Брендот Sezane во скандал: Колку ќе ги чинат 10 долари што ги дадоа за фотографирање на возрасна Мексиканка?

14 јануари 2022

10 долари за фотографирање возрасна жена во Мексико (доморотка) за најнова кампања може да ги чини губење на брендот.

 

Популарниот француски бренд Sézane се најде во огромен скандал. Имено, изминатиов период нивна екипа престојувала во Мексико, каде што работела на новата кампања.

Една од вработените, која инсистирала да остане анонимна, била шокирана од начинот на кој што одлучиле да го реализираат тоа, па ова непријатно искуство го споделила со Бупу Кортес, текстилна уметница и активистка за правата на домородните култури.

Анонимната вработена ѝ пратила на Кортес снимки, кои таа пак, веднаш ги објавила, а на кои се гледа дека тимот на „Sézane“ фотографира повозрасна госпоѓа, облечена во зелен кардиган, а сето тоа пред сет создаден од микс на материјали, автентични за Мексико.

 

За овој ангажман, продукцијата ѝ платила на госпоѓата, која патем е дел од домородната култура, едвај 10 долари. И не само тоа - во видеото се гледа како една жена, членка на екипата на францускиот бренд ( за која подоцна ќе излезе дека е сопственичката на брендот) ја наговара возрасната госпоѓа да стане и да игра, за да може да ја фотографираат. 

„Оригиналните уникатни мексикански култури не се зоолошка градина. Ние не сме реквизити. Не сме отворен каталог за вашите креации“, вели Кортес под објавата.

Ваквото однесување е огромен скандал и за „Б Корп“, непрофитна организација која на францускиот бренд неодамна му додели сертификат за компанија која дава поддршка на заштита на околината, праведно ги исплаќа вработените, ја почитува заедницата во која работа и генерално - компанија која е општествено одговорна - а со случајот во Мексико сето ова се доведува во прашање. 

Случувањето го осуди и мексикански Институт чија дејност е заштита на правата на доморотското население и зачувување на нивната традиција и култура ( El Instituto Nacional de los Pueblos Indígenas).

По објавата на Кортес, се јавила и сопственичката на брендот Морган Сезалори. Таа ѝ се обратила во приватна порака, а и тој разговор Кортес го објавила јавно.

Во тој разговор Сезалори вели дека никој немал намера никого да повреди. Исто така, нагласува дека фотографиите сакала да ги направи за својот приватен блог, бидејќи ѝ се допаднала жената, како и тоа дека заедно танцувале. Во преписките било потенцирано и тоа дека вистинската реклама била снимена претходно, во една приватна куќа и дека воопшто не била запознаена дека некој од продукцијата ѝ платил на жената само 10 долари.

Но, не објаснува како целиот сет бил поставен на пазарот во Мексико, ниту зошто жената носи кардиган од нивниот бренд, ако веќе не се работело за снимањето за нејзиниот бренд.

На нејзините пораки, Кортес го дала јавно својот одговор:

„Содржината на твоите пораки во мојата култура се нарекува бели солзи. (...) Прилично е вознемирувачки да се рамниш со жената која сте ја снимале, дека сте само две с рца кои танцуваат заедно. Со тоа го бришеш расизам, класни нееднаквости. Ја изоставуваш сопствената привилигираност. Вие не сте исти“, пишува Кортес, потенцирајќи дека се надева дека овој случај ќе биде вредна порака сопствениците на други брендови кои се водени од „белци“, за почитувањето на туѓата  културата.

Модните инсајдери велат дека ова е сериозен удар за францускиот бренд, чија популарност и функционирање можат да бидат комплетно доведени во прашање.

Објавено:
14 јануари 2022
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.036 пати