Фотографијата која разнежнува, а зборува за загубата

29 април 2021

Хедер Боуман со години наназад ја планира својата бременост и родителство како самохрана мајка, па многу очекувано била изненадена и истовремено исплашена кога дознала дека е бремена со близнаци. Претходно имала неколку спонтани абортуси, меѓу кои и губиток на близначиња, а и' е дијагностицирана и ретка состојба на матката.

Токму затоа, кога докторите и' кажале дека срцето на нејзиниот син повеќе не чука во 17. недела од бременоста, Хедер била многу разочарана. Но, за доброто на ќеркичката која ја носела во стомакот, морала да мирува и да остане прибрана. 

Кога малата Лети се родила здрава и жива, Хедер посакала убави фотографии од девојченцето и по препорака се обратила кај фотографката Џесика Јанг.

Откако Јанг ја слушнала нејзината приказна, смислила прекрасно креативно решение за фотосесијата, а штом Хедер го видела сетот, останала без зборови. 

Јанг ја објавила фотографијата од малата Лети како лежи покрај местото каде би требало да е сликано и нејзиното братче, но таму сега има само ангелски крилја. 

„Лети постојано гледаше кон местото каде би лежел брат и', а јас имам чувство дека тој секогаш ќе биде тука да внимава на неа. Фотографијава ми е скапоцена и ќе ја чувам целиот живот, а одвај чекам да и' го раскажам на Лети ова неверојатно патување,“ изјави Боуман.

Објавено:
29 април 2021
Категорија: 
Стории
Прочитано:
929 пати