Десет работи кои ги научивме од модниот месец

2 октомври 2013

Изминативе месец  дена глобалната модна сцена се фокусираше на четири клучни дестинации: Њујорк, Лондон, Милано и Париз каде најдоминантните и светски познати дизајнерски имиња и бренодви ги презентираа своите колекции за сезоната пролет-лето 2014.

Бевме сведоци на фасцинантни модни шоуа, експериментални колекции, неконвенционална шминка и фризура, инвентивна улична мода, поделени мислења околу физичкиот изглед на манекенките, раскинување на долгогодишни соработки, опиплива уметност и многу потрошени пари.

 

Фантастична улична мода

Со истата еуфорија и возбуда со која се проследуваат официјалните модни ревии за време на Модните недели, со иста толкава доза на љубопитност се докуметираат и уличните стајлинзи. Во една помалку конвенцијална, а повеќе откачена и урбана варијанта, уличната мода привлекува огромно внимание.  Улицата станува писта од секојдневието.

 

Лондон најмногу експериментира

Ако Париз е синоним за гламур и софистицирана уметност, Лондон дефинитивно обожава да експериментира. Британската престолнина со сигурност може да ја прогласиме за најкул модна метропола. Наспроти класичната традиција на кралството, во модата не постојат строги ограничувања. Напротив, во колекциите на повеќе дизајнери забележавме тенденција да се избегне формалноста и клишеата. Маноло Бланик ни покажа како е да се биде неконвенционален, ама со стил.

 

Тотален контраст во однос на изборот на модели

Од екстремно слаби девојки до полни моделки кои се адаптираат на реалните услови на пазарот за жени со покрупни облини. Оваа година беше забележителен контрастот при изборот на модели.

 

Удобни чевли

Модните писти за следната топла сезона најавуваат удобност во однос на изборот на чевли. Во основа тие се сведуваат или на ниска рамна платформа или чевли на високи потпетици ама со дебела штикла. Класичните женствени чевли со тенка штикла ќе ги чуваме само за соодветни пригоди.

 

Позадината во преден план

Бевме сведоци на повеќе колекции каде особено е нагласен грбот, односно позадината на моделот е ставена во преден план.  Линиите во задниот дел беа во фокусот кај Роберто Кавали кој со дозирана нота на сексапил ни прикажа откриен грб,  додека Армани ни понуди една лежерна и елегантна варијанта.

 

 Неконвенционална шминка и фризура

Се чини дека клишеата, повторувањето и формалноста се најголем проблем  и страв дури и на светските дизајнери.  Тие ја користат секоја можност да се издвојат од мнозинството. Една од варијантите секако е и шминката и фризурата. Од Вивијан Вествуд  до Живанши кој на дел од манекенките им го прикри лицата со мистични маски, овие дизајнерски имиња за следната сезона предлагаат марсковски тенденции во изботор на шминка и фризура. Да се биде различен пред се!

 

Цветни мотиви засекогаш!

Трендот кој неколку сезони е неизоставен е дефинитивно флоралниот принт. Модниот месец кој изминува го потврди тоа.  Во различни варијанти, комбинации и техники, следната пролет повторно ќе ни биде во знакот на цвеќињата.

 

 Модните блогери во првите редови

Видливо оваа година  во првите редови помеѓу модните критичари, елитните купувачи и холивудските ѕвезди, беше резервирано место и за модните блогери. Доколку пред неколку години тие беа нова, свежа сила во модните кругови, сега дефинитивно го заземаат приматот на влијателни личности во модниот бизнис.

 

Филмска сценографија

Модните приказни се  комплетно раскажани единствено со соодветна сценографија. Годинава имавме можност да видиме изобилство од богата сценографија на која се посветило не помалку внимание колку и на самите дизајнерски колекции. Портретите од моќни жени искористени во сценографијата на Прада, се нашиот фаворит.

 

 Дали е ова крај?

Со оглед на тоа дека се повеќе дизајнери своите колекции ги изложуваат преку своите он лајн салони и интернетот го превземам приматот во светската продажба, дали може да очекуваме дека во иднина се почесто ќе се запознаваме со новите колекции на дизајнерите преку овој медиум? Класичните модни ревии сепак имаат единствена и неповторлива магија, која и покрај новите технолошки трендови и современите форми на презентација во блиска иднина сигурно се уште ќе бидат основната врска помеѓу привилегираната публика и брендовите.

 

 

 

Објавено:
2 октомври 2013
Категорија: 
Стории