Бесплатна онлајн работилница за одржување на менталната хигиена: Како да се соочиме со стравот и стресот во време на Ковид-19?

15 април 2020

Откако се затворивме дома и се соочивме сами со себе, добивме драгоцено време меѓу другото да ја согледаме сопствената ментална снага. Генералната слика е дека состојбата со коронавирусот и изолацијата како последица на превенција за ширење на вирусот, ја разоткрија кревкоста на менталното здравје на современиот човек и недоволната грижа за него. Игнорирањето на менталната хигиена може да има сериозни долгорочни последици како што се состојбите на депресија, затоа е исклучитело важно свесно да пристапиме кон негување на нашиот внатрешен свет.

Актуелните вонредни услови на нашето секојдневие иницираа идеја за реализација на онлајн, бесплатна работилница на тема: Страв и стрес во состојба на изолација поради Ковид-19, што ја огранизира онлајн платформата Sweet40+ со поддршка на модниот бренд Елена Лука, потег кој е за поздрав и е од исклучително значење во време кога не се посветува доволно внимание на менталното здравје, а е нужно.

Работилницата ќе ја води доц.д-р Емилија Бошковска, психолог, психотерапевт и член на УО на Комора на психолози. По тој повод разговаравме со неа и дознавме за деталите околу концептот на работилницата, но позборувавме и за општата слика на менталното здравје на современиот човек и како да ги одржиме здравиот дух и мисла во вонредни услови.

доц.д-р Емилија Бошковска

Во современата динамка на секојдневието, го заборавивме и потценивме ли нашето ментално здравје? Дали можеби актуелната ситуација ја разоткри недоволната грижа за нашата ментална хигиена?

-Денешните социјални, економски и пошироки општествени услови на живеење, повеќе од било кога претходно ја отежнуваат реализацијата на животните потреби во целост, па затоа речиси никој не е лишен од ризикот да го наруши психичкото и физичкото здравје. Во модерното живеење посебно во градските средини, каде се повеќе изостануваат традиционалните облици на поддршка и помош, со отуѓеноста и увереноста дека може и мора во сè да се успее, тешко е истовремено да се остварува личноста професионално, семејно и лично и истовремено да ги задоволи потребите за сигурна егзистенција и семејна хармонија. За денес да можеме во сето тоа да успееме потребно е да се вложат дополнителни напори, но и свесност за важноста на вложување во своето ментално и телесно здравје. Психичкото здравје е подеднакво важно како и физичкото и за него треба да се води сметка исто како и при превенција од зараза од вирус.

Менталното здравје е предуслов и основа на квалитетот на живот. Државите кои можат да се пофалат со висок стандард и квалитет на живот вложуваат многу голем дел од своите буџети во превенција и одржување на менталното здравје. Кај нас сè уште свесноста за важноста на менталното здравје не е на завидно ниво, пред сè затоа што истото не се негува од најмали нозе и во училиштата речиси воопшто не е застапено.

Ако се знаат проценките дека од ментални заболувања патат околу 450 милиони луѓе во светот, а од друга страна научниците докажуваат дека психичките проблеми се почест причинител за појава на заболувања и прерана смрт отколку телесните болести, сето ова укажува на потребата од вложување во менталното здравје, односно потребно е рано откривање и лечење како и рехабилитација и унапредување на менталното здравје, а со тоа и на општото здравје на луѓето.

Во соработка со Елена Лука и платформата Sweet40+ започнавте иницијатива која е за голем поздрав, работна група на тема: Страв и стрес во состојба на изолација поради Ковид-19. Кој е всушност концептот на работилницата? Како се одвива пријаувањето и во каква форма ќе се одвиваат сесиите, односно работилниците?

-Стравот и стресот стануваат секојдневие во овој период, дел од тоа произлегува од социјалната изолација, а дел од постоењето на болест која се наоѓа меѓу нас и која е непозната. Коронавирусот и неизвесноста во врска со него, создаваат кај луѓето страв и стрес. Од друга страна пак луѓето се социјални суштества и практикувањето на социјална изолација негативно влијае на здравјето, може да доведе до чувство на осаменост кое е поврзано со развој на депресија.
Вонредните мерки на изолација кои се воведени и кај нас заради заштита од коронавирусот значајно го сменија животот на поединецот и на општеството што дополнително предизвикува стрес и е закана за менталното здравје на луѓето. Кога сме во состојба на стрес имаме потреба да го намалиме неговиот интензитет, а за тоа да го направиме користиме различни стратегии. Некои од нив се успешни, а некои не. Кај некои личности овие случувања можат да доведат до нарушено ментално здравје. Епидемијата може да предизвика низа стресни реакции (несоница, чувство на небезбедност, зголемена вознемиреност), барање на жртва и стигматизирање, здравствено ризични однесувања (зголемена конзумација на алкохол, дрога), нерамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот, појава на психосоматски симптоми.

Во рамки на работилницата ќе се дискутира за стравовите кои преовладуваат во моментов, а кои се поврзани со изолацијата поради Ковид 19 и стресот на кој сме изложени. Учесниците ќе можат да ги видат сопствените стратегии за справување и да добијат увид во успешноста/неуспешноста на стратегиите и по потреба нивна замена за поуспешно справување со стресот.

Пријавувањето се одвива преку платформата на Sweet 40 +, односно со оставање на основни податоци во инбокс (име презиме и маил). На маилот кој ќе го остават ќе им биде доставена покана со линк за пристапување до онлајн работилницата, датум и време. Работилници ќе се реализираат на секои 10 до 15 пријавени кандидатки.

Дали оваа тема добива доволно простор и внимание, особено сега кога условите наметнуваат тензичен амбиент?

-Психолозите насекаде низ светот како и кај нас се обидуваат да ја освестат и оваа страна на ситуацијата во која се наоѓаме. Комората на психолози на РМакедонија веднаш по прогласување на вонредната состојба се стави на располагање со свои волонтери и нуди бесплатна психолошка помош онлајн.
Моментално најактуелни се информациите за бројот на заболени и умрени од вирусот, што го зголемува стресот, а од друга страна не се нуди доволно помош или начини за растеретување од тој стрес и покрај тоа што веќе се достапни и научни истражувања кои покажуваат дека од психозата која се создава ќе страда повеќе психичкото здравје отколку физичкото.
Стравот за време на епидемија ни помага во одреден степен да се фокусираме на можните извори на закана и да се грижиме за нашето здравје. Студии спроведени во период на претходни епидемии покажуваат дека нивото на донесување мерки на претпазливост е поврзано со зголемено ниво на вознемиреност и страв од инфекција. Значи стравот во одредена мера не штити од заболувања. Од друга страна, прекумерниот страв и паника можат да направат повеќе штета отколку добро. Така, стравот, интензивната вознемиреност или паника и во врска со нашето однесување, честопати не е одраз на реалниот ризик заснован на епидемиолошки податоци, туку одраз на нашето лично искуство на ризик или опасност. Некои гледаат зголемен личен ризик, а некои намален, што потоа влијае на нивното однесување. Сето ова може да го наруши менталното здравје и да доведе до развој или влошување на психички пореметувања како што се депресивните и анксиозните растројства, па и пост-трауматско стресно растројство.

 Фото: traveldudes.org

Како изолацијата се одразува на нашата психичка состојба?

-Да се остане дома за некого е предизвик, па дури и пријатна промена, додека пак за друг е драматичен пресврт во нормалниот дневен ритам и начин на живот. За многумина, промената на самата рутина е стресно, а кога на тоа ќе се додаде и рестрикцијата, ограничувањето на движењето и слободата и останувањето во затворен простор, состојбата станува крајно сериозна. Стравот, немирот, тагата, лутината па и збунетоста се нормални реакции на епидемијата и состојбата на изолација, односно нормални емоции на луѓето кога се среќаваат со непознати искуства. На краток рок, овие емоции не активираат и енергизираат, ни овозможуваат претпазливост и справување со ситуацијата. Меѓутоа, по период од повеќе денови или недели овие емоции би можеле да се утврдат со постојано повторување и ќе мора да се превземе активна грижа за да се одржи здрав умот и срцето. Затоа е многу важно да се организира дневниот ритам и здрави навики за да се негува здравјето.

По социјалните мрежи прочитавме доста коментари кои наведуваат на тоа дека луѓето се плашат да останат сами со себе. Како Вие гледате на таа состојба?

-Во брзото темпо на живот што го водиме денес луѓето често се забораваат себе си. Забораваат да проверат што е тоа што они лично сакаат, што е тоа што ги прави среќни или тажни, кои се нивните лични потреби, а не на нивните деца, партнери, околина. После период на такво избегнување/заборавање на себе, се појавуваат здравствени проблеми кои не дозволуваат игнорирање па се обраќаат за помош кај психолози и доктори. Актуелната состојба на еден начин ќе убрза некои од фазите на појава на симптоми и потреба на организмот да биде „ислушан". И кога принудени ќе се свртиме самите кон себе, нешто што оваа ситуација ни го налага (сакале или не) се појавува вознемиреност, односно стануваме пречувствителни на сопствените физички сензации, па не е чудно луѓето да се плашат да останат сами со себе. Во таква ситуација наеднаш ги забележуваме чудата во нашето тело и може да дојде и до појава на панични напади. Дури ни јогата и медитацијата која што во медиумите се препорачува како добар начин за справување со стресот, во вакви ситуации не се препорачува за лица кои немаат претходен тренинг од истото.

Постојат ли ризични групи на кои оваа состојба може да остави сериозни последици врз менталното здравје?

-Од оваа состојба ретко кој ќе излезе без било какви последици. Првенствено, не сме сите подеднакво загрозени биолошки. Веќе знаеме дека најранливи се постарите лица, а најмалку ранливи се децата. Но, од психолошки аспект и покрај тоа што постарите лица можат да бидат вознемирени поради поголемиот ризик по нивното здравје па и живот, тие исто така поседуваат и мудрост и искуство што ги прави посмирени и посилни, затоа што тие се „вакцинирани" од изложеноста на претходни негативни искуства. Најмногу изложени на стрес се всушност средовечните лица, особено родителите со мали деца и со постари родители.
Можното ресетирање на социјалните вредности, како и економската криза што се очекува дека ќе се случи, ќе допринесат за зголемување на бројот на психички растројства, особено депресивни и анксиозни растројства.

Како може да си помогнеме и да превенираме за сочувувањето на здравиот дух и мисла?

-Од сите луѓе изложени на инфекција, само некои ќе се разболат. Една од причините за тоа е и намалената отпорност на организмот како резултат на психолошки стрес. Психолошкиот стрес е поврзан со низа на промени во имунолошкиот систем. Стресот влијае на имунитетот преку дејството на хормоните со што се нарушува производството на леукоцити, белите крвни клетки, кои се важни во заштитата на организмот од бактерии и вируси. Покрај тоа, стресот може да дејствува врз имунитетот преку промени и во однесувањето предизвикани од стресната состојба, на пр. прекумерната конзумација на алкохол и цигари, слаба/претерана исхрана и намалена физичка активност.
Овие информации даваат поинаква перспектива на болестите, односно укажуваат дека сепак можеме да влијаеме барем во одреден сегмент на можноста да ја превенираме болеста која ни се заканува.
Многу нешта меѓу кои и квалитетот на живеење и нашето општо здравје зависи од нашата перцепција. Изолацијата може да се перцепира и како можност за сопствено подобрување преку забавување на ова супер-брзо темпо на живот и да се сфати вистинската хиерархија на вредности во животот.

 

Објавено:
15 април 2020
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.044 пати