Еволуцијата на шминката

11 јули 2013

Од египетската црна линија која се ставала под очите, па се до трендот на зачаден поглед денес. Ништо друго не може да ја истакне убавината на лицето како што тоа го прави шминката.

„ Во својата основа и постоење жената го има тоа право и моќ, дури претставува и нејзина обврска секогаш да ги  вчудоневидува и воодушевува мажите околу себе “, Шарл Бодлер.

 

 

Шминката има античко потекло. Дека тоа е така сведочат статуетките на Сумерите 4000 г.п.н.е., чии очи биле исцртани со црна боја. Козметиката и умешноста за шминкање, како и за правење шминки воопшто, влече корени и од древен Египет, каде на големо изненадување први кои почнале да ја користат се мажите. Обично, се шминкале кога имале важни поводи, како што биле на пример кралските церемонии. Најмногу се користел црниот молив, а се правел од темна боја во прав која била добиена со мелење на изгорени бадеми, олово и бакар, а на очите се аплицира со стапче со цел да им се даде облик во вид на бадем. Египјаните верувале дека очите се одраз на душата кај еден човек, а шминката служи за да ги заштити истите од инфекции.

 

 

И Римјаните го користеле црниот молив ама за шминкање на веѓите и трепките. Имено, тие се и првите пронаоѓачи на маските за убавина. Жените за да го постигнат ефектот на мека кожа како на лицето така и на телото, правеле мешавина од брашно, сушени плодови од овошки, ароматични листови, мед и млеко. Вака подготвената смеса ја нанесувале на телото и лицето.

 

 

Култот на убавина бил неопходен услов во Античка Грција. Како жените, така и мажите тежнееле да стигнат до целта на физичко совршенство. Жените откако ќе се искапеле во миризлива купка, го мачкале телото со етерични масла од роза, а лицето го чистеле со креми кои ги носеле Египјаните на нивните пазари. Шминката им била едноставна и елегантна, а се состоела од блескав тен, зацрвенети усни и нагласени црни трепки.

 

 

Во времето на владеењето на кралицата Елизабета I, нанесувањето шминка на лицето, почнува да го добива епитетот: „лошо здравје“.Често се велело меѓу луѓето дека жените ја користат шминката за да ја скријат болеста на нивните лица. Чистото лице и природниот изглед биле главни одлики во епохата на романтизмот. Постоело верување во тој период  дека чистото лице е асоцијација на чисто тело и чиста душа, па така и жените кои го негувале природниот изглед се сметале за лојални и незагадени.

 

 

Во времето на Викторијанската доба, шминката добива друга димензија и станува синоним за проститутки и актерки. Козметичките препарати и природните производи за нега на кожа и го одземаат приматот на шминката. На почетокот на 1900 сè уште постоеле верувања дека бледата и светла кожа со зацрвенети образи симболизира добар живот, негувана и здрава девојка. А, пак темниот тен бил асоцијација на работничка класа.

После скоро три децении, во 1930, шминката почнува да се користи од страна на жените без разлика на тоа на кој општествен слој припаѓале, а за пример ги земале познатите икони Грета Гарбо и Марлен Дитрих.

 

 

Големите куќи за производство на декоративна козметика од калибарот на Макс Фактор, Елизабет Арден и Ревлон, со полни гради ја живееле ренесансата на нивното постоење и творење. Како најистакната во редот меѓу најдобрите, со заслужено место на врвот на листата е L’Oreal di Eugene Schueller. Ова е ерата на тенките веѓи, со нагласување на природните контури на лицето и усни во форма на срце, воведувајќи го таканаречениот апатичен изглед.

 

 

На крајот на Втората Светска Војна на голема врата се враќа оптимизмот, регенериран и обновен, создавајќи експлозија од бои, нијанси и тонови. Одри Хепберн е новата модна икона која го диктира новиот правец во историјата на шминката, револуционерниот мачкин поглед. Почнувајќи од тука, еволуцијата на шминката забележува вистински подем во годините кои доаѓаат.

 

 

Но сепак, останува на вас, вашата фантазија, креативност и стил да одлучите која шминка најдобро ви стои.

 

 

 

Објавено:
11 јули 2013
Категорија: 
Стории