Џордан Дан: Тешката животна судбина на една од најплатените манекенки на денешницата!

1 септември 2014

Таа е прогласена за новата Наоми Кембел и една од најуспешните манекенки на денешницата со заработка од повеќе од 2.4 милиони долари изминатата година.

Каде и да се појави, Џордан Дан дефинитивно го привлекува вниманието на сите присутни, секогаш во совршени комбинации од последните колекции на светските дизајнери.

И додека на секој настан и модно шоу таа изгледа беспрекорно, многу малку луѓе ја знаат нејзината тешка животна приказна со која морала да се избори во текот на минатите години.

Нејзиното семејство се преселило во Велика Британија во раните 1960 – ти, како имигранти од Јамајка во потрага по подобар живот и перспектива за нивните наследници. Џордан пораснала во местото наречено Гринфорд, во западен Лондон, сама со нејзината мајка и двајцата помали браќа, откако  таткото го напуштасемејниот домуште додека таа сѐ уште била многу мала.

Судбината на сличен начин се поиграла и со Џордан. Таа останала бремена на само 18 години од нејзиното момче – дилер на дрога, кој бил уапсен два месеци по раѓањето на нивното дете. Нејзиниот син Рајли се родил со многу сериозна анемија и нарушување во крвта, нешто што го наследил од  Џордан.

Раѓањето на  Рајли се случило во блескавите почетоци на нејзината кариера. Непосредно пред 2007 – та година таа заедно со нејзината мајка го потпишала првиот договор со модна агенција од Лондон и зачекорила на модните писти во Њујорк.

Во 2008 – та година, моделката одржа неверојатен говор за прашањето на ангажирање на црни модели во светот на модната индустрија, со што  доби и огромно внимание и пофалби од јавноста.

„Лондон не е бел град, па зашто тогаш модните писти да бидат бели?“, рече тогаш неверојатно храбрата и инспиративна млада мајка Џордан.

Неколку недели подоцна, таа стана првата црна девојка што беше заштитно лице на Прада по Наоми Кембел во 1997 – та година. Неколку месеци подоцна, беше прогласена и за модел на годината од страна на Британските модни награди.

Токму во најблескавите моменти од нејзината кариера, по само две години активно работење на модните писти, го роди синот Рајли, за кој подоцна ќе каже дека е нејзиниот најголем благослов. Веста дека е бремена ја дознала за време на патувањето со нејзиното семејство кон родната Јамајка.

„Тоа беше моето најлошо патување во животот. Моментот кога и ја кажав веста на мајка ми беше неверојатно емотивен. Тоа беше она најтешкото што морав да го направам во животот. Таа ме родила мене многу млада, се обвинуваше себеси дека истото ми се случува и мене, но тоа беше само моја вина“, вели Џордан.

Таткото на  Рајли, тинејџер од Северен Лондон, со кој таа се забавувала неколку години, воопшто не бил човекот со кој таа можела да гради стабилна иднина. Нејзината мајка била таа која и помогнала да го одгледа Рајли, додека неговиот татко бил уапсен за поседување на дрога.

Само 10 недели откако се породила, таа се вратила на модните писти похрабра од кога и да е, иако ќе каже дека се чувствувала многу лошо и тешко одвнатре.

„Сфатив дека доколку сум успешна и се вратам на работа, тоа многу ќе му помогне на мојот син. Сѐ што правев, правев за него“, вели Џордан.

Како црна жена во свет полн со бели и неверојатно успешни модели, нејзините ангажмани и достигнувања во кариерата се неприкосновени.

Неодамнешното признание од магазинот Форбс кој ја смести Дан во редот на најуспешните и најплатени модели на денешницата, доволно кажува за нејзиниот огромен успех. Денеска, таа е една од најангажираните светски модели, со едиторијали за Балман, Викторија Сикрет, Прада, Кристијан Диор и уште многу други светски брендови, а ние длабоко веруваме дека светот ќе слуша уште многу за неа.

Ние едноставно ја обожуваме!

Објавено:
1 септември 2014
Категорија: 
Стории