треба да си го слуша внатрешниот глас. Среќна сум што не го стишив тој мој налудничав внатрешен глас што пред шест години ме охрабри да ставам црвена линија на мојата работа во телевизија, после 20 години поминати пред камерите, и да отворам нови професионални патишта кои денес ми ја даваат слободата да работам фриленсерски и консултантски со различни организации, медиуми, фестивали и компании. Во мојов случај, интуицијата го победи стравот.

Што значи да се биде тренер за комуникациски вештини? Зошто е потребен и кому сè?

- Пред сè значи несебично да се споделува знаење и искуство. Обуките кои и држам орбитрираат меѓу полето на комуникологијата и психологијата, особено социјалната психологија. Сите работи кои влегуваат под чадорот на личниот и професионален развој - меки вештини, комуникациски и презентациски вештини, јавно говорење, емоционална интелигенција, управување со време, менаџмент на конфликти, невролингвистичко програмирање, коучинг... како и медиумска култура, креативно пишување и сл. се градиво за квалитетот на нашата личност. Врзно ткиво за нашиот успех! Прашањето е дали и колку сакаме да вложуваме во еластичноста на нашиот ум и дух. Дали сме подготвени да нурнеме во најдлабоките подруми на потсвеста за да се издигнеме до највисоките дострели на срцето и неокортексот? :) Дали сакаме да бидеме подобри од другите или да бидеме најдобрата верзија на себе си? Толстој велеше: „Како ќе станам подобар човек ако мислам дека сум најдобар?“ Мојот најкус одговор е: Едуктор по комуникациски вештини или тренер за личен и професионален развој му е потребен на секој кој верува дека најдобрата инвестиција е онаа во себе!

Што е поголем проблем, што не умееме да комуницираме или што не умееме да слушаме?

- Добрата комуникација е невозможна без фидбек, а тоа е невозможно без активно слушање. Една од најважните особини на новинарите кои работат во најкомплицираниот и најсуптилниот жанр – ТВ интервјуто, е да умеат добро да слушаат. Интервјуто бара психолошка проникливост и голема флексибилност. Новинарите кои се крути, ригидни и егоцентрични околу својата оска не умеат да бидат добри во својот занает.

Во кои делови на Скопје си ги имала најубавите муабети? За кои места те врзуваат посебни приказни и спомени?

- Јас го сакам Скопје и кога е сончево и кога е сиво, а деновиве посaкувам да го видам завиено во бело, во снег. :) Различни места ми будат спомени од различни временски галаксии. :) Ги сакам сите места накитени со „стрит-арт“/улична уметност, графитите кои отвораат урбани љубовни приказни... а најмногу ги сакам зелените оази во Градскиот парк. Во таа зелена џунгла, на Школка или на Фонтана или со ќебенце на трева си седнувам со мојот лап-топ и пишувам... Често сум и на Кејот по кој се возам нa велосипед замислувајќи дека летам :)! Сокачињата во Дебар Маало ми будат убави спомени од дружења со луѓе кои го збогатиле мојот живот. Посебно место ми има и Старата скопска  чаршија со нејзината раскошна калдрма што крие спомени од бакнежи. :) Во последно време со зголеменото загадување што е сериозен проблем, сè повеќе Скопје сакам да го гледам од високо. Водно е наша честа фамилијарна дестинација, на падините по кои нашето тригодишно дете трча во придружба на нашето куче. И меѓу сите приказни од градот е и онаа со арт-кафето „Ли“ во кое ќе ја правам промоцијата на мојата книга. „Ли“ е првото кафуле во кое излегов со друштво на мои 13 години :). Што е сменето од тогаш до денес? Ништо. Јас сум истиот сонувач со отворени очи. Уште љубам и сè уште се чувствувам како дете :).

Што се случува со АКСЦ?

-АКСЦ или Автономниот културно-социјален центар беше убава, урбана, уметничка и активистичка приказна во градот која ја започнавме пред седум години, а траеше скоро три години. Овој алтернативен простор за младите го основавме со многу љубов и ич пари. АКСЦ беше волонтерска иницијатива на група од 10-тина ентузијасти кои сакаа да создадат културно јадро во Скопје околу кое ќе гравитираат прогресивни луѓе и идеи. Го отворивме и го работевме со богата културна програма и со многу љубов, но за жал се истрошивме. Такви културни центри има по неколку во сите поголеми градови во Европа и низ регионот, но за жал не и во Скопје.  

Можеме ли сè што сакаме? И сакаме ли сè што можеме?

- Има ли човек што има прецизен одговор на ова прашање? :) Ова се обидов да го одоворам и преку мојата нова книга, чиј наслов го изведов од познатата максима на таткото на современата филозофија, Рене Декарт, - „Мислам, значи постојам“, овој пат во модифицирана и „женска“ верзија – „Сакам, значи постојам“, како стапица за можностите кои ги создаваме кога нешто сакаме со целото срце и ум. САКАМ, во овој случај излегува од бесконечниот круг на ЉУБАМ и се шири со брзина на светлината кон кругот на МОЖАМ. Значи, САКАМ во себе содржи цел еден друг свет на МОЖАМ! Тоа e оној внатрешен импулс на проактивност за подобрата ЈАС, подобар живот, подобар свет. Затоа, неуморно се движам по тркалото на животот... Така, качена на велосипедот на животот го барам ѕвончето со кое ќе свирнам за ПРОМЕНА! Некогаш тивко, некогаш гласно, но, секогаш со верба дека овој комплициран свет може да се спаси со добрина и љубов.

Како се штитиш од креативниот хаос?

-Не се штитам. Оставам да ми влепи шлаканица :). Секој креативен импулс е добредојден во каква и да е форма. Дури и кога надоаѓа во форма на хаос. Инспирацијата не е права отсечка. Таа е крива со падови и подеми.

Му остануваш верна на велосипедот како превозно средство, но се чини за тебе е многу повеќе од само превозно средство...

- Да, велосипедот се моите крилја. :) Моја слобода. Мој еко-став. Мој обид да придонесам кон намалување на загадувањето на град

Сметаш ли дека телевизијата остана најмоќен медиум во пренесување или наметнување информации? Во контекст, ти недостасува ли?

-Искрено, телевизијата не ми недостига. Изледа дека јас и недостасувам повеќе на неаJ. Во моментов имам понуда за ТВ проект за кој размислувам дали ќе можам да го прифатам со оглед на другите работни ангажмани. Ќе видиме како е се наредат коцките... Всушност, она што ми недостига не е телевизијата, туку мојата авторска емисија „Пулс“.

Која е најскапата цена што ја плаќаме за слободата?

- Борбата со себе!

 

локација: Дебар маало, Издавачки центар ТРИ

реализација: Fashionel.mk, јануари 2020

Објавено:
30 јануари 2020
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.556 пати