Без тајни, кој е вистинскиот Диор наследник?

19 април 2016

Гламур во целост, диво, без страв, неодолива темна палета, ѓаволска уметност измешана со висока мода, Галиjано, без сомнение си ја знаеше својата работа. Секогаш кога гледав негова ревија, беше подеднакво како да гледаш некој филм на Тим Бартон, ете толку беше добро сработено.

Раскошно, генијално, од пердуви до крзно, високи чизми и богати ткаенини, бордо шапки. А кога ќе дојдеше лето, како да те носеше на вистинско крстарење околу светот, Бахамите, Сицилија, Сен Тропе, јаки бои, величествен коктел од детали, дизајните ги разбрануваше со најубавите свиленкасти нежни материјали, а заедно со замислените завршни подготовки како фризурите и шминките, ја добиваше целосната слика и тука некаде можеше да се одблизу види како функционира овој брилијантен ум, кој го замислував како внатрешноста на еден клавир, кој свири нешто од Моцарт или Вивлади. Сликовито, нека ви текне на таа луда сцена од Том и Џери.

Галиjано, еден од моите омилени ќе речам, иако тука ќе ја поставам мојата пишувачка објективност под знак прашалник, знам, но за вкусови не се дискутира, сепак.

И одеднаш шок, неповрзан скандал, Галиjано надовор од играта, а во модната куќа ни трага од таа мистичност, од таа мрачна романса со која Галиjано заведуваше, заврши бурата и одеднаш Сонце. Настапи пролетта, дојде Раф. Нежно, тивко, како топол ветер низ косата, околу вратот, пријатност за окото, како повторно да се обои стариот Диор. Конечно дојде некој да го заузда црниот коњ, дојде некој да ја смири драматичноста и на приказната да и даде шеќерен тек.


Ова значеше обновување на Диор, вистинскиот Диор. Класика подигната на иглите на софистицираноста, убавиот широк крој на здолништата повторно се врати на сцена, романтичната палета на бои уште од претставувањето на неговата прва колекција за модната куќа, женственоста прикажана на оригинален начин. Навидум тивка, слаба и прекрасна, а од друга страна фантастична и силна, жената да владее како што најдобро знае, со својата убавина , Симонс го врати шармот во едноставното.

Со чистите дизајни за се чувствуваше духот на стариот Кристијан, присуството на неговата првобитна идеја, жената е дама.

Со негувањето на својата брилијантност, денес Симонс се усоврши покажувајќи дека креативноста треба да има своја и светла, но и темна страна, бидејќи зачинот е секогаш потребен, а особено кога станува збор за светот на модата, бидејќи за нашето љубопитно око, ако работите не се менуваат, ние го менуваме каналот.

Но, каков е всушност Диор, каков би требало да биде? Дали еден бренд што е водечки во модната индустрија треба да остане класичен и скоро ист како на почетокот или бренд што треба да си ја здржи препознатливност, но да се менува и да воспоставува нови модни закони?

Автор: Елеонора Гоцевска, студент на Универзитетот „Гоце Делчев“, Правен факултет (насока новинарство)

 

Објавено:
19 април 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
263 пати