Брендирана облека за деца: Да или Не???

27 август 2013

„Облеката не го прави човекот“, е позната изрека, на која можеби треба да и се додаде „... не го прави ни детето“...

Во современото општество, родителите често се жалат дека вистинските вредности на кои треба да почива една заедница се  изгубени и не постојат. Но,  од друга страна забораваат дека најголемиот пример за своите деца се токму тие. За време на нивниот раст и развој родителите имаат најголемо влијание. Инсистирањето на родителот на неговото дете  да му купува брендирани играчки и облека е феномен кое подоцна влијае и врз развојот на самото дете. Тоа искуство кое ќе се провлекува кај детето се додека трае периодот на развој, па и понатаму кога ќе се изгради во личност.

Доколку брендираната облека е синоним за квалитет, тогаш нејзината примена е оправдана. По принципот „не сум толку богат за да купувам евтини парчиња“, родителите одлучуваат да купат неколку квалитетни парчиња, отколку повеќе кои се за еднократна употреба.

За жал причините за купување на ваков вид облека најчесто се од друг тип на природа:

Вклопување со своите врсници

Само во одредени ситуации, децата се облекуваат на сличен начин. Делумно може да се разбере овој феномен и родителска потреба нивното дете да биде облечено слично како и другите со цел подобро да се вклопи во групата и да се избегне негативно етикетирање од страна на другите деца. Меѓутоа во вистинската реалност не постои ниту една група на деца на кои родителите можат да им купуваат само брендирана облека.

Материјален статус

Со купување на скапи парчиња облека на своите деца родителите сакаат да го нагласат својот материјален статус.

Желба на родителот од времето кога тој бил дете

Родителите веруваат дека се она што нив им недостигало и не можеле да си го дозволат кога биле деца,  ќе им го овозможат на своите деца, и веруваат дека ќе им значи на нивните деца исто колку што би им значело нив. Меѓутоа треба да знаете дека вашето дете живее во друго време и дека има свои желби и потреби кои воопшто не мора да бидат слични со вашите.

 

 

Детето бара

Оваа реченица е составен дел од оправдувањата кај многу родители. Секоја желба која ја има детето, родителот ја доживува како непобитен фактор за нејзино исполнување. Од друга страна, многу детски желби како на пример да поминуваат повеќе време со мајката и таткото, да си играат заедно и сл., воопшто не се земаат в предвид и родителите ги игнорираат. Со други зборови кажано, не купуваат брендирана облека или играчки на своите деца затоа што детето ја бара, туку за да си исполнат некој свој личен интерес.

На другите деца им купуваат, а мене не

Со растот и развојот на детето, во одредено време тоа се врзува со популарноста на некој цртан филм или серија која е актуелна, па сака да има се што е поврзано со неговиот омилен јунак. Кога тоа дете ќе ги добие сите реквизити кои ги има неговиот омилен лик, тоа дете станува најпопуларно во групата деца, бидејќи има се што другите немаат. Дел од родителите кога ќе се случи тоа се чувствуваат лошо и веднаш трчаат да му купат на своето дете се што има и нивното другарче за тоа да не се чувствува занемарено во друштвото, туку да добие на популарност.

Објавено:
27 август 2013
Категорија: 
Стории