Елеганцијата во модата од почетокот на 20-от век, што денес ни недостасува

13 јуни 2019

Модата во првата половина на 20-от век била револуционерна. Тогаш е поставен основнот модул на современата модна индустрија, што понатаму низ историјата ќе доживува реинвенција и трансформација.

Тенденциите што го карактеризираат модниот свет во почетокот на минатиот век, постојано се реплицираат со осовремен израз во денешницата. Така, воопшто не е за чудење ако ги разлистате модните фотографии од тој период и ги препознаете трендовите што се присутни сега, век подоцна.

Ретро естетиката ја доживува својата модернизација, но сепак новите генерации сами пред себе ќе признаат дека, елеганцијата што тогаш била сеприсутна, денес е исклучок и во многу наврати ни недостасува.

Модата има сериозно социолошко влијание што профилира цели генерации и остава печат на вредносниот систем, па токму преку нејзиниот развој може да се согледуваат карактеристиките на одредена година, деценија, време...

Токму затоа, модата во почетокот на 20-от век диктира суштински промени што засекогаш ќе го променат сфаќањето пред сè на улогата на жената во општеството.

По Првата светска војна, жените од домаќинки преминуваат активно во „светот на мажите", со секојдневни работни обврски надвор од домот. Тоа ќе ги ослободи и од менталните и од физичките стеги. Корсетираната, често неудобна облека, се трансформира во практична, сведена на кроеви кои на жената и овозможува примарно, да се чувствува удобно во своја кожа. Во тој контекст фасцинантна е улогата на Коко Шанел, која е првата жена дизајнер во „машки панталони". И после неа во модната индустрија, ништо не е исто... Но, во тој период елеганцијата останува секогаш видлива, како културен кодекс, како есенција на женственоста, како воспитување, карактер и став.

Фото: Пинтерест

 

Објавено:
13 јуни 2019
Категорија: 
Стории
Прочитано:
705 пати