Приказни од градот

Ана Трифуновски: Сопствените амбиции не завршуваат со доаѓањето на децата

21 септември 2020

Домашната публика ја запозна како телевизиски водител, потоа како дел од „Пеперминт“, а веќе години наназад им посакува добро утро на слушателите на „Лајф радио“. 

Овој период на изолираност и свртување кон себеси кај неа значеше всушност откривање на талент кој и не била свесна дека го поседува, цртањето, со што започна нова креативна страница.

Новите приказни од градот ги раскажува Ана Трифуновски, а во продолжение следи целиот разговор:

На социјалните мрежи столчињата разубавени благодарение на твоите цртежи привлекоа големо внимание. Како започна оваа креативна приказна?

-Сосема случајно, со оглед на целава ситуација со актулената пандемија, јас работам од дома а децата се сè уште без училишни обврски, па некако имаме повеќе време за креативност. Идејата всушност беше на постарата ќерка која и самата многу сака да црта, креира, дизајнира... едноставно ми предложи да ги разубавиме двете столчиња кои ги чувавме бидејќи се рачно направени од мојот дедо уште пред четириесетина години. И така започна процесот на разубавување, а цртањето пак си го открив исто така сосем случајно пред скоро време. Не бев ни свесна дека ја поседувам таа вештина во своите раце, пробав да нацртам портрет и сфатив дека можам да го правам тоа, но најважно од сѐ беше чувството на исполнетост и задоволство кое го почувствував додека цртам. 

Имаш ли намера да прерасне во нешто со (уште) посериозен пристап?

-Започна како хоби во кое исклучително многу уживам, но она што најпријатно ме изненади беше реакцијата на моите facebook пријатели кога ќе ги видеа цртежите, сите беа воодушевени, а тоа секако беше мотив повеќе за мене да продолжам да ја истражувам оваа уметност. Со оглед на тоа дека сè уште добивам понуди некому да нацртам портет, некому да разубавам некој стар предмет, дури добив и две покани за изложби, можам и да размислувам за некој посериозен пристап, но сè во свое време. Верувам дека сѐ се случува со причина, ако на луѓето им се допаѓа тоа што го создавам, сигруна сум дека моите креации ќе си го најдат патот до таму каде што треба да стигнат.

Како изгледа тој процес на давање нов живот на едно старо парче мебел? Со какви бои се користиш, од што прво почнуваш?

-Мене ми е убаво и само да гледам видеа како еден стар предмет добива нов живот, а кога самиот го правиш тоа, тогаш тоа е процес во кој додаваш дел од себе во тој предмет. Уметноста е многу благородна, таа ти враќа со убаво чувство секогаш кога ѝ се навраќаш, секој поглед кон тој предмет е ново убаво чувство. Инаку, процесот започнува со отстранување на стариот и оштетен слој на боја или таканаречено “шмирглање“, тоа е тој занаетски дел кој е макотрпен, но неопходен, потоа е потребно боење со основна боја по избор. Следен е, за мене најинтересниот и најкреативен дел, а тоа е исцртувањето на цртежот кој ќе го разубави монотониот изглед на предметот, за на крајот да завршам со лакирање односно слој заштита од вода, прав или влага. Цртежите прво ги исцртувам со молив, па потоа ги повторувам или со перманентен маркер или со акрилни бои, во зависноаст од тоа колку се ситни деталите на цртежот.

Каков стил на уредување на домот преферираш?

-Во принцип сакам минимализам, не сакам кога просторот е пренатрупан. Многу сакам богат колорит, но во уредувањето на домот не сакам премногу бои, ја преферирам белата во комбинација со пастелни тонови на сива, зелена... Следам трендови, но не ме привлекува сѐ што ќе видам ново. Мислам дека кога би можела постојано би го менувала просторот во кој живеам бидејќи сакам промени, но сепак има неколку парчиња мебел кои никогаш не би ги сменила.

Публиката имаше можност да те запознае на тв екраните, за сега да се дружи со тебе преку фреквенцијата на Лајф Радио. Кој медиум повеќе ти „лежи“ согласно твојот карактер, професионалното исполнување, амбициите?

-Веројатно за мене важи она ,,Сѐ во свое време“...  јас сум во суштина прилагодлива, убаво ми беше времето кога работев во телевизија, тоа е поголем колектив со многу колеги, работата е подинамична и бара повеќе време за подготовка на сопствениот изглед и стил. Но, сепак во тоа време тој начин на работа ми годеше, сè до моментот кога се сретнав со радиото, односно моето ,,Лајф радио,, од кое сум дел веќе скоро 14 години. Пред 14 години останав без работа бидејќи телевизијата во која тогаш работев се затвори. На случајна средба на еден музички фестивал се запознав со сопственикот на ,,Лајф радио“ и тогаш за прв пат влегов во просториите на радиото. Мислам дека најмногу ме фасцинираше можноста да им се обратам на слушателите без притоа тие да ме гледаат, после целото искуство со камерите, тоа беше предизвик на кој не можев да му одолеам. Тоа беше љубов на прв поглед која еве сè уште трае. Тоа е медиумот кој совршено ми "легна" можеби затоа што главната алатка е гласот, интонацијата и вештината на пренесување на информацијата на начин кој ќе им биде пријатен на слушателите, односно да ги гали додека слушаат.

Каков изгледа процесот на подготовка за радио емисија? Лесната достапност на информации веројатно ја олеснува работата...

-Секако дека е предност достапноста на информациите, тоа значи дека можам сама да одберам која информација ќе им ја пласирам на слушателите. Тоа мене многу ми значи, не морам да зборувам за дневно политички настани со кои се преплавени нашите медиуми, туку можам да одберам да зборувам за култура, уметност, музика, филм, па дури и совети за здрав живот, односно сè што слушателите ќе ги оттргне од сивото секојдневие. Подготвката значи токму барање на информации доволно интерсени и актуелни, секако нивна обработка (превод) и на крајот презентација.

Сметаш ли дека радиото е медиум кој полека згаснува? Може ли воопшто да се случи тоа?

-Иако уште во 1979-та Bruce Wooley  го издаде хитот „Video killed the radio star“ кој ја раскажуваше токму оваа приказна за згаснување на радиото и радио ѕвездите, сепак еве дури и во оваа инвазија на безброј интернет портали и музички канали како youtube, сè уште постои и мислам дека никогаш нема да згасне како медиум. Тоа е единствениот медиум кој не бара никаков посебен ангажман ниту пак, посебно одвоено врме за да го слушате, едноставно можете да си работите што сакате и во позадина да си свири радио. Тоа е магијата на радиото која сè уште го одржува во живот и верувам дека така и ќе остане.

Модно си храбра, често сме можеле да те видиме со различен имиџ. На што се должи тоа – темпераментот, бргу ти здосадуваат нештата...?

-Сакам естетски промени како во моето опкружување, домот, така и кај себе. Веројатно се должи и на двете работи, темпераментот го одредува и изборот на тоа како се облекуваме, каков имиџ градиме и во крајна линија каков избор правиме за сѐ во животот. Мене многу често знае да ми здосади бојата на коса, или некое парче облека, ама секогаш има нешто што останува многу подолго, имам парчиња облека кои ги чувам од кога сум била тинејџерка затоа што многу сум ги сакала и сè уште ми се многу убави, па имам привилегија да ги подарам на моите деца и да им го продолжам векот за уште некоја година. А храброста во однос на модниот израз, е тоа доаѓа од нешто што ме следи како парола отсекогаш, а тоа е да се биде уникатен без при тоа да се грижиш за тоа што ќе мислат другите.  

Музика, цртање, радио – сето ова може да оди под превезот на уметноста. Доволни ли ти се овие медиуми да се искажеш доволно?

-Апсолутно да, иако не ја исклучувам можноста да се најдам и во некоја друга уметност, пред околу 17 години на пример имав период од мојот живот кога правев накит и украсни предмети од глина, кој знае можеби некогаш ќе ѝ се навратам и на таа уметност. Сакам да истражувам, сè што ќе успее да ме направи среќна е добредојдено во мојот живот.

Професионално ангажирана, уметнички настроена, мајка, сопруга... Со какви амбиции и потреби се соочуваш сега, за разлика од периодот кога допрва требаше да го откриваш она што го сакаш?

-Сосема нормално и согласно со улогата на мајка доаѓаат и потребите на децата кои во голем дел ме засегаат и зависат од мене. Јас уживам во таа улога, сакам да им помагам секогаш кога имаат потреба од тоа и при тоа да им ги покажам сите опции кои им ги нуди животот во смисол на пронаоѓање на тоа што го сакаат и им „лежи“. Не постои совршено време за себереализација, еве јас сè уште се пронаоѓам во нови работи и тоа ме радува, тоа значи дека сè уште сакам да го негувам детето во себе, сопствените амбиции не завршуваат со доаѓањето на децата, детските амбиции можеме и треба само да ги поддржиме, никако да станат наши сопствени.

Објавено:
21 септември 2020
Категорија: 
Стории
Прочитано:
614 пати