Експертиза: Како да се менаџираат брендовите што ќе ја преживеат кризата?

11 август 2020

Историското искуство нè учи дека, по глобална криза, модната индустрија продуцира иновации што револуционерно го менуваат пејсажот на можности (сетете се само на револуцијата што во женскиот плакар ја направи Коко Шанел, по Втората светска војна). Тие што создаваат иновации, отвораат нов пазар, другите ги следат и така сè почнува одново, а болното ткиво се регенерира.

На тема: Како да се менаџираат брендовите после кризата, експертот за брендирање и директор на престижната образовна установа за мода во Фиренца, „Polimoda", дава свое стручно видување во интервју за магазинот Business of fashion.

На многу едноставен, разбирлив и корисен јазик, експертот ги срочува сите корисни информации што во време на непредвидливост, криза и неизвесност, се од клучно значење дури и за најдобрите играчи во модниот бизнис.

Данило Вентури, фото: Federica Fioravanti


Модата беше „болна" уште пред Ковид-19

„Модната индустрија беше „болна" уште пред Ковид-19: преголемата продукција не е добра за планетата, тензијата во продажбата не е добра за меѓучовечките односи и релации, а и суфицитот на облека ја негира есенцијата на модата", вели експертот и потенцира дека вредности кон кои треба индустријата да се насочи се одржливост, различност и автентичност.

„Брендовите треба да се фокусираат на вредности како припадност, експресија и слобода, односно слобода на експресијата. Од модните брендови се очекува да бидат едукативни и да понудат можности и содржина, не само продукти и реклами...", додава Вентури.

Креативноста и човечките ресурси први, финансиите втори

Човештвото периодично се соочува со макро настани што резултираат со глобални промени. Од падот на Берлинскиот ѕид, глобализацијата, интернетот, финансиските кризи, интернационалниот тероризам и сега пандемијата, сите се рефлектираат со коренити трансформации во општеството.
„Модата е културна индустрија и затоа профитот треба да биде последица, а не „моторот" што ја движи. Всушност, да се биде флексибилен во однос на ваквите настани, треба помалку бирократија и планирање. Во тој контекст, Гучи и Сен Лоран реагираа на примерен начин. За да дојдеме до есенцијата на лекцијата: креирајте, продуцирајте, покажете и дистрибуирајте само тоа и тогаш кога го чувствувате...", советува експертот.

Да ги искористиме лекциите од претходните глобални кризи во амортизацијата на последиците од актуелната криза

„Историјата нè учи дека во време на голема криза, модата ги продуцира најдобрите иновативни решенија... Во Италија имаме неколку примери, како Ферагамо користеше сосема нови, иновативни материјали за обувки меѓу двете Светски војни, а Армани комплетно ја редизајнираше машката мода... Во време на криза, не треба да се фокусираме на маргиналниот раст, туку на големите иновации и наместо на штедењето, треба да се посветиме на инвестирањето. Иноваторите креираат нов пазар, другите ги следат и така модата пак стартува", објаснува Вентури.

Пет принципи на маркетингот

1. Не фокусирајте се на сегменти
2. Фокусирајте се на големата слика и на идејата да креирате нови можности
3. Обликувајте го вашиот бренд како да е личност во која може да се рефлектира карактерот на клиентот
4. Помалку квантитет, а повеќе квалитет во комуникацијата. Површниот маркетинг се смета за „спам"
5. Не притискајте, туку повлечете

Добриот продукт секогаш зборува за себе.

Модата не постои без физичка интеракција

Модните шоуа и настани во живо, со непосреден контакт со публиката, дефинитивно и во иднина ќе имаат смисла. Или, како вели експертот, модата не постои без физичка интеракција. Иако дигиталната трансформација на модната индустрија се забрза и е неизбежна, сепак во природата на модната индустрија е непосредната комуникација. Облеката сепак ја носиме на себе, говори за нашата релација со другите и е дел од нашиот идентитет. Екранот не може да ја долови нејзината комплетна есенција, затоа иако можеби во модифициран формат, непосредната релација е неизбежна.

 

Објавено:
11 август 2020
Категорија: 
Стории
Прочитано:
908 пати