Друже Тито, љубичице бела...

25 мај 2016

Ден на младоста – ден на кој се сеќава секој пионeр и пионeрка. Ако првпат слушате за овој ден, тогаш прашајте ги родителите или бабите и дедовците што за нив претставувал овој ден, ќе дознаете дека ова е еден од највеселите и најсаканите празници во поранешна Југославија.

Во текот на четири децении (поточно 42 години, сè до 1987 година), Југославија секој 25-ти мај го славеше роденденот на Јосип Броз Тито. За некои Тито беше „најголемиот син на нашите народи и народности“, а за други злосторник, но сите се согласуваат со тоа дека Броз беше единствена појава и историска личност која и денес е присутна во колективната свест на народот.

И еве, 36 години по неговата смрт, во некои градови во регионот живее сеќавањето на празникот кој се славеше и како роденден на некогашниот претседател.

Иако Тито, официјално е роден на 7-ми мај, 25-ти е одбележуван како негов роденден. Централната манифестација секогаш се организираше на тогашниот стадион ЈНА во Белград, со учество на пионерите, младинците и припадниците на војската и морнарицата.

По тој повод, на Тито му се врачуваше штафета на младоста, која секој пат тргнуваше од друг град и република, но секогаш масовно дочекувана ширум градовите на некогашната Југославија. Идејата за пренесувањето на „штафетата“ всушност се родила од Миќо Јосиповиќ од Панчево во 1944 година.

По правило, штафетата на младоста, со прикладна честитка и желба за долг живот и здравјте, на Тито секогаш му ја врачувале најдобрите младинци.

Штафетата ги поврзуваше сите градови, патеки, планини, реки...

На првата штафета одржана во Загреб, во 1945 година, учествувале12.500 младинци, кои трчале траса долга 9.000 километри, а на Тито му е предадена „Сината книга“ со 15.000 потписи на младинците од Шумадија. Во 1957 година, на иницијатива на тогашниот претседател, ова случување е прогласено за „Дан младости“.

Штафетата во 1980-тата во пресрет на 88-от роденден на Тито, на денот на неговата смрт (4-ти мај) се прекина на пат по Хрватска. Дури и после смртта на претседателот, штафетата продолжува како симбол на љубов и почит на неговиот лик и дело.

Во 1987 година, поради штафетата избива скандал. Во Словенија тогаш е објавено идејно решение на љубљанското дизајнерско ателје „Нови колективизам“, кое всушност беше преправен германски нацистички плакат, копија на делото „Третиот рајх“ на Рихард Клајн.

Дури и решението кое на крајот беше усвоено, се разликуваше од претходните штафети. Изработено од плексиглас, со осум капки крв, од денешна перспектива за многумина претставуваат наговестување за почетокот на пролевањето крв на нашите простори.

Следната, 1988 година, последен пат на белградскиот стадион е одржана приредба по повод Денот на младоста.

Случајно или не, првиот кој на Броз лично му ја предаде штафетната палка беше претседателот на Централниот комитет на народната младина на Југославија, Мико Трипало, 1957 година. Последна која ја имаше таа чест е студентката од Приштина, Санија Хисени и тоа на 25-мај 1979 година.

После смртта на претседателот, манифестацијата доби име „И после Тито – Тито“.

За сите кои денес се присетуваат на носењето штафета и прославата на роденденот на Тито, сигурно ги паметат и големите хитови направени од најголемите поп и рок ѕвезди на Југославија, меѓу кои Здравко Чолиќ, Лепа Брена, Кемал Монтено, Неда Украден, Ѓорѓе Балашевиќ и многу други...

извор: blic.rs, modno.rs, index.hr, yugopapir.com

Објавено:
25 мај 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.249 пати