Приказни од градот

Децата нè гледаат што правиме, а не што зборуваме!

22 јануари 2020

Колку вреди едно „Благодарам" во современиот, модерен хаос? Што е вредно за вашето „Благодарам"? Во брзањето да фатиме чекор со сè понемилосрдната динамика на живеачката, ги забораваме есенцијалните врености, ја запоставуваме и општата култура и основните човечки доблести. Сè пократко ни е квалитетното време поминато со семејството и со децата, со самите себе, а на крајот од денот се прашуваме каде брзаме? Понекогаш на крстосницата на динамичниот животен сообраќај, потребен ни е знак СТОП! Застанете и размислете, организирајте се себеси и вашето ценето време. Интерактивната книга „Благодарам" на нашата соговорничка Ана Салтирова Давидовски, НЛП тренер и коуч, (а со оглед на успехот што го постигна книгата и амбициозен писател за деца), е креирана токму со цел да ве потсети на позитивниот став кон животот и како преку вашиот личен пример може позитивно да влијаете на вашите деца, зашто впрочем децата нè гледаат што правиме, а не што зборуваме!

„Благодарам" се најде на листите на најпродавани книги за 2018. година во нашата земја, а веќе е издадена по втор пат, што укажува на големиот интерес за оваа форма на детска литература. Каков е концептот на книгата и која е нејзината клучна улога?

-Кога решив дека сама ќе ја издадам книгата прогнозите од окружувањето не беа многу оптимистички. Многу сум среќна дека во годината на издавање се најде на листата 20 најпродавани книги, вистина 19-та по ред, но на листата, а за првиот роденден го виде своето реиздание. Книгата „Благодарам" е проект за душа, нешто што го правам и работам од и со голем мерак. Од срце сум благодарна што читателите ја препознаа и прифатија со фидбек кој е повеќе од охрабрувачки. Инаку станува збор за интерактивна книга во која детето и родителот заедно работат. Самата книга е осмислена да им биде поддршка на родителите во формирање на навика за искажување на благодарност и формирање на позитивно размислување кај децата и тоа водено со личен пример. Верувам дека бенефитот е на двете страни и децата и родителите денот да го завршат со рефлексија и оддавање на признание на благословите што ги имаат. Самата книга може секојдневно да се пополнува во текот на еден месец, а за време на викендите има активности кои може да ги прави целото семејство заедно. Енергијата/емоцијата со која си легнуваме е енергијата/емоцијата со која што стануваме наутро затоа е и важно тоа што го правиме да има позитивна нишка. Бонус на сето тоа е што потоа книгата ќе остане во семејството како споменар за едни убави времиња.

Базирана е на методологијата НЛП. Што всушност подразбира оваа методологија?

-НЛП за мене беше љубов на прв поглед и знам да кажам дека животот го делам пред и по НЛП, но веројатно е позгодно да почнам од почеток. НЛП е акроним од робусниот збор неуролинвистичко програмирање и ако се разглоби неуро се однесува на нашите пет сетилата (гледање, слушање, допирање, мирисање и вкусување), како ги примаме информациите од средината околу нас, лингвистичко се однесува на тоа како го користиме јазикот за да му дадеме смисла на она што сме го примиле преку сетила исто како и како го користиме јазикот во комуникација со другите луѓе, последниот дел програмирање стои за нашите внатрешни процеси (читајте навики) кои континуирано се повторуваат и како истите да се променат во насока на постигнување на посакуваните резултати. Приказната има почнато во Америка кога Ричард Бендлер и Џон Гриндер се имаат запрашано што е разликата помеѓу успешните и не така успешните луѓе и како би можело да се надмине тој јаз, од што имаат произлезено различни модели, техники кои се поддршка на тој пат. НЛП стои за тоа дека секое искуство има структура и дека успешните искуства може да се моделираат, дава алатки како да учиме од туѓиот успех и како да го интегрираме во својот живот. Дава поддршка како да ги усогласиме свесните намери со несвесните просеци и уште толку многу :). Кога се запознав со оваа методологија 2005 почнав да читам сè што ќе ми дојде на рака, а од 2008 почнав и систематизирано да ја изучувам, изучив сè што имаше да се изучи, сега веќе сум НЛП Тренер и Коуч, но ми беше многу криво што ја немав сретнато порано, па тоа сакав да го коригирам со моите деца. После некои случувања во животот решив да си го исполнам детскиот сон и да станам писателка, а темата на мојот интерес веќе беше дефинирана. Би сакала ова не само моите туку и сите дечиња да го знаат од најмали години да не бидат како мене да одучуваат еден куп работи за да направат простор за работите кои се поддршка кон патот на успехот. Што и тоа да значи за секој од нас. Притоа во книгата сè е претставено преку приказни блиски за децата.

Тешко ли е да се каже „Благодарам" во контекст на модерното живеење?

-Тоа е избор :), можеме и свесно да одлучиме на што ќе го поставиме своето внимание. Голем дел од нас работите ги подразбираме (ги прифаќаат здраво за готово), во животот имаме многу повеќе работи на кои можеме да бидеме благодарни од она што избираме да бидеме. Па може да се чуе како било порано подобро (секоја генерација го зборува тоа), но дали е тоа навистина така? Моето лично убедување е дека пред нас во ова време имаме многу повеќе избори и можности во споредба со претходно, да ја земам книгата за пример, „порано" би било многу потешко да ја издадам книгава со многу подчекори, а помислата да ја издадам на пример истата во странство дури и неможно за автор само-издавач, не само што е можно туку не е ни тешко. Од нас зависи на што ќе го ставиме фокусот дали на можностите или на препреките, на она што ќе го ставиме со тоа ќе го исполниме и денот, а следствено ќе биде и нашето (не)задоволство и резултати. Ова е една од носечките причини и за покренување на Кампањата за свесна промена на фокусот на мислата која има за јасна цел враќање на доброто расположение повторно во мода. Среќни и задоволни можеме да постигнеме многу повеќе и ова тврдење е потврдено со бројни истражувања. Но, секако бара свесен напор и свесно водење на своето внимание, од сите страни сме бомбардирани со информации од кои лесно може да се падне и во депресија. Јас повеќе од 5-6 години не гледам телевизија и не следам дневен печат тоа секако подразбира дека за некои работи и не сум информирана, но кога ќе ставам на кантар подобро се чувствувам на дневна основа. Исто така повеќе од 7 години пишувам дневник на благодарност секој ден, од искуство можам да кажам дека не е лесно на почеток како остро вртење, но ние како врста сме многу прилагодливи и кога ќе се формира навика таа ја води играта. Така денес можам без проблем да напишам цела страна на работи за кои сум благодарна што не беше случај на почетокот. Свесно го менував фокусот и сега уживам во исходот и за ова немојте да ми верувате, пробајте.

Од аспект на НЛП тренер, што вели Вашиот личен став, каков е профилот на модерниот родител во нашето окружување и на што треба да се поработи за подобра комуникација со децата?

-Лично сум убедена дека треба да се обидеме да ги разбереме, не да претпоставуваме што они мислат, сакаат... за што НЛП ми даде неверојатно добра основа, секако зачинето со љубов и трпение. Често ние родителите убедени сме дека како големи имаме одговор за сѐ, а во основа само комплицираме, работите се многу поедноставни. Децата толку многу брзо растат, уште нешто што секоја генерација го зборува, да не го пропуштиме времето кога вистина сакаат да се дружат со нас и времето во кое можеме заедно да уживаме и да учиме едни од други. Колку што ние можеме да ги научиме толку и ние можеме да научиме и растеме заедно со нив. Се трудам да ја разберам пораката скриена во однесувањето на моите деца и да видам што и дали може да се пресретне, зошто некои работи како родители ценам дека ни е работа да ги одбиеме, но начинот на кој што ќе го направиме тоа ја прави целата разлика, дали истото ќе води кон фрустрација или кон учење. Воспитан родител, воспитано дете, прочитав некаде и многу ми се допадна.

Според Вас, која е најголемата грешка која ја прават родителите при воспитувањето на своите деца?

-Ние сме првата генерација која има можност свесно да го воспита детето т.е. да размислуваме како отсекогаш се правело и во некои ситуации да правиме и поинакви избори. На оваа тема многу се зборува, пишува, истражува и кај некои родители стереотипите се чистат, но и покрај тоа сепак има родители кои им ги кратат крилата, што сакаат да ги спремат на пет годишна возраст за вистинскиот свет притоа внесувајќи вредности кои се дискутабилни. Според мене важно е првично да се разберат правилата, а потоа да се учат отстапките. Кога ќе купиме нов телефон читаме се за тој телефон, што поддржува, што може, што не може, кои апликации треба да се инсталираат за и тоа да го може, а кога ќе добиеме дете очекуваме дека само затоа што сме биле способни да го донесеме на свет што е биологија сме и спремни да го оспособиме за овој свет и тоа дете да може остави позитивен белег на него. Верувам дека почитување на детската личност и адаптираниот пристап согласно потребите на детето ја прават разликата. Ваквиот пристап бара многу повеќе енергија, но на тој начин ја градиме и нивната самодоверба и самопочит, тие преку нашето однесување кон нив градат слика за себе колку се вредни, важни и тоа е она што понатаму ќе му го дадат на светот. Во овој дел не сакам да бидам сфатена дека кажувам дека постојат лоши родители, во тоа не верувам. Искрено верувам дека секој родител си го сака своето дека и дека сè што прави, прави од најголема љубов и најдобро што знае, а исто така факт е дека не секогаш резултатите се добри, сите ние си носиме лузни и тоа се вика живот. Мојот избор со кој преку личен пример сакам да покажам е да работам на себе да ги освестам работите и да не им ги пренесам моите ограничувања на децата. Само она што го имаме можеме и да им го дадеме. Ако можам да сумирам верувам дека родителите треба да работат на себе и на својата среќа/задоволство за да имаат што да им дадат на нивните деца преку пример. Децата нè гледаат што правиме, не што зборуваме, па да го ставиме во служба ова правило.

Колку Вашата улога на родител Ви помогна при креирањето на концептот на книгата и обратно, колку Вие се придржувате на „правилата" што се наведуваат низ темите во „Благодарам"?

-Звучи како клише, но децата за мене беа вистинска инспирација, во мене разбудија делови за кои не бев свесна и дека ги имам. Јас она што го препорачувам во книгата лично го правев со моите деца пред и да се роди идејата да го ставам во книга. Главните ликови од книгата се моите Огнен и Елена :), ова е книга која првично сакав да им ја оставам ним. Инаку ние секоја вечер сите заедно за добра ноќ денот го завршуваме со кажување што ни било најубаво во денешниот ден и она што е интересно е што децата тоа сами го бараат на пример кога мама или тато сака побрзо да ги легне затоа што поминало времето за легнување они си го бараат времето каде ќе си кажеме што било најубаво за што сме благодарни, што сме научиле. Ова е неверојатно моќен начин за пренесување на вредностите кои сакате да ги развиете кај вашето дете преку работи што ви се случиле на вас и начинот што вие сте направиле и што вие од тоа сте научиле. Од друга страна она што ќе ви го кажат децата е она што на нив им е значајно, важно им е во фокусот на интерес и како родители ни дава материјал за работа во родителувањето, да не тргнуваме од претпоставки туку да имаме материјал. Иако не ни е тема на разговор во овој момент во насока за тоа како ме инспирираат децата нешто што е нова инспирација од нив е медитацијата за заспивање Сонка. Елена е дете кое што тешко заспива и експериментирајќи настана Сонка, која што е најубавата ѕвезда која го носи сончето до сите дечиња, истата ќе биде слободна за симнување од мојата FB страна и инста профил.

Што значи квалитетно поминато време на детето со родителите?

-За мене квалитетно време е време во кое ние како родители можеме да креираме позитивни искуства во меморијата на нашите најмили, а тие сеќавања утре ќе им користат како ресурс на нивниот животен пат. За мене квантитет не значи и квалитет, знам родители кои поминуваат многу празно време со своите деца и нивните телефони. Родителството воопшто не е лесна работа, но секако е една од најблагодарните.

Постои ли метод како децата да се заштитат од предвременото пречекорување во светот на возрасните, со оглед на брзата динамика на модерното време предводена од технологијата? Како децата да останат деца без да пропуштат ниту една фаза од природнот развој?

-Сите по ова прашање се едногласни колку што е можно повеќе да ги држиме децата подалеку од паметните телефони, видео игрите и сл. Јас решив да го слушам ова правило иако Огнен има девет ипол години се уште нема телефон, а заедно со Елена, која што е помала, го добиваат на рецепта :). Дома телевизорот ретко е вклучен освен ако не гледаме нешто заедно за кое потоа сакам да зборуваме и да не звучи утопично ова е нешто што зема многу енергија се додека не се заиграат, вчера на пример решија да прават пињати што во превод значи ги искинаа сите украсни кеси кои преставуваа пињати и направи лом, беше многу гласно додека се забавуваа, а секако инсистираа да се вклучиме и ние што подразбира веднаш да се остави она што се прави во моментот. Не осудувам што некои родители сакаат да си го купат мирот после напорниот ден. Исто така едно од договорените работи е дека секој ден се чита најмалку 15 минути кои сега прераснаа во 15 страни. Верувам дека одговорот е да им помогнеме на децата да си најдат соодветна замена за она што е прв и најлесен избор, но долгорочно не најпаметен.

Во која насока се Вашите професионални амбиции? Размислувате ли за следна книга?

-Да, книгата „Благодарам" е првиот чекор од она што ми е мене цел да го доближам до најмладите. Кога се избира стратегија за успех често се занемаруваат двата чекори, а тоа е како се чувствувам кога ја избирам стратегија за успех, првиот чекор и што зборувам додека ја избирам стратегијата за успех што е вториот чекор. Како одговор на првиот чекор настана „Благодарам" а како одговор на вториот чекор работам на втората книга. Благодарноста е научно докажано дека ја менува состојбата во која се наоѓаме, го менува начинот на кој се чувствуваме, а истото е подкрепено со многубројни истражувања (немојте да ми верувате ве молам проверете). Она што исто така е подкрепено со истражувања е дека кога сме во добра состојба ни текнуваат креативни, иновативни и храбри идеи, тоа е наука едноставно така ни е посложен мозокот, ова е биологија не е филозофија :). Не знам дали сте забележале дека не можеме да мислиме на две работи во исто време, не можеме да бидеме лути и благодарни во исто време. Застанете, забавете и ќе го согледате феноменот на една мисла. Кој е нашиот избор? Сигурно знаеме дека квалитетот на животот зависи од тоа какви се нашите мисли и од тоа како се чуствуваме сами со себе. „Благодарам" имаше за цел да ја смени состојбата т.е. да не доведе во позитивна состојба, а втората книга има за цел да ни осветли разговорот што го водиме сами со себе и како тоа да го правиме како би си ја зголемиле веројатноста за добивање на она што го посакуваме. Покрај овие работи во склоп на Кампањата за свесна промена на фокусот на мислата започнав и една бесплатна Е-книга „Како да станеме и останеме среќни родители" во која што обработувам според мене корисни делови од НЛП и ги ставам во контекст на родителството. Првите два дела од оваа бесплатна е-книга може да се симнат од мојата FB страна Ana Saltirova Davidovski – Blagodaram поточно од FB групата на оваа FB страна. А оваа прилика сакам да ја искористам и да ги повикам сите родители, секако за оние за кои ова ќе се види интересно, да се вклучат во инцијативата „Родители за родители" која е дел од истата кампања. Целта е споделување на tips & tricks од нивното родителување (авторското право си останува на подносителот на идејата и истиот е потпишан под истата по желба), сите совети одат како продолжение на е-книгата „Како да станеме и останеме среќни родители" а во вториот дел од оваа книга се ставени и првите tips & tricks како и повеќе инфо и за самата идеја. Имам многу идеи кои баш ме стегаат во глава и како што ќе се реализираат така ќе ги објавувам на FB Ana Saltirova Davidovski – Blagodaram и Instagram @ana.saltirova.davidovski ве повикувам да се вклучите и заедно да ја направиме Кампањата за свесна промена на фокусот на мислата појака за најголемо добро на нашите најмили од една страна а од друга за мене не помалку важна и за нас самите.

Објавено:
22 јануари 2020
Категорија: 
Стории
Прочитано:
963 пати