Црвен килим – механичка лента за производство на дизајнерски кукли?

26 декември 2014

Некогаш црвениот килим беше гламурозен ритуал, пропратна патека со престижна цел. Денеска,  килимот е цел сама по себе.

Во златната доба на филмската индустрија, црвениот килим се “одмотуваше“ само за настани кои важат за кулуролошки идентитет на истата. Привилегијата да се чекорат тие десетици метри имаше јасна мисија. Денеска, мисијата е да се биде виден.

Црвениот килим секогаш меѓу другото бил и бизнис. Но, денес целата церемонија на доделување на признанијата останува во сенка на бизнисот каде најзначајна е фотографијата која утре ќе излезе во медиумите и ќе патува низ светот. Нема да се зборува за актерската игра туку за луксузните дизајнерски парчиња.

Пред блицот на фоторепортерите веќе не позираат автентични актери, режисери, уметници и генијални музичари, туку продаваат идеали, сценариски , до детаљ извајани кукли. А како би биле автентични индивидуи-барем на таа црвена патека, кога и за секое една влакно што им „штрчи“ од косата е задолжен асистент? Кога ѕвездите имаат цел тим на луѓе кои им диктираат како да позираат за да го сокријат вишокот килограми или до кој степен да ги рашират своите усни во насмевки, тогаш да, тоа се вистински и недостижни ѕвезди надвор од нашата реалност, но надвор и од нивната.

Денеска црвениот килим е механичка лента на која парадираат вештачки идеали и се продуцираат лажни идоли. Како да се губи логиката и приоритетот на нештата, преокупирани со перфектната појава, наместо со причината зошто се на црвениот килим.

Да, факт е дека познатите личности се платени да носат одредено дизајнерско парче. Но, дали тоа  значи размена со нивниот личен идентитет пред се како луѓе и како уметници кои заслужиле некаква титула и нивниот труд е награден со: Оскар, Златен лав, Златна мечка или Греми?

Се некако станува пренападно, дури и агресивно во трката за пари и слава на таа бескрајна “црвена лента“.  Имињата на дизајнерите се почесто споменувани од насловите на филмовите на чија премиера се промовира и скапоценото  дизајнерско дело. Од една страна тое е неприкоснована реклама за модните куќи, но во никој случај не треба да биде злоупотреба на просторот резервиран за некое поинакво дело и нечиј труд.

Црвениот килим на денешницата е најлуксузната модна писта. И се би било во ред доколку приказната продолжува со целта каде води таа патека, наместо да завршува пред фотообјективите.

Сега приматот е на фотографијата, а рецензиите се почесто стануваат раритет. Балансот се губи во полза на инстантната популарност, шминката, површината и сензационалноста.

Објавено:
26 декември 2014
Категорија: 
Стории