Приказни од градот

Есенски декорации: Русинката Оља ја започна својата креативна приказна во Македонија

28 октомври 2020

Оља е 25 годишна девојка од Русија. Денес живее во Македонија, а тука ја донела љубовта.

Со неа се запознавме благодарение на Инстаграм профилот што го води, @cottonkingdom_mk, каде ги пласира своите рачни изработки, декоративни аранжмани за домот.

„Пред да дојдам тука, работев за луксузна компанија за крстарење. Беше тоа прекрасно искуство и период во мојот живот, можност да го видам светот. Но, најубавото од се’ на крајот е тоа што таму го запознав мојот сопруг. Тој е Македонец – ја почнува својата приказна Оља.

Двајцата склучиле уште неколку договори за работа, со план после тоа да завршат со тоа поглавје во животот и да пробаат нешто ново.

„Во меѓувреме, светот запре и ни ги промени плановите, па затоа одлучивме да останеме во Македонија. Знаејќи дека ќе бидеме тука подолг период, одлучив да почнам да правам нешто што отсекогаш сум посакувала, но немав шанса да го направам, да создавам креативни работи“, признава Русинката.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Unique Shop of dried flowers (@cottonkingdom_mk) onOct 4, 2020 at 2:42am PDT

Така започнува со изработка на креативни аранжмани од суви цвеќиња.

„Навистина е инспиративно и имам многу идеи. Но, морам да признам дека од ден за ден, се соочувам со потешкотии во однос на пронаоѓањето некои специфични материјали. Но, дури и со тоа, имам голема мотивација да создавам убави нешта. Тоа е мојата страст и ја работам со големо задоволство. Во моментов мојата работа се базира на природни суви цвеќиња, но имам и други идеи кои ќе ги имплементирам во иднина. Мојата најголема поддршка е мојот сопруг, тој е мојот глас, ми помага да го научам јазикот“, сподели Оља, која од она на што имавме можност да посведочиме, засега одлично се снаоѓа.

„Од неодамна почнав да го разбирам јазикот подобро, но се’ уште не можам да зборувам добро на македонски. Сепак, прашање на време е кога и тоа ќе го совладам“, оптимистична е младата креативка.

Нејзините аранжмани можат да бидат совршен сезонски украс во домот, а оттаму ни откри и каков стил преферира кога е уредувањето на просторот во прашање.

„Мојот омилен стил е Скандинавскиот. Се пронаоѓам во него, бидејќи генерално се базира на светлина и топлина, удобност, што сакам и во мојот дом“.

Иако вели не завршила флористика и нема стручни познавања, при создавањето на креативните аранжмани за сега одлично се снаоѓа:

„Имам талент за креативни изработки, имам интуиција која ми ја одредува вистинската насока. Одбрав да работам на ваков начин и со вакви материјали, бидејќи сувите цвеќиња имаат една предност – никогаш не умираат. Можат да ги радуваат луѓето многу години. Исто така, нема потреба да се грижите за нив, не им треба ни вода ни сонце и се совршена и уникатна декорација“, објаснува Русинката, која смета дека тоа се и повеќе од доволни причини да се избере ваков тип на разубавување на животниот и работниот простор.

На нејзиниот инстаграм профил видовме и комбинации со памук, сушен лимон, цимет, костени... аранжмани кои можат да бидат и совршен подарок некому.

Во продолжение погледнете некои од нејзините изработки:

 

Објавено:
28 октомври 2020
Категорија: 
Стории
Прочитано:
7.275 пати