Elastic Heart на Сиа: Контроверзно видео или чиста уметничка форма!?

9 јануари 2015

За време на празниците, австралијската музичка ѕвезда Сиа ги почести своите обожаватели со видео за нејзината последна песна Elastic Heart со кое предизвика бура од спротивставени ставови на социјалните мрежи.

И додека многумина веднаш по објавувањето на видеото ја осудија пејачката дека истото е олицетворение на педофилија, таа веднаш појасни дека се работи за чиста уметничка форма.

„Им се извинувам на сите оние кои почувствуваа дека во видеото има нешто што ќе вознемири било кого. Шиа и Меди беа единствените за кои верував дека ќе можат да ги интерпретираат улогите онака како што сакав. Мојата намера беше да направам едно уметничко, емоционално видео, а не да вознемирам било кој“, напиша пејачката на нејзиниот Твитер профил.

Видеото за Elastic Heart на некој начин е продолжение на она за нејзината фасцинантна Chandelier, во кое 12 – годишната Меди Зиглер му ги покажа на светот нејзините неверојатни танчерски и актерски способности.

Во ова видео, контроверзната пејачка го најми шармантниот 28 – годишен актер Шиа ЛеБјоф за кого многумина ќе кажат дека ова е неговата најдобра улога досега. Целата кореографија за видеото ја подготви самата Сиа со помош на нејзиниот долгогодишен соработник со кого работеше и на Chandelier, кореографот Рајан Хефингтон и режисерот Даниел Аскил.

И додека многумина посочуваат дека поради интимните моменти во видеото помеѓу 28 – годишниот Шиа и 12 – годишната Меди и поради, можеби оскудниот изглед на актерите, во видеото има моменти на педофилија, останатите истакнуваат дека истото е уметничка форма на едно многу високо ниво!

Иако многумина посочија дека актерот и малото девојче всушност ја претставуваат бурната врска помеѓу пејачката и нејзиниот татко, таа веднаш изјави дека видеото воопшто не е поврзано со таа приказна и уште еднаш истакна дека тоа е олицетворение на уметноста каква што таа ја замислува.

Изборот на младиот актер за видеото дојде сосема очекувано, со оглед на неговото проблематично минато со кое можеби пејачката на некој начин се поистоветува. Неговата мајка била тврдокорна хипи девојка, додека неговиот татко бил зависник од хероин кој многупати го малтретирал. Во неколку наврати, и повеќе од очигледно е дека актерот тотално се соединува со неговата улога во видеото, сакајќи да ги избрка сите лоши спомени од неговиот ум!

Како и да е, без оглед на проблематичното минато на актерот, малата Меди или пак самата Сиа, видеото е дефинитивно вистинско уметничко дело во кое секој може само да ужива. Истото е неверојатно олицетворение на вистински емоции што не секој може да ги долови дури и преку екраните. Проследено со одличната музика и текст на кои веќе навикнавме да ги очекуваме од Сиа, Elastic Heart е целосно парче за кое веруваме дека уште многу долго ќе се полемизира, а ќе биде издвоено и со многу награди.

На самиот крај, видеото е синоним за несекојдневни фасцинантни танчерски способности на двајца млади луѓе, синоним за совршени актерски способности и една поинаква приказна за борбата со злото и збогување со нешта во животот на кои секој од нас сака да заборави!

Објавено:
9 јануари 2015
Категорија: 
Стории