Популарната пејачка FKA Twigs деновиве во искрен коментар објавен на нејзиниот Инстаграм профил изјави дека неодамна ѝ биле извадени дури шест тумори од матката на сериозна операција.
Пејачката вели дека ова ѝ ја уништило самодовербата како жена и имала потреба да го раскаже искуството јавно и да посочи дека сите жени кои се соочиле со оваа дијагноза и операција се големи борци.
Таа напиша дека туморите биле огромни и секојдневно чувствувала неверојатна болка, а докторите во болница ѝ рекле дека истите биле како да е шести месец бремена.
„Бев толку многу исплашена и покрај огромната љубов и поддршка што ја добив од пријателите и семејството, се чувствував сама, без трошка самодоверба“, напиша таа на Инстаграм.
Како што ќе каже, постојано се обидувала да биде храбра, но тоа биле невозможно и толку исцрпувачко на моменти што ја натерало да се посомнева дали некогаш ќе се чувствува исто во нејзиното тело.
„По неколку месеци, денеска играв повторно со мојата кореографка и се чувствував како старата јас по долго време и тоа беше магично“, напиша пејачката.
Имено, доктор Трејси Мајлс за Би-Би-Си објаснува дека во нејзиниот случај станувало збор за бенингни тумори кои растат на ѕидовите на матката.
„Истите се многу чести и може да се појават во различни големини. Ако се мали, многу често не знаеме дека ги имаме. Може да се болни и да крварат, но и да се повлечат по менопаузата“, објаснува таа.
Пејачката го заврши постот говорејќи им на сите жени кои се соочуваат со истата дијагноза дека не се сами и дека проблемот може да се реши.
„Сакав да ви кажам од моето искуство дека сите сте неверојатни борци и дека не сте сами. Можеме да поминеме низ ова“, вели FKA Twigs.
Извор: Би-Би-Си