Белешките од мојот нотес на FWSK….

11 април 2014

Како новинар што во континуитет ја следи  скопската модна недела уште од своите зачетоци па се до неодамна завршеното деветто издание, чувствувам потреба  со вас да споделам дел од страниците што ги потполнив  додека се создаваше новата приказна од последното  сезонско издание на настанот. За вас ставките во продолжение можеби ќе бидат интересни токму зашто се од еден поинаков агол. Нема да ве оптоварувам со анализи, напротив ги споделувам оние нови, впечатливи, интересни и необични  моменти што ми го одвлекоа вниманието, а му се случија на FWSK. Наменскиот  бележник  од ревија до ревија  држеше позицијата на мојот скут, а притоа пенкалото постојано  забележуваше се.  Неколку години назад и не секогаш имав  можност од првите редови одблизу да ги погледнам колекциите, но ете како времето минуваше, од позиција на даските кај снимателите, организаторите од пред неколку изданија, ми најдоа позиција на вистинското место, но да се разбереме,  не од престиж туку поради неопходната потреба за професионално известување. Епа откако успеав да видам се, сега можам  да ја споделам објективноста од погледнатото.

> Некои  од дизајнерите учесници за прв пат добија видео снимка од прикажаната колекција. Не дека претходно немало Тв прилози од Модниот викенд, но во една поинаква видео форма секој од од учесниците на ова издание доби дополнителен третман и со видео формат на Fashionel од прикажаните колекции.

>Момент кога сите погледнаа на некое друго место наместо во креациите, беше кога карактеристични и препознатливи звуци од старата чаршија се измешаа со музиката од ревијата на Hard to explain која беше на отворено. Момент кој  за повеќето беше смешен, за други необичен, но за мене сосема нормален па дури и во склад со инспирацијата на дизајнерките.

>Оваа сезона пролет-лето 2014 ќе ја  запаметам и по најобемната колекција на модната куќа „Елена Лука“  која уште еднаш постави рекорди во бројот на презентирани изгледи на писта, овој пат дури 49. Единствено на ревијата „Златни узди“ се бараше столче повеќе, присуствуваа најмногу личности од јавниот живот, па дури имаше и такви кои ги видов како ѕиркаат зад стаклените врати од музејот на ВМРО.

Публика од ревијата „Golden reins“ на модната куќа „Елена Лука“ Публика од ревијата „Golden reins“ на модната куќа „Елена Лука“

Дел од познатите на ревијата на „Елена Лука“: Иво Јанковски,Викторија Лоба,Брејк и Драгана Дел од познатите на ревијата на „Елена Лука“: Иво Јанковски,Викторија Лоба,Брејк и Драгана

>Се случија и неколку непосакувани мигови во презентацијата на две колекции. Една манекенка за малку не се струполи на писта, додека другата незгода беше дел од перформанс каде кај две манекенки пукнаа патентите од креациите, а тие набрзина се повлекоа од сцената.

>FWSK отиде чекор понапред со тоа што претставените колекции добија дополнително изложување во „Концепт 37“, а со тоа публиката и новинарите имаа можност одблизу да ги  видат сработените креации.

>Новина која секако ја забележав, а претходно не била случај, беа печатените четири страници со фотографии и краток текст од ревиите што биле презентирани претходниот ден, а ни ги делеа хостесите.

>Беше напорно да се издржат 5-6 часа на локација изолирана од централното градско подрачје, па организаторите се сетија исто така за прв пат на нас новинарите да ни овозможат определена зона за одмор со интернет достапност.

>Пистата на речиси сите ревии беше збогатена и со нови манекенски лица, но дефинитивно најголем впечаток остави црномурестата манекенка која иако без претходно искуство, одлично се снајде во новиот предизвик.

>Ако на последните модни недели во метрополите  Милано, Париз, Њујорк и Лондон, изгледите на писта се повеќе беа надополнети со рамни сандали, чевли, патики и влечки, кај нас разликата беше километарска не само територијално, па така преовладуваа високите потпетици и платформите.

> Манекенката Ивана Гелева уште една сезона како и претходните, дел од креациите на писта ги  „прошета“ боса, иако моделот воопшто не  соодвествуваше  да биде износен без обувки. Која и да е причината што се појавува така, ваквата нецелосна појава дефинитивно е пропуст.

>Откако во 2011 година пред платото од  дом на Арм за првпат погледнавме ревија под дневна природна светлина, односно  колекцијата „Лајт“ на Елена Лука за пролет-лето, после пауза од 3 години дизајнерката Мила Кадриу приреди попладневна ревија на отворено во гарден центарот Хорти Експерт. Во светот ревиите некогаш почнуваат и од 9 часот наутро, па еве случај кога сме се доближиле до нешто светско.

>Групните претставувања на неколку дизајнерски имиња полека преминува во традиција. Финансиската ограниченост веќе почна да создава и одредени форми на презентација пред публиката.

>Дизајнерката Александра Митковска партиципира од првото издание до последното. Оваа сезона таа се претстави во една преодна фаза, односно во форма на видео презентација ни ја покажа најновата колекција. Можеби токму Митковска за следното јубилејно 10-то издание треба да добие посебно признание како дизајнер со најголем континуитет во учеството.

>Росица Мршиќ уште една сезона го затвори моден викенд. Овој момент веќе го сметам за традиција.

>Факт кој дефинитивно  не се занемарува, е тоа што бројот на модни информатори се повеќе се зголемува, а повеќе или помалку е позитивен момент кој прогресивно се одразува на македонската мода. Но новитет се и блогерите кои се повеќе се множат, но уживаат и можност да ги следат ревиите од првите редови.

>Ако изминатите сезони по завршеното презентирање на колекциите, лутав во потрага по  дизајнерите за изјава, ова издание благодарение на лицето за односи со јавност на Моден викенд,  секоја потребна изјава  се добиваше полесно и попрактично.

>Дизајнерката Маја Кикириткова за првпат се појави како дел од тимот дизајнери на модната куќа „Елена Лука“

Овие белешки завршуваат тука, но само за оваа сезона.........

Објавено:
11 април 2014
Категорија: 
Стории