Десет митови за модната индустрија

7 мај 2014

Во суштина постојат основни модни постулати кои се скроени на реална основа, а за да ставиме крај на секаквите претпоставки, во продолжение ќе ви понудиме топ 10 митови од модната индустрија

Мит 1 – модната фотографија е минато

Оваа констатација е далеку од вистинита. Иако во последно време бројот на модни фотографи е се поголем, сепак трпи квалитетот на сметка на квалитетот. Добрата фотографија е пресудна за фидбек од публиката. Токму затоа потребно е да се направи добра селекција помеѓу големиот број фотографи за вистинскиот талент да избие на површина.

Мит 2 – маицата не треба да биде поскапа од 20 долари

Кога знаете дека може да најдете маица за 15 долари, зошто би платиле повеќе? Ваквото размислување влијае врз менталниот склоп, а тоа допринесува помалите индустрии да ги спуштат цените на своите продукти, но на сметка на квалитетот. Можеби најдебелиот крај тука го влечат младите дизајнери кои не можат да го наплатат својот труд и да го започнат својот бизнис на сметка на ваквата потрошувачка.

Мит 3 – добриот изглед се постигнува само со помош на стилисти

Тоа што постојано гледаме славни личности со трансформации кога ќе се појават на црвениот килим, не значи дека добриот изглед се постигнува само со многу пари.  Во последно време уличната мода владее буквално насекаде во светот и иако стилистите имаат полни раце работа, сепак добриот изглед е одраз на вашиот изграден стил, не на дизајнерските парчиња кои ги поседувате.

Мит 4 – сите модни дизајнери знаат да шијат

Ова е можеби еден од најдискутабилните митови. Во однос на ова прашање постојат различни гледишта,но реалноста е дека ретко кој од нив знае целосно да сошие и создаде одредено модно парче. Најчесто модните дизајнери се креативни директори, тие го смислуваат дизајнот, визијата и внесуваат индивидуални компоненти во целата колекција.

Мит 5 – моделството е гламурозна работа

Голем број девојки сонуваат да шетаат по светските модни писти или да бидат дел од едиторијали, но всушност не ја знаат реалната слика. Вистината е дека животот на манекенките се сведува на чекање од еден за друг кастинг, прегладнување, истоштување и чекање шанса да бидат забележани. Ретко кој од нив успеал да постигне светска слава и да постигне ниво до кое ќе може самата да ги диктира правилата за тоа кои понуди ќе ги прифати, а кои ќе ги одбие.

Мит 6 – Ана Винтур е ладна личност

Тоа што светот не е спремен да прифати дека се поголем број жени се на чело на компании и се независни во секој поглед, не значи дека се ладни во суштина. Ана Винтур е професионалец во својот домен и не случајно е водечка личност во модната индустрија.

Мит 7 – модните недели се глупави

Со директните преноси на модните ревии, пристапот на информациите никогаш не бил полесен. Но сепак, модните инсајдери единствено го знаат значењето на присуството во првите редови. Колку за пример ќе ви посочиме податоци од една студија направена за модната недела во Њујорк . Буџетот се зголемува за 20. 9 милиони долари само за една недела,  рестораните заработуваат 9, а хотелите 6 милиони долари.

Мит 8 – познатите личности се појавуваат на модните ревии бидејќи се големи фанови на дизајнерот

Понекогаш се прави грешка бидејќи се обрнува поголемо внимание на личноста отколку на моделот што го носи. Вистината е дека 99% од нив се платени да бидат дел од нечија ревија, но сепак само вистинските љубители на модата ќе бидат воодушевени од самата колекција, отколку од самото присуство на некоја позната личност.

Мит 9 – модните блогови и магазини се во служба на нивните соработници

Ова не е случај со секој магазин или моден блог. Во суштина магазините заработката ја влечат од рекламите, па доколку на пример Прада плаќа најмногу, тогаш има право да бира што сака и што не и одговара во однос на просторот кој и се отстапува на сметка на други соработници. Тоа е примерот со Вог, но Kinfolk и Cereal Magazine имаат сосема други креативни идеи кои ги ставаат во сферата на алтернативното новинарство.

Мит 10 – фотошоп насекаде

Рекламата за Dove Evolution е пример за трансформација со помош на фотошоп. Сепак во модната индустрија не се плаќаат моделите за да бидат целосно фотошопирани, туку напротив за да се искористи нивната убавина. Во тој случај, фотошопот се користи за помали детали кои во суштина се во функција на целосната фотографија.

Објавено:
7 мај 2014
Категорија: 
Стории