Ирина Дишовска

Девојката што се искачи на гребенот на Матка боса и во фустан: Мојата моќ е тоа што сум жена!

12 август 2020

Низ социјалните медиуми деновиве е актуелно видеото со девојка која боса и во елегантен фустан се искачува по карпите на Матка. За некои ова видео и подвиг беа ризични и сметаат дека може да резултира со идеја кај некој што не е доволно подготвен, а за други воодушевувачки. Без разлика во која група спаѓате, факт е дека е вредно за внимание и е нешто несекојдневно, за што е потребна и храброст и секако комплетна подготвеност.

Ирина Дишовска е девојката која се осмели на вакво нешто. Во краткиот разговор за нашиот сајт позборувавме за идејата и реализацијата, за рушењето стереотипи и за тоа што сè може жена кога ќе науми.

-Идејата беше да се претстави женственоста и елеганцијата која несомнено ја поседува секоја жена, од една страна и моќта и издржливоста од друга страна. Токму поради тоа се направи перформанс кој ја спои женственоста со силата и моќта на жените - објаснува 28-годишната тетовка.

 И токму тој перформас е преточен во четириминутно видео кое можете да го погледнете ТУКА, кое веруваме нема да ве остави рамнодушни. На истаграм профилот на Дишовска пак, можете да ја погледнете и кратката верзија.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Irina Dishovska (@irinadisho) onJul 31, 2020 at 7:09am PDT

- За снимање на целокупното видео потребни беа околу 40 минути активно снимање со дрон. Меѓутоа, ќе напоменам дека на истиот тој гребен на Матка, веќе неколку години по ред секојдневно тренирам, најчесто го користам и како загревање пред качување на некои алпинистички насоки на Матка. Искуството што го стекнав во секојдневното искачување на овој гребен, ни помогна да го направиме ова видео за некое рекордно време, со оглед на тоа дека движењето беше со отежнати околности, во фустан и боса. Исто така, веќе и напоменав во описот на видеото, дека мојата физичка и ментална форма во моментов се беспрекорни. Така што, шансите за да се направи некоја грешка беа еднакви на нула. Во тоа најмногу поддршка и доверба имам од браќата Сашо и Гоце Николовски, од кои ги учев сите основи и техники на качување, инаку според мене едни од најдобрите алпинисти во Македонија во моментов. Во текот на снимањето и двајцата беа моја логистичка поддршка, односно качуваа на некои 40-50 метри позади мене, со нив имаа вода, и секако патики, шорц и маичка за да се пресоблечам штом заврши снимањето. Исто така, огромна поддршка во реализација на идејата добив и од Даница Стојановска, која е како мене планинарка, и со која сме апсолутно нераздвојни и сите замислени цели ги реализираме заедно. Голема благодарност до дронистот Дарко Данилов, монтажерот на видеото Саше Серафимовски, како и до фотографот Тоше Јанев кои професионално ја завршија задачата - објаснува Ирина.

Вели, коментарите со различни мислења не ја изненадиле.

-Да бидам искрена, очекував дека ќе има и позитивни и негативни коментари. Во секој случај, мнозинството беа коментари со поддршка, позитивни коментари и истите ми даваат само мотив плус да продолжам да работам на себе и да продолжам да ги реализирам моите идеи во иднина. А ги има многу :).Она што го сфатив од фидбекот, е дека дури и во ова време, кога интернетот и дигиталниот маркетинг го имаат најголемиот замав во светот, и се достапни скоро за секого во државава, сепак кај нас има одредена маса на луѓе кои не ги сфаќаат или не ги прифаќаат трендовите, уметничките перформанси и пораките кои перформерите сакаат да ги испратат до нив - посочува планинарката.

Фустанот во кој се искачува на гребенот на Матка е црвен, но симболиката на бојата воопшто не била во преден план при изборот на креација во која ќе го реализира перформансот.

 -Изборот на боја на фустанот не беше доведен во прашање во ниту една моја замисла. Едноставно го направив тој избор бидејќи моделот на фустанот одговараше најмногу, и во него движењата на нозете беа слободни. Од друга страна пак, црвената како боја мене ме асоцира баш на жена, и едноставно се поклопија и двете работи, што ме прави особено среќна.

Дел од кадрите навистина изгледаат фасцинантно и го одземаат здивот, што поради убавината на околината, што поради фактот дека Ирина се движи навистина високо. За тоа каков е нејзиниот однос кон стравот ќе рече:

-Самиот кањон Матка, за мене е волшебен. Неретко знам да кажам дека тоа е мој втор дом, бидејќи таму се чувствувам како да сум дома. Височината која го одзема здивот е токму тоа што ме тера да се качувам. Јас лично немам никаков однос со стравот. Тој кај мене не постои, колку и да Ви звучи чудно и нереално. :) Не знам дали се работи за нешто кое на човекот му е вродено, или се стекнува со тек на време, меѓутоа, моите емоции кога сум таму некаде високо, се среќа, љубов, адреналин...но не и страв.

И некако разговорот пак нè врати на она што за Ирина претставувало иницијална идеја - женственоста и моќта на жента. Тоа што ширум светот сè уште многу се зборува на оваа тема, според Ирина значи дека ниту жената, ниту нејзината моќ не се доволно разбрани.

-Секоја борба на жените за стекнување на било какво право во било која сфера, се смета за радикален феминизам. Генерално, треба само да се надминат стереотипите кои се однесуваат на нас жените, како понежен пол. Недоволно ценети, но не и потценети. Жените не може да бидат потценети кога од
нас зависи репродукцијата на целиот жив свет :). Меѓутоа, мое лично мислење е дека во светот има системски бариери, како и родови разлики и дискриминација во различни општествени сфери. Токму поради тоа, гледаме примери на жени кои на различен начин се борат за елиминација на ваквите бариери. Особено се стекнуваат овие разлики во конзервативни и ранливи средини, каде секое право на жените се смета за деконструкција на патријархатот. Причината се општествените уредувања пред неколку илјади години, каде патријархалните општествени уредувања даваат предност и права само на мажите. И иако со текот на годините жените се борат за своите права, и успеваат во тоа, сепак сè уште има останато траги од минатите векови, кои ете до денес не ни даваат мир :).

со Даница Стојановска

На крајот дојдовме и до тоа што смета дека е најголема моќ на жената, па оттаму и која е нејзината:

- Според мене најголема моќ на секое човечко битие е интелектот. Убавината на секоја жена е различна. Како остатокот од светот ја восприема надворешната убавина на една жена, е исто различно. Мотивацијата, решителноста и упорноста се исто така според мене, поголеми кај жените. Шармот и харизмата, се само дополнително оружје за да се добие она кон што се цели. Но, најмоќното нешто од сè е интелектот, без компромис. Секогаш и секаде. Жената, освен горенаведеното, поседува единствена благодет да создава нов живот во својата утроба. Моја најголема моќ е тоа што сум жена :).

 

фото: Toше Јанев; facebookscreenshot;

Објавено:
12 август 2020
Категорија: 
Стории
Прочитано:
52.875 пати